Музејот „Теракота“- Виница во мај почна со реализација на проектот „Расчистување и доистражување на објектот цистерна“ на археолошкиот локалитет Виничко кале.
Група археолози и студенти кои работат на овој проект открија мермерна скулптура, која спoред првичните проценки е божицата Афродита со Ерос во рацете.
– Интересен предмет што го пронајдовме на подното ниво на цистерната е мермерна скулптура во седечка положба, најверојатно, се работи за Афродита, која седи на карпа и со левата рака се потпира на карпата. Не успеавме да ги најдеме телото и главата од скулптурата. Покрај тоа откривме и доста керамика која во следниот период ќе биде научно обработена и, се разбира, конзервирана и изложена во витрините на музејот „Теракота“. Една од главните цели на проектот поврзани со заштитата на цистерната оваа година е нејзино оградување со ограда од поцврст материјал, изјави Јулијана Иванова, директор на музејот „Теракота“