Site icon GoExplore

Недозволена љубов на улиците на Стокхолм

Околу 600 жени и девојчиња годишно завршуваат на улиците во Шведска или во борделите, нудејќи го своето тело за пари.

Девојче од Литванија пред неколку години си го одзеде животот скокајќи од мост на автопатот во шведскиот град Малме. Со години експлоатирана од трговците со луѓе, продавана на уличните купувачи на секс, таа излезот од безизлезната ситуација го пронаоѓа во смртта. Имала само 16 години.

 

Малата Литванка, која заминала во Шведска по подобар живот, а завршила во вистински пекол, е само една од неколкуте милиони жртви на трговија со луѓе кои се евидентирани секоја година. Само во Шведска, земјата за која се вели дека последниве години со својот посебен модел, успешно се справува со ова современо зло, околу 600 жени и девојчиња годишно завршуваат на улиците или во борделите, нудејќи го своето тело за пари.

Процените се дека околу 1.000 жени годишно стануваат жртви на трговија со луѓе во оваа високоразвиена скандинавска држава, за разлика од Холандија каде што бројката достигнува до 30 илјади девојки кои се дел од секс- индустријата. Повеќето од нив ги чека мачна и неизвесна судбина, но за оние помалубројните кои се одлучуваат да побараат спас од замката во која паднале, животот понекогаш тргнува по сосема поинаква патека.

„Број два“ – така во шелтер-центарот „Армија за спас“ ја викаат Романката која на тајна локација се криела околу пет месеци. Имала само 15 години. Од семејниот дом, каде што живеела во многудетно и сиромашно семејство, заминала со момчето на одмор во Шведска. Била пресреќна што запознала некој кој е постар од неа, кој може да и’ купува подароци и да и’ ветува патувања во странство.

Едно утро се качиле на брод и допатувале во Шведска. Но, место романтика со саканиот, тој набрзо исчезнал во тоалетот во еден од баровите, а група негови „пријатели“ ја пикнале во автомобил со затемнети стакла, ја дрогирале и ја однеле во темна соба. Со месеци погледот и’ запирал на прозорците, во надеж дека од нив ќе допре барем еден зрак светлина. Но, безуспешно, оти однадвор биле прекриени и облепени со темни најлони.

По 15-ина мажи деноноќно влегувале во нејзината соба, злоупотребувајќи ја и потоа заминувајќи. По секој од нив имала по уште една нова модринка по телото. Кошмарот не престанувал.

„Се срамеше од себе, од тоа што и’ се случило, но и се плашеше – што ќе им каже на пријателите, на семејството… Токму поради овие чувства на несигурност и немоќ кои најчесто се јавуваат кај девојките, тие тешко го пронаоѓаат излезот. Ако го пронајдат патот до шелтер-центарот – тоа е патот кон нивниот спас“, раскажува Ева Горансон, директорка на шелтер-центарот кој се наоѓа во предградието на Стокхолм.

Утрото кога го посетивме засолништето во кое пронаоѓаат спас околу 20-ина жени и деца жртви на трговија со луѓе, на вратата на центарот за згрижување тропна 20-годишна девојка. Социјалните работници добро ја познаваат. Велат дека кај нив била до Божик, потоа заминала „дома“, но од тогаш не слушнале ништо за неа. Се’ до вторничното утро кога неверојатно слабата и кревка девојка повторно се врати во засолништето.

„Наслушнавме дека пак завршила кај момчето – макро. Ја баравме насекаде изминативе месеци, но безуспешно. Веќе три години како е навлезена во проституцијата. Кога замина од тука беше бремена, сега повеќе не е. Вели дека момчето ја натерало да абортира – за да може да работи со клиенти секоја вечер“, раскажуваат нашите домаќини.

Девојките во центарот остануваат со месеци, поминуваат низ различни програми, се школуваат, се оспособуваат за работа со цел да обезбедат егзистенција за себе и своите деца. Некои одлучуваат да останат во земјата, други пак, се враќаат кај своите семејства. Ги има буквално од сите краишта на светот – од Романија, Бугарија, Ирак, Иран, Сомалија, Нигерија, Монголија…

Профил на жртвите

Од 14 до 25 години – тоа е профилот на девојките кои можат да се најдат на улиците или во борделите во Шведска. Тоа се најчесто млади девојки без образование, кои потекнуваат од сиромашни средини и немаат можност да одберат како ќе заработуваат за живот. Некои тврдат дека тоа е изборот кој сами го направиле, дека тоа е единствената работа за која вредат… Други плачат, ја убедуваат полицијата и социјалните работници дека сакаат да престанат, дека е време да се вратат дома…

Клиентите, пак, се најчесто мажи на возраст меѓу 25 и 55 години, женети, имаат и деца. Но, има и такви кои се слободни и често ги менуваат сексуалните партнери. Полицијата ги „фаќа на дело“ додека се на службен пат, надвор од нивниот град. Тогаш најчесто плаќаат за девојки за забава.

