Додека политичарите ги вкрстуваат копјата околу името, гевгелиските казина се раритетен пример како македонско-грчките односи можат перфектно да функционираат. Изминативе години честопати се заладуваа односите меѓу двете земји што влијаеше врз работата на пограничните казина. Но, дури и во најтешките услови за работа, блокади и политички пропаганди и притисоци, македонскиот Лас Вегас не ги затвори вратите за илјадниците играчи од Грција.
Младата сопственичка на гевгелиското казино „Аполонија“, Швеѓанката Марија Клинг, понекогаш сака да си ја испроба среќата на комар, но не во сопственото казино што има 25-годишна традиција на југот на земјава.
„Сакам понекогаш да се коцкам со пријателите од забава, но тоа го правиме во други казина. Не е добро за угледот на сопственото казино клиентите да ја гледаат сопственичката како се коцка. Но, секогаш кога одам во казино знам точно колку пари носам со себе и колку можам да си дозволам да потрошам за забава“, вели со насмевка на лицето наследничката на казиното, кое пред 25 години го отворил нејзиниот татко. Неговите пријатели на времето биле скептици дека во една ваква средина, каде што на коцкањето се гледало како на најголем порок, ќе може да успее хазардерскиот бизнис. Денес казиното „Аполонија“ во рамките на некогашниот хотел „Југо“ е второто по големина во Гевгелиско и е единствено што фигурира на светскиот листинг за казина во земјава.
„Пред 25 години, уште во бившата СФРЈ кога почнавме со работа, казиното се сметаше за голем грев. Никој не сакаше да работи тука, а најголем проблем беше да најдеме девојка за работа. Така отидовме дури до Радовиш, каде што успеавме да најдеме едно девојче што едвај ја научивме да брои до десет на англиски“, раскажува Аце Ристовски, кој од самите почетоци работи во казиното.
Во изминативе 25 години вработените велат дека минале низ многубројни премрежја – блокади, ембарго, заладени односи со Грција, кога се’ беше ставено под мраз. „Казиното во тоа време беше пред затворање, но, сепак, успеaвме да опстоиме до денес“, вели Ристовски.
Додека политичарите со години ги вкрстуваат копјата околу спорот за името, гевгелиските казина се раритетен пример како македонско-грчките односи и соработката можат перфектно да функционираат. Изминативе години честопати се заладуваа односите меѓу двете земји што влијаеше врз работата на пограничните казина. Но, дури и во најтешките услови за работа, блокади и политички пропаганди и притисоци, македонскиот Лас Вегас не ги затвори вратите за илјадниците играчи од Грција.
Ниту, пак, тие се откажаа од навиките со своите семејства викендите да ги поминуваат во македонските казината во близина на границата. Процените се дека за викендите околу 6.000 Грци влегуваат во земјава, а нивна крајна дестинација најчесто се токму казината. Во овој бизнис секоја година се вртат повеќе милиони евра, кои обезбедуваат вработување на најмалку 1.500 македонски државјани.
Луксузниот комплекс и казиното „Фламинго“ на самата граница со Грција, фасцинантниот објект на казиното „Принцес“, кој наскоро треба да започне со работа и најавите за изградба на раскошниот комплекс „Калифорнија ресорт“, раѓаат уште поголема надеж за регионот. Плацовите во пограничниот регион се продаваат како алва, а цената секојдневно расте. Сега нивите се продаваат и по 50 евра за квадратен метар, а новите сопственици само чекаат погоден момент за на тој потег да изградат ново луксузно здание. За десетина години визијата за македонскиот Лас Вегас би требало да стане стварност, а на сегашните запустени ниви да изникнат луксузни трговски центри, спортски терени, водени лудории и хотели.
Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, оваа визија веќе ја има пред свои очи. За таа цел, интензивно се урбанизираат 170 хектари во пограничната зона, на потегот од хотелот „Вардар“, па се’ до границата со Грција. Замислено е на 40 хектари странски инвеститори да градат мултинаменски трговски комплекс. На останатиот дел ќе се градат казина, хотели, угостителски комплекси. Нов хотел треба да никне и спроти бањата Негорци, во месноста Долна Корија.
„Целта е да бидеме што попримамливи за инвеститорите да градат на приватното земјиште што го купуваат. Државното земјиште, пак, ќе биде дадено на аукциска продажба“, вели Франгов.
