Site icon GoExplore

Лековитата моќ на водата

Бројните минерални и термоминерални извори кои постојат во земјава, лоцирани во најпејсажните и живописни шумски предели, отсекогаш биле свртувалиште на голем број случајни минувачи, но и на оние кои барале спас во лековитата моќ на водата.Околу нив не случајно од дамнина се граделе лекувалишта, бањски објекти и спортски терени, се со цел да се привлечат што поголем број посетители. Од некогашните римски и турски бањи во земјава, во функција е останата само Пашината бања во Негорци, која и ден денес се користи за лекување и релаксација.

Во план е и ревитализација на некогашниот турски амам кај Катлановска бања, со што овој објект, од кој се останати само рушевините, повторно би бил ставен во функција на збогатување на понудата и развој на бањскиот туризам во земјава, за кој постојат огромни потенцијали.

Сегашната состојба на дел од бањите не ветува многу, со оглед на тоа дека располагаат со руинирани објекти и базени, разјадени од забот на времето. Тие се уште се само природни лекувалишта, кои се користат за санирање на определени болести, како и за терапевски третмани во постоперативните фази. Функционирајќи како јавни установи, под капа на државата тие до скоро беа само „продолжена рака на болниците”.Но, по нивната транформација, која е започната од пролетва, дел од бањите се приватизираат и започнуваат да ја развиваат и спортско-рекреативната дејност, што отвара нов прозорец кон неискористените можности на ова богатство, дарувано од природата. Во Македонија има околу 64 извори со различна температура на водата која се движи меѓу 20 до 72 степени целзиусови. Тие се богати со сулфур, фосфор, арсен, јод, бром и други елементи, кои имаат лековити физиотерапевтски својства. Во земјава постојат осум бањи: Бања Банско – Струмица, Бања Кежовица – Штип, Бања Негорци – Гевгелија, Бања Бања – Кочани, Проевска бања – Куманово, Бања Бањиште-Дебар, Бања Косоврасти – Дебар и Катлановска Бања -Скопје. Во нивна непосредна близина или во рамките на комплексот се наоѓаат хотели, мотели и други сместувачки капацитети со придружни физикално–рехаблизитациони центри. 

