Site icon GoExplore

Краткото видео „Очи“ – приказна за три планински врвови

Краткото видео „Очи“ на авторот Александар Панајотов е прогласено за најдобро на конкурсот за кратко видео во рамки на осмиот Фестивал на планински филм ЕХО, кој се одржа од 24-ти до 27 октомври.

Видеото е приказна за осум слепи луѓе кои заедно со нивни пријатели и, како што вели авторот, со желба посилна од телото, се искачиле на врвови од над 2.000 метри во трите национални паркови во Македонија.

Идејата на креаторите на оваа тура, Александар Панајотов од Ride Macedonia и авантуристот од Израел Јорам Хен, била да создадат уникатно доживување во кое ќе бидат вклучени сите сетила.

„Турата беше специјална во полна смисла на зборот. По патот, убавина која дури и слепите ја гледаат. Бескрајни комбинации од мириси, звуци и изненадувања. Досега во Македонија не е направена ваква тура но верувавме и го прифативме предизвикот. Поминавме повеќе од 50 километри по македонските планини и во три последователни дена по сонце и дожд ги искачивме Меденица (2.163 м), Магаро (2.255 м), а по бескрајните камени реки и Пелистер (2.601 м)“, изјави организаторот на турата.

Придружникот во групата, Анела Ставревска-Панајотова, вели дека пред да тргнат многу пријатели ги прашале зошто воопшто одат кога не можат да видат ништо од врвот?

„Одговорот не ни беше конкретен, но длабоко во себе знаев дека мора да имаат добра причина. Сега ни е многу појасно. Очите се бескорисни кога умот е слеп. Под секој врв им ја подигнувавме главата да го замислат барем аголот на патеката пред нив. Би сакала да можам да им ги позајмам очиве да видат каде успеаја да се искачат. Да планинариш со вакво друштво е неповторлино доживување и во ниеден момент немаш право да се пожалиш бидејќи од старт си во предност. Секој ден беше полн со куп емоции, а планината ни помогна сите да се вратиме како подобри луѓе – оние кои беа слепи поради еднаквиот третман и можноста да бидат дел од тимот, а другите затоа што доброто што го правиш се враќа многукратно“, вели Ставревска-Панајотова.

Exit mobile version