Ако пред 25 години на казината се гледало како на ѓаволска работа, сега изградбата на македонски Лас Вегас е врвен приоритет за сите во регионот. Ваквиот пресврт на работите е сосема разбирлив. Гевгелија прераснува во еден од најразвиените региони, кој ја има најдоходната извозна индустрија. „Казината се од огромно значење за регионов. Станува збор за чист извоз, огромен прилив на девизи, вработување на младите од Гевгелиско, а од казината индиректно живеат околу 6.000 луѓе во регионот“, објаснува градоначалникот Франгов.
Во Гевгелија е се’ потешко да се најдат слободни работници. Општината има стапка од 22 отсто невработеност, што е меѓу најниските во земјава.
„Од работата во казината може добро да се живее. Платите во просек се движат околу 400 евра, но можат да бидат и многу пониски или далеку повисоки во зависност од позицијата“, велат вработените во казината.
Регионот живее процут во секој поглед. Грчките посетители што секој викенд буквално ја преплавуваат границата, се најпосакуваните гости. Токму тие и се таргет-групата на македонските казина, кои вложуваат големи средства за рекламирање во Солун и во околните места каде што живеат над три милиони луѓе.
„Тие доаѓаат да се забавуваат во казината, не предизвикуваат никакви проблеми, питоми се и често доаѓаат во градот на прошетки. Последниве години масовно ги посетуваат фризерските салони, стоматолошките ординации, зелените пазари, а почнаа да ги носат и автомобилите на поправки“, велат гевгеличани. На тој начин, преку казината посредно се развиваат и опстојуваат и другите индустриски гранки.
„Гевгелија се обидува да создаде услови за да привлече што повеќе инвеститори. Токму затоа одлучивме да издвоиме најмногу средства за урбанизација за да ги надминеме основните проблеми со кои се соочуваат инвеститорите“, вели градоначалникот Франгов.
Поволната геостратешка положба на регионот, железничката линија кон Солун, близината на ски-центарот Кожуф, Дојранското Езеро и Негорските бањи се одличен предуслов за забрзан развој на регионот.
„Принцес“ колку Четири спортски сали
Во непосредна близина на граничниот премин Богородица, при крај е изградбата на туристичко-угостителскиот комплекс на компанијата „Принцес“ со седиште во Швајцарија. Во впечатливиот објект што се протега на 30.000 квадратни метри доминира раскошното казино големо колку четири спортски сали. Објектот има четири надземни и едно подземно ниво, а е планирано да започне да работи напролет.Хотелот ќе располага со 120 соби, а комплексот ќе содржи и ресторани, базени, фитнес и шопинг-центри.
„Со изградбата на овој хотел ќе се отворат нови 700 до 800 работни места“, велат од „Принцес“, додавајќи дека интересот за работа во казината е голем.
„Станува збор за најголемата инвестиција во регионот од 30 милиони евра. Во комплексот ќе биде отворено најголемото казино на 4.000 квадратни метри, со забавни содржини, слично како во Словенија“, објаснуваат за „Утрински весник“ претставници на „Принцес“. Компанијата има околу 30 казина во светот, претежно во Средна и во Јужна Америка.
Општина Гевгелија е заинтересирана да го помогне реализирањето на проектот „Калифорнија ресорт“, една од најголемите инвестиции во земјава. Ова се ветувањата на гевгелискиот градоначалник Франгов додека на лаптопот ги прелистува фотографиите од проектот за изградба на најраскошниот комплекс во земјава. Сопственик на земјиштето од 50 хектари е Николаc Балајанис, Грк што живее во Австралија. Тој ги откупил плацовите за 500 илјади евра, а сопственик е на осум хотели во Нов Јужен Велс и во Јужна Австралија.
„Калифорнија ресортс“ е планирано да се гради на крајбрежјето на Вардар, на влезот во Гевгелија. Комплексот ќе располага со хотел на 13 ката, со 456 соби, 72 ексклузивни апартмана и 10 приватни апартмани со градини. Планирана е и изградба на трговски центар родео драјв на површина од 5.400 квадратни метри, спа-центар и здравствен центар, тениски игралишта, патеки за пешачење во Карамел градини што ќе го опкружуваат езерото Тахое.Комплексот ќе содржи и сопствен хелиодром.
Сопствениците на земјиштето на кое ќе се гради комплексот се во фаза на подготовка на документацијата за изградба на потпорниот ѕид на реката Вардар.
„Потпорниот заштитен ѕид од поплави ќе се гради во должина од 800 метри. Пред да започнат какви било градежни работи, фирмата ќе мора да постави ваква заштита, оти досега не сме имале случај да се гради објект веднаш до текот на Вардар. Станува збор за многу специфично место на кое треба да никне најраскошниот комплекс во земјава“, објаснува градоначалникот. Новите сопственици платија половина милион евра за купување на земјиштето, поради што од општината се убедени дека, и покрај светската криза, нема толку лесно да се откажат од изградба на планираниот комплекс.