БАЊА БАЊСКО
На патот кон граничниот премин Ново Село,Струмичко, на границата со Бугарија се наоѓа природното лекувалиште Бања Бањско. Таа е одалечена 30 километри од границата, додека од Струмица ја делат само 12 километри. Во нејзина близина има 13 природни извори со големи резерви подземна вода чија топлина достигнува до 72 степени целзиусови. Оваа вода успешно се користи за лечење на болести на системот за варење, дијабетис и женски болести.Во бањата има Центар за рехабилитација, каде е ангажиран и медицински персонал.
Во рамките на бањата се наоѓа хотелот „Цар Самуил”, сместен во  подножјето на планината Беласица. Овој хотел е од Б категорија и располага со 165 кревети, комплетно опремен дел за болничка терапија и медицинска рехабилитација, како и други простории од спортско-рекреативен и забавен карактер, полу-олимписки рекреативен базен, трим кабинет, сала за билјард, пинг-понг,шах, снек бар, кафеана со жива музика, диско и ТВ сала.
Поради умерено-континенталната клима која преовладува во регионот кој изобилува со околу 230 сончеви денови во годината, како и богатството со хипертермални минерални извори со температура на водата од 47° С до 72°С, ова природно лекувалиште се користи уште од римско време. Богатите и разновидни шуми и чистиот воздух околу објектот, овозможува релаксација и лекување на сите видови на ревматични заболувања, ишијалгии и полиартрити, болести на органите за варење (чир, гастрит, заболувања), состојба после фрактура на коските, состојба на прележана жолтица, нервни заболувања, женски гинеколошки заболувања (стерилитет, воспаление на јајниците).
НЕГОРСКА БАЊА
Во непосредна близина на Гевгелија, покрај регионалниот пат Солун – Скопје  се наоѓа бањата Негорци. Сместена е во подножјето на планината Кожуф, на надморска височина од 50 метри, на 3 километри од Гевгелија и на 6 километри од границата со Грција.
Во околината на бањата има три природни извори со големи резерви подземна топла вода. Водата во бањата има медицински својства за седум видови на болести. Нејзините термоминерални извори околку кои се изградени бањските објекти се јавуваат на десната страна на реката Вардар, во подножјето на планината Кожуф, меѓу селата Мрзенци и Негорци на надморска височина од 60 метри. Во регионот на Бањата  има две води: “Врела Бања” со температура од 40°С и “Ладна бања” со температура од 38°С.
Бањата е лековита за сите видови ревматски заболувања на зглобовите и мускулите; пореметување на менструалниот циклус (стерилитет); гастроинтестинални заболувања; заболувања на кардиоваскуларниот систем; воспаленија на периферниот нервен систем; разни видови на дерматолошки заболувања. Со пиење на сулфурнокиселата вода се лекуваат воспаленијата на бубрезите, гастритис и почеток на чир во желудникот. Бањата е опремена со модерна апаратура за електро-терапија; кинеска и парафинска терапија, како и подводна масажа.
Негорските термоминерални извори се од вулканско потекло.Се јавуваат на терен кој е покриен со аловијално терасести седименти, врзани за расед. Тој има карактер на термална линија, при што на повеќе места се јавуваат термални извори. На длабочина од околу 20-50 метри, термоминералната вода во вид на млаз избива на површината на теренот, а со тоа е докажано дека покрај постоењето на термалната вода по природен пат во Негорски бањи се јавува и артерска-термоминерална вода. Овие термоминерални води имаат висока температура која кај одделни извори е различна и се движи меѓу 36 степени кај ладната бања до 43 степени кај новата каптажа. Вкупното богатство на сите три извори, ладната, топлата бања и новата каптажа, изнесува 1,80 литри во секунда.Водата од новата каптажа е најслабо минерализирана, додека најголема минерализација има водата од топлата бања. По својот хемиски состав овие извори содржат сулфур, железо, флуор, хлор, магнезиум,. За оваа бања карактеристично е тоа што е единствената бања во земјава која располага и со термална кал, која се наоѓа на околу 500 метри јужно од термалните извори. Таа е ситнозрнеста, скоро црна со светло-темни честички од растително потекло со температура од 34 до 36 степени, со што е мошне погодна за плеоидна терапија. Присуството на оваа термоминерална кал во Македонија создава услови за проширување на терапевтските можности во Негорски бањи.
Во минатото помасовната употреба на лековитите својства на оваа вода почнала од крајот на 19 век и почетокот на 20 век, во времето кога на овие простори господарел Шукри Паша, висок достоинственик на турската империја.Тој изградил зграда со два базена и соба за одмарање. Во првиот базен се бањал тој, а во вториот неговите девет жени. Едниот базен е поголем со тркалезна форма, а другиот е во форма на коцка. Базените во оваа зграда и денес се користат и се нарекуваат “Пашина бања”.
Околу бањите има редок примерој на црн јасен, кој е одличне прочистувач на воздухот и разубавувач на околината На оддалеченост од 27 км се наоѓа локалитетот “Смрдлива вода” каде Негорски бањи имаат свои објекти на надморска височина од 730 метри. Бањата има спортски терени, а благата зима прави идеални услови за спортско- рекреативни подготовки. Комплексот е составен од три хотели од “Б” категорија- “Јасен” со 150 легла; “Илинден” со 100 легла; и “Бужор” со 80 легла, каде цените се движат од 650 до 1200 денари за дневен престој, а 50 денари се плаќа само за едно бањање.
