Недопрена природна убавина, тесни патчиња и стрмни планински сртови над кои се простира бескрајно ѕвездено небо се секојдневниот амбиент на проекциите на патувачкото кино на „Македокс“ во областа Порече. Поголемиот дел од проекциите веќе е остварен, а во претходните денови екипата на патувачкото кино имаше средби со едноставни и скромни луѓе со чист планински дух во селата Девич, Црешнево и во Локвица.
Дружењето со мештаните во Девич почна уште во пладневните часови. Во трпезаријата на селската црква „Свети Ѓорѓија“ беше подготвен заеднички ручек на мештаните и екипата на патувачкото кино. Покрај трпезата, се отворија и приказните поврзани со селото, неговиот историјат од времето на Марко Крале и неговите четири посестрими, од кои едната се викала Дева. Оттаму името на селото во кое денес живеат 60-ина жители. Тони Стојковски открива дека мештаните отсекогаш имале урбани манири, а кога ергените од Девич ќе се појавеле во Македонски Брод, таму велеле: „Еве ги девичките калапи“, бидејќи биле лични и дотерани, спастрени како да се излеани со калап.
Јово Ристески открива дека селото е сместено под ридовите Попец и Лештишта, а високо над хоризонтот се издига планината Песјак. Поранешните фудбалери Лука Стојкоски и Југослав Јакимоски и ден-денес се гордеат на шампионската титула која пред 30-40 години ја освоило селото Девич во регионалната лига во Порече. Проекцијата на патувачкото кино ги собра сите жители сретсело, нешто што не се случило повеќе од 30 години во Девич.