„Фламинго“ – коцкарска оаза
Најавите за изградби на нови комплекси покрај границата ги поттикнува сопствениците на коцкарници да се борат со конкуренцијата и да вложуваат во зголемување на понудата, со цел да ги привлечат грчките гости. Во двете најпосетени казина во Гевгелија, „Фламинго“ и „Аполонија“, велат дека не се се чувствуваат загрозени од отворањето на новите казина, туку, напротив, сметаат дека тоа позитивно ќе влијае врз нивната работа. Тоа го објаснуваат со верувањето во коцкарската среќа.
„Коцкарите сакаат да шетаат од едно казино во друго, оти мислат дека ќе им се промени среќата. Откако ќе одиграат неколку часа и ќе почнат да губат, веднаш заминуваат во друго казино, со надеж дека таму ќе добијат“, раскажуваат познавачите на хазардерскиот бизнис. По таа логика, што повеќе казина во Гевгелија, толку повеќе профит за сите!
За викендите, според некои процени, околу 6.000 Грци влегуваат во земјава, а нивна крајна дестинација се казината. Најпосетено е казиното „Фламинго“, најраскошен и најлуксузен објект, лоциран на македонско-грчката граница.
Повеќето грчки гости доаѓаат за да се забавуваат во казиното. Тука им се нуди врвна услуга, гостите се служат со најквалитетното виски „чивас“, а ВИП- клиентите добиваат бесплатно ноќевање и бесплатна храна во ресторанот каде што се служи од пиле млеко. Но, една од најглавните причини зошто Грците од Солун и од околината се одлучуваат да дојдат во гевгелиските казина е гостопримливоста и пријатниот однос на вработените спрема нив, кои гледаат на им угодат и да им овозможат незаборавен престој.
„Наместо да одат во ресторан, грчките семејства се одлучуваат со 100 или 200 евра да поминат одличен викенд во Македонија – мажите да се коцкаат во казината, а нивните жени и децата да уживаат во спа-центарот“, велат вработените во „Фламинго“.
За гевгелиските казина најголема конкуренција е солунското казино „Хајат“, едно од најголемите во Европа, кое дневно го посетуваат и до 10.000 комарџии. Најголем дел од нив редовно ги менуваат казината во реонот, па по една ноќ помината во Солун, веќе следната знаат да допатуваат во Македонија или, пак, да заминат во бугарските казина. Но, додека во грчките казина се плаќа некоја симболична влезница, во македонските се’ е бесплатно. Во десетината казина во земјава им е дозволен влез на лица над 18 години.
Според познавачите на хазардерските игри, структурата на клиентелата што доаѓа во македонските казина последниве години е драстично сменета. Големи играчи има се’ поретко, а коцкарските маси се’ повеќе се полнат со средната класа играчи, кои трошат на ситно.
„Големите коцкари многу малку учествуваат во приходите на казиното. Кога ќе изгубат големи пари, се случува цела година да ги нема во казината. Но, затоа оние што играат на ситно, со 50 или 100 евра, се најчестите гости, од кои казиното секогаш има ќар“, велат познавачите на состојбите.
Казиното „Фламинго“ има 50 илјади регистрирани играчи, над 300 илјади годишно. Околу 300 од нив имаат ВИП-статус со посебни привилегии.
„При влезот во казиното секој посетител се фотографира, му се изработува картичка и се внесува во каталогот на гости. Нема ограничување на тоа колку пари можат да се внесат во казиното, но за над 10 илјади евра се преземаат дополнителни проверки и играчот мора да остави податоци за пасошот што го поседува“, раскажува нашиот домаќин во „Фламинго“, адвокатот на казиното, Никола Лазаров, додека шетаме околу масите за покер во салата со коцкарска купола, која е срцето на секое казино во Монте Карло и во Лас Вегас.
„’Фламинго‘ е дизајнирано да го задоволи и најистенчениот вкус на посетителите. На врвот на казиното се наоѓа приватен клуб за релаксација и дружење на високи гости, меѓу кои и многу политичари од земјава и од регионот. ’Фламинго‘ е единственото казино во земјава што има пентхаус, посебна просторија за максимални удопства“, вели Лазаров.
Токму во него почесно место има макетата на новиот комплекс што е во план да се гради. Станува збор за „Фламинго 2“ – проект со кој ќе се прошири секогашното казино, а ќе се градат и уште 140 соби, конференциска сала, концертна сала, два ресторана, катче за деца, базени, вотерленд, трим патеки, коњички клуб и терени за голф. Иако проектот е готов, неговата реализација, како што објаснуваат од казиното, не може да започне поради урбанистички проблеми, кои во иднина се очекува да се надминат.