ДЕБАРСКИ БАЊИ
Бањите Косоврасти и Бањиште, уште попознати како Дебарски бањи се наоѓаат во непосредна близина на градот Дебар. Водите чија температура се движи меѓу 38 до 48 степени, содржат сулфурно-силфидни елементи. Погодни се за лекување на ревматични заболувања, зголемен крвен притисок, кожни заболувања и дијабетис.
Дебарската бања – Бањиште се наоѓа на 4 км од Дебар и е позната по својата лековитост и радиоактивност. Лековитото дејство на термо минералните води произлегува од хемискиот состав кој содржи сулфат, многубројни ретки елементи, хипертермалност, содржини од растворени гасови и висока радиоактивност. Во рамките на бањата работи Центар за физикална медицина и рехабилитација. Во рамките на бањата има сместувачКи капацитети и базени за физикална терапија. Бањата е поврзана со директна автобуска линија со Скопје, Тетово, Битола, Охрид и Струга.
Втората дебарска бања Косоврасти се наоѓа во долината на реката Радика, 8 км источно од Дебар,  на патот за Скопје, на надморска височина од 55 м. Живописната долина на реката Радика и свежината која доаѓа од пенливата вода, како и самата локација на бањата на брегот на едно од најубавите вештачки езера во земјава –  Дебарското, на посетителите им овожможува целосна релаксација и уживање. Термоминералната вода според количината на сулфурот се наоѓа на прво место во Европа и воедно е и најрадиоактивна, што овозможува лекување на широк спектар на болести. Во рамките на бањата работи Центар за ревматизам и медицинска рехабилитација.
КАТЛАНОВСКА БАЊА
Сместена покрај жуборливите води на реката Пчиња, околината на Катлановската бања отсекогаш била свртилиште за викенд прошетки, прослави на празници, пикници,а самата бања е позната за лекување на ревматизам и стерилитет.  Таа се наоѓа на 23 км југоисточно од Скопје, на околу 3 км од автопатот Белград-Скопје-Атина, на 230 м надморска височина. Ова лекувалиште е пријатно за престој поради умерената континентална клима и свежиот планински воздух од околните ридови.
Катлановската Бања за разлика од природните лекувалишта, претставува Центар за долготрајно лечење и рехабилитација. Моментално дел од објектите се во запуштена и руинирана состојба, но во план е целосно обновување и санација на капацитетите, а пред се на базените и сместувачките капацитети. Бањата е опремена со најсовремени медицински апарати и инструменти, за вршење на сите терапевтски типови на физикална медицина и медицинска рехабилитација.Оваа бања е најспецифична во Европа. Спаѓа во групата на алкални бикарбонатни води, високо минерализирани, поради што водата што се користи во базените, не се употребува и за пиење. Водата во базените(машкиот и женскиот) се доведува од изворот преку цевка долга 960 метри.Изворот е длабок 85 метри и таму водата е со температура од 64 степени.Во базените водата се движи од 37 до 38 степени.
Околу бањата има многу природни извори со различен степен на термалност и минералност, кои се користат за лечење и рехабилитација. Дел од изворите, богати со сулфур, се користат за пиење и за лекување на органите за варење. Оваа бања со своите минерални и термоминерални води успешно лекува дигестивни болести, болести на дишниот систем, срцево-крвните заболувања.
БАЊА БАЊА/ БАЊЕ
Бањата “Бања” се наоѓа на само 5 километри од Кочани, а од најблискиот граничен премин е одалечена 66 километри. Располага со  термоминерални води со температура од 70 степени, кои се спуштаат и до 37 степени. Таа има одлични својства за лекување на дигестивни, кожни и ревматични заболувања, како и заболувања на црниот џигер.
БАЊА КЕЖОВИЦА
На југоисточниот дел на излезот од Штип кон Струмица се наоѓаат извори на термални води, топли 62°С, радиоактивни со 42, 82 махови единици, со поволен хемиски состав – натриум хлорид, натриум сулфат или силициум оксид. Овие води се ефикасни при лекување на ревматизам, заболувања на зглобовите, нервни заболувања, шеќерна болест, болеста гихт, воспаленија на половите органи кај жените и мажите, неплодност и намалена потенција, дејствува против раното стареење, лекува разни кожни заболувања, артериосклероза, зголемен крвен притисок и др. Физикалната терапија е опремена на највисок степен во примената на најсовремени физикални методи и лекување. Оваа бања има здравствено рекреативен карактер и водите се користат пред се за пиење и капење.Покрај тоа, поради разновидноста на минералите и најголемата радиоактивност на водата на Балканот со температура од 57 до 70 степени се користи за инхалација и лекување на некои белодробни заболувања.
КУМАНОВСКА БАЊА или БАЊА ПРОЕВО
Бањата Проево се наоѓа во кумановскиот регион, на 3 километри од  Куманово и 13 километри од најблискиот граничен премин. Располага со  еден природен извор со температура на водата од 30 степени. Во бањата има олимписки базен и базен со минерална вода. Минералната вода од Кумановската бања има температура од 29-31С и содржи калциум и натриум. Оваа вода е лековита за нервни заболувања, дигестивниот систем,  бубрежните заболувања и дијабетис. Во рамките на бањата функционира хотелот „Кумановска бања”. .
Exit mobile version