Site icon GoExplore

Мајка балкански рис со своето младо е сликана на Јабланица

Мајка балкански рис со своето младо е сликана како пие вод од вир на Јабланица. Ова е уште еден доказ дека балканскиот рис се размножува надвор од јадровото подрачје како што е Националниот парк Маврово.

Сликите ги објави Balkan lynx , благодарение на добрата соработка што МЕД ја оствари со ловџиите од ловечкото друштво Черн Камен од Вевчани кои на своја иницијатива поставија фото замки и успеаја да го докажат присуството на рисот на Јабланица.

По подолг мониторинг на Програмата за заштита на балканскиот рис што ја спроведува Македонско еколошко друштво сликана е мајка рис со младо на планината Јабланица. МЕД досега преку м етодот на фото-замки има слики од три риса на Јабланица,  но ова е првпат да има слика од мајка со рисче.
„Сликите ги добивме од Ловечкото друштво „Черн Камен“ од Вевчани со коешто соработуваме две години. Ова е одличен податок којшто покажува дека овој загрозен вид се размножува и надвор од неговото јадрово подрачје а тоа е
националниот парк Маврово“, вели Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на балканскиот рис од МЕД.

Во рамки на Програмата за заштита на балканскиот рис постои мониторинг мрежа составена од ловџии, шумари, ветеринари и љубители на природа коишто доколку видат или сликаат рис или жртва од рис, тоа веднаш го известуваат во МЕД. Примери за успешна соработка на Македонско еколошко друштво со ловечките друштва кои се
концесионери во Западна Македонија се и сликите што ги имаме добиено од ловното друштво „Питон“ од Охрид на мајка со младо на Караорман во 2014 година како и од друштвото „Еко фазан“ од Кичево коишто на почеток на оваа година ни испратија видео од мајка со младо забележани на преминот Буковиќ (Стража).
МЕД уште од 2008 година лобира Јабланица да стане Национален Парк поради богатите природни вредности, но и нејзината важност како биокоридор за крупни ѕверови меѓу кои и критично загрозениот балакнски рис. Делот на Јабланица во Република Албанија е прогласен за национален парк уште во 2008 година.

Евроазискиот рис (Lynx lynx) е животно од фамилијата мачки и е најголем од сите рисови. Се смета дека на Балканот постојат нешто повеќе од 100 единки од овој вид, а најголем број од критично загрозениот подвид на балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) живее во планинските региони на западна Македонија. Балканскиот рис е најзагрозена автохтона популација, за која се преземаат сите мерки за заштита. Рисот е законски заштитен, а неговиот лов е трајно забранет. Тој е ноќно животно и живее самостојно.

Звукот што го испушта е мошне тивок и честопати не може да се чуе. Мештаните од селата во западна Македонија велат дека често е полесно да се најдат остатоци од пленот или стапки од рисот, отколку да се види самиот рис. Ова животно се смета за национален симбол на Македонија и може да се сретне на високите и тешко достапни планински места.

Македонско еколошко друштво во во јуни годинава доби први податоци за младенче од рис. За првпат после 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонско еколошко друштво успеа да слика младо од рис. Оваа одлична вест доаѓа откако во февруари истражувачкиот тим на Програмата за закрепнување на балканскиот рис успеа да постави ГПС околувратник на првата женка рис досега.

 

Маја, женката рис, која беше обележана со ГПС не одведе до нејзиното дувло и таму ни го покажа најскапоцениот податок до сега – здраво младо рисче. Првите фотографии од младенчето балкански рис ги направи членот на мониторинг мрежата за балканскиот рис, Панајот Чоровски од Кичево.

„Неверојатна радост е да бидеш првиот кој ќе види младо рисче, особена чест ми беше да ја споделам информацијата со моите колеги и сите кои се грижат за заучувањето на ова неверојатно животно“, изјави тогаш Чоровски.

Ова рисче е надежта која ѝ е потребна на малата популација на балкански рисови во Македонија. Членовите на Програмата за закрепнување на балканскиот рис којашто ја спроведува МЕД, се надеваат дека преку неговото следењето како и следењето на неговата мајка ќе успееме да ги добиеме податоците кои недостигаа досега. Овие податоци ќе помогнат да се разбере животот на младите рисови во Македонија со цел нивно понатамошно зачувување.

Maкедонското еколошко друштво (МЕД) успеа да го успие и да му стави GPS околовратник и на рисот Мартин кој се движи по шумите на планината Стогово, Кичевско. Првиот рис, Марко, во март, 2010 година беше заловен во Националниот парк Маврово, а вториот, Ристе во март 2012 година, на територијата Лопушник-Кичево.

Покрај ставање на GPS oколовратник, од рисовите фатени со кафез-замка им е земена крв и влакна за генетска анализа. Податоците за рисот и GPS околовратникот ќе им помогне на еколозите да ги проучуваат движењата на трите рисови.

 

Exit mobile version