Анима мунди бара да се најде решение за мечето кое што во потрага во храна се спуштило во електраната Козјак, за повторно да се врати во дивината, каде ќе се контролира неговото движење. Според здружението, станува збор за мече за кое што пред неколку дена биле телефонски контактирани од лица кои од нив побарале дозвола за да чуваат мало мече во урбана средина. Тие рекле дека го пронашле мечето кога било премногу малечко за да преживее само и го земале со цел да помогнат.
„Ваквите обиди за помош во иднина целосно ги обесхрабруваме, затоа што дивината во младенчето и неговиот инстинкт за да преживее е уништен. Нашиот обид за да помогнеме беше залуден затоа што уште наредниот ден ни кажаа дека младенчето е однесено назад во дивина. Не сакаа да ни откријат точна локација. Затоа ги исконтактиравме Ловниот инспекторат како и АХВ кои ни излегуваат целосно во пресрет и ни даваат целосна поддршка за да заеднички изнајдеме решение како младенчето повторно да се врати во дивина – се надеваме во скоро време дека ќе може и да го обележиме со цел да се контролира неговото движење“, информираат од здружението.
За судбината на мечето, Анима мунди дознале дека вчера беше споделена информација и фотографии по кои се лоцираше младенчето, кое, во потрага по храна се спуштило во електраната Козјак. „Земајќи го предвид искуството на Хрватска и мечките кои живеат во близина на луѓето, одговорно тврдиме дека е возможно ова младенче да се адаптира и да живее нормален живот во дивина. Со цел да го задржиме на нашата територија, а воедно и да ја вратиме дивината и инстинктот во Медо апелираме до целата јавност да избегнувате секаков директен допир со младенчето“, велат од здружението.
„Не го хранете од рака. Под ова не подразбираме воопшто да не се обезбедува храна за младенчето, напротив. Премногу е мало за да знае само како да дојде до храна, а ги прескокнало основните лекции во животот од мајка си како да ја најде. Затоа можеме сите да го научиме како да дојде до храна, само со наша мала дисциплина. За ова ни сте потребни сите планинари, бајкери, алпинисти и рекреативци. Секоја храна што ја имате и ви е наменета за него- закопајте ја подалеку од места каде што се движат луѓе, а сепак блиску за да ја најде, во длабочина од 5-10 сантими. Имаат неверојатно сетило за мирис. Мечките се хранат и со одредени корења од растенија, на тој начин го учите да ја откопува храната. Можете да ја сокриете во грмушка. Најдобра опција за грмушка ви е некое
растение кое дава плодови на пример малина, капина…“, апелираат од здружението. Според нив, на територија на земјава се останати се околу 160-200 мечки. Бројот е премногу мал и да не дозволиме да изгубиме една драгоцена и прекрасна единка.