„Тој  може да биде вашиот сосед или најдобар пријател. Или можеби колега на работа или момче што сте го запознале на забава минатата недела. Навидум изгледа дека живее многу нормален живот – женет е, има деца, добра работа и кариера. Но, тој е и човек кој ’купува секс’ и со тоа е дел од синџирот на сексуална експлоатација, проституција и трговија со луѓе. Според шведските закони – со еден збор тој е криминалец“, велат соговорниците кои работат на оваа проблематика.

Досега никој нема завршено во притвор или во затвор за користење сексуални услуги, иако законот предвидува казна затвор од шест месеци до една година. Клиентите секогаш се одлучуваат да ја платат казната, која варира во зависност од нивните примања. Понекогаш таа достигнува и до 6.000 евра, но клиентите молчешкум ја плаќале, само за да избегнат одење на суд и јавно понижување во средината.

Во Шведска е нелегално да се купува секс, па државата прави се’ за да се справи со овој проблем, особено кога се инволвирани малолетнички. Покрај домашните девојки, во синџирот на проституцијата се’ почесто се заплеткуваат и девојки од европските земји, кои доаѓаат на викенд-тури со своите клиенти. Некогаш остануваат само по неколку дена, отседнуваат во скапи и елитни хотели и потоа со нов клиент заминуваат на некоја друга дестинација.

„Проституцијата станува се’ покомплексна арена, каде што со интернетот се’ повеќе се зголемува бројот на клиенти. Со експанзијата на интернетот и мобилните телефони – многумина сега купуваат се’ на интернет, па и секс, поради што станува се’ потешко да се влезе во трага на овој модерен тренд на проституирање“, вели Патрик Цедерлоф, национален координатор за борба против проституцијата и трговијата со луѓе.

Пер Хјорт и Зана Твилинг се детективи во стокхолмската полиција кои повеќе години работат на терен за спречување на овој проблем. Велат дека не е ни малку лесна нивната работа – девојките се плашат и немаат доверба во полицијата, клиентите, пак, поради срамот од средината исто така не сакаат да соработуваат со нив.

Организирана мрежа

Законот предвидува казна затвор од две до 10 години за трговците со луѓе, но ова дело според стокхолмската полиција многу тешко се докажува. „Трговците користат психолошки методи на закани и страв со кои ги држат под контрола своите жртви. Им се закануваат на нив и на нивните семејства. Затоа девојките молчат и ги извршуваат нивните наредби. Физички не ги повредуваат, оти така ќе изгубат многу при нивната продажба на клиентите“, раскажуваат детективите во главната полициска станица во Стокхолм.

Станува збор за добро организирана мрежа. Ако полицијата уапси еден од макроата, на негово место веднаш се поставува нов и бизнисот продолжува да цвета. Секој од нив има по 2-3 девојки кои работат за него, додека за споредба во Германија се случува еден макро да држи и по 50-ина девојки во еден бордел.

Проституцијата се смета како и секое друго насилство врз жената, која го нарушува нејзиното достоинство. Проститутките се жртви и не треба да бидат казнети од општеството. Сета вина паѓа врз клиентите, оние кои бараат и плаќаат за да имаат секс. На ова се базира „шведскиот модел“ за справување со проституцијата. Тој удира директно по џебот на клиентите, кои плаќаат дебели казни за „гревот“ кој го направиле. Мажите кои платиле за секс се оние кои се осудени од средината, често можат да ја изгубат работата поради тоа, или да бидат изолирани од пријателите и семејството.