Во моментот кога го посетивме „Фламинго“ беше преполно со гости. Во петок навечер сликата е секогаш иста. Грчки фамилии со луксузни возила или со специјални комбиња, кои тргнуваат од неколку локации од Солун и од околината, пристигнуваат во казиното каде што вечерта ја започнуваат во кафе-барот или во ресторанот. Дел од нив нестрпливо седнуваат зад слот-машините или на масите за рулет и џек-пот. Комарџискиот викенд може да започне!
Блек–џек, покер и рулет се традиционално најпримамливите игри за коцкарите, но како што успеавме да забележиме за време на нашата кратка обиколка на казиното, во кое фотографирање е забрането, се’ поголем број од грчките повозрасни играчи се навлекуваат на слот-машините со видеоигри.
„Просечната возраст на играчите е околу 56 години, а на коцкарските маси речиси подеднакво седнуваат и мажи и жени“, објаснуваат вработените во казината.
Покрај Грците, македонските казина се посетени и од играчи од Србија, Бугарија и од Албанија, додека за македонските граѓани важат порекстриктивни правила. „Ограничувањето на влезот за македонските граѓани во казината е, пред се’, од социјален аспект. Политиката на нашето казино е да не им се дозволува коцкање на лицата што живеат во опсег од 50 километри во близина на казиното за да се избегнат проблеми. Идејата е тие што ќе дојдат од подалеку да имаат доволно време додека се возат со автомобилот да размислат дали ќе се коцкаат и за последиците од тоа“, објаснуваат во најпосетената коцкарница во Гевгелија.
Казината посветуваат големо внимание на безбедносните мерки и ги следат светските трендови. Камери се поставени на сите ќошиња и будно се следи секое движење и активност на гостите и на вработените. Иако никој не сака да говори за измамниците, факт е дека тие се неопходен декор на секоја коцкарска куќа.
„Оние што губат понекогаш знаат да викнат, да се изнервираат, но ниту кршат ниту прават проблеми“, велат крупиета во казината, уверувајќи не’ дека доколку избие некој инцидент, обезбедувањето веднаш ја смирува ситуацијата. Според нашите домаќини во казината, оној што еднаш предизвикал инцидент, внимава повторно да не влезе во казиното.
Според градоначалникот на Општина Гевгелија, интересно е тоа што и покрај големата концентрација на казина, стапката на криминал во градот не е зголемена, што веројатно се должи на ригорозните проверки на вработените во казината дали користат дрога или алкохол.
Секоја од коцкарниците има и своја стратегија како да се одбрани од бројачите на карти и друг вид измами, а се преземаат мерки и за заштита на чиповите. Додека казиното „Аполонија“ набавува уникатни жетони со нивното лого од фирма во Англија, со што се врши строга контрола да не се внесат однадвор, казиното „Фламинго“ оди чекор понапред воведувајќи ја светски познатата технологија на вградување микрочипови во жетоните за да се заштитат од измами.
Златна кокошка за државата
„Откако ќе се пресече лентата и ќе се отвори некое казино, потоа се фрла клучот во вода. Тоа значи дека казиното никогаш не се затвора. Тоа е единствената индустрија што работи 365 дена во годината. Дури и кога се молерисува, еден дел од казиното секогаш е отворен за гостите“, раскажуваат вработените во коцкарскиот бизнис во Гевгелиско.
Дека станува збор за огромен обрт на пари во овој бизнис говори податокот дека месечно повеќе милиони евра се слеваат во државната каса како паушал од работењето на шесте лајф-казина, автомат-казина и спортски кладилници во земјава.
Според информациите од „Фламинго“, најпознатото казино во земјава и’ плаќа месечен паушал на државата од околу 300 илјади евра, а заедно со даноците за платите на 600 вработени лица, давачките изнесуваат околу половина милион евра месечно, кои се слеваат во државната каса.
Плаќањето на месечните паушали е предвидено со важечкиот Закон за игри на среќа, според кој, по 3.000 евра се плаќа за рулет-маса, 1.725 евра за други маси, 675 евра за автомат за повеќе играчи и 375 евра за автомат за еден играч. Лиценцата за казино чини 520 илјади евра и се издава за шест години.
Коцкарниците се жалат дека паушалите што и’ ги плаќаат на државата се премногу високи, споредено со европските држави.
Даниела Трпчевска / Утрински весник