„Девојките со кои разговараме на улица, најчесто се свесни зошто доаѓаат во Шведска и што очекуваат макроата од нив. Но, често доаѓаат со едни ветувања за тоа колку ќе заработуваат и колку време ќе треба да работат во текот на ноќта, но брзо ги заплискува ударот на реалноста. Кога ќе се симнат од бродот, се’ се менува – плата земаат или мала или воопшто не ја добиваат, не можат да заработат пари за да се вратат дома, мора да спијат со десетици клиенти во текот на една вечер. Но, немаат избор, оти веќе тргнале по патот од кој често нема враќање назад“, вели Ан Мартин, од полицијата во Стокхолм.

Детективите имаат големи овластувања и ширум отворени раце да преземаат низа мерки во борбата против проституцијата. Се мониторираат интернет- страниците на кои има сексуални огласи, се прислушуваат телефонските разговори на клиентите, се врши набљудување на локациите каде што девојките најчесто се собираат, но и се снимаат тајните бордели и апартмани.

Ако во 1995 година на улиците имало 650 проститутки, сега нивната бројка е сведена на 160. Според надлежните, овој успех е резултат на новиот закон, кој на почетокот кога бил воведен, пред десетина години, наишол на критики и сомнеж. Многумина сметале дека со ваквиот пристап на работа на полицијата, девојките ќе се повлечат од улицата, ќе се прикријат во илегала и дека многу потешко ќе ги откриваме случаите. Но, искуството на полицијата го покажало токму спротивното.

Живот на ризик

Жените во проституцијата се жени со ризик. Животот постојано им виси на конец. Никогаш не знаат на каков купувач ќе налетаат, ниту што може да им се случи во текот на ноќта. Најизложени на опасност се оние кои работат на отворено. Девојките во борделите може да се каже дека се „побезбедни“. Макроата секогаш се кријат во некоја од соседните соби во апартманот, некогаш дури и под креветот за да внимаваат на безбедноста на нивните девојки. Но, оние што работат на улица, кога ќе влезат во нечиј автомобил,  никогаш не се знае каде може да завршат во текот на ноќта.

Кајса Вахлберг раководи со Националниот полициски совет, каде што се слеваат сите податоци од надлежните институции за борбата против трговијата со луѓе и проституцијата.

„Нашиот закон ги казнува купувачите, а не оние што ги даваат услугите, бидејќи тие се веќе ранлива категорија. Со нивниот прогон тие би станале уште полесни жртви за макроата и трговците со луѓе во чии раце е нивниот живот. Станува збор за многу платена работа, но девојките никогаш не се оние кои се возат во „мерцедеси“ и имаат луксузен живот. Напротив, профитот завршува во рацете на макроата, кои се богатат на сметка на угнетените“, објаснува таа. Макроата заработуваат и по 13 илјади евра за само неколку недели.

Моќно обвинителство

Тринаесетгодишно момче, зад кое одат двајца мускулести мажи и две девојки, излегуваат од една зграда во предградието на Стокхолм. Иако е тешко да се поверува, токму 13-годишникот е „газдата“ на борделот, кој има неколку девојки кои работат за него.

Ова е само една од фотографиите со кои надлежните во Обвинителството во Стокхолм ни илустрираат со какви се’ случаи се справувале изминативе години. Ова тело, кое е комплетно независно во својата работа, располага со купишта документи, фотографии, снимен видеоматеријал, телефонски разговори кои биле користени на суд во процесите против трговците со луѓе.

Годишно се откриваат околу 30 случаи, од кои 15 се истражуваат. Пет од нив добиваат судска разврска и изречени казни за трговија со луѓе. Околу четири милиони евра годишно државата издвојува за борба против трговијата со луѓе.

Шведска не е извор, туку транзитна и земја на дестинација. Досега не е откриен ниту еден случај на девојки од Балканот и Македонија, кои завршиле како жртви на трговија со луѓе во оваа скандинавска земја. Порано земјата била преплавена со девојки од балтичките земји и од поранешните советски републики. Сега е „ветена земја“ за девојките од Полска, Бугарија и Романија.

„Не сум сретнала досега девојка која мисли дека тоа е животот што отсекогаш го посакувала. Велат дека немаат избор. Битката која тие ја водат не е борба за луксузен живот, туку за опстанок. Тоа е најчесто нивната приказна“, вели детективната Зана Твилинг збогувајќи се со нас.

Детективите се децидни: „Ниеден човек не е на продажба. Се’ додека трговците мислат дека можат да купат некого, нема да се искорени ова зло“. Затоа нивната битка на улиците на Стокхолм продолжува.

Даниела Трпчевска / Утрински весник 

 

 

Exit mobile version