Site icon GoExplore

На изгрејсонце во Стење, на зајдисонце во Сливница

На изгрејсонце во Стење, на зајдисонце во Сливница. Вака некако би изгледал најидеалниот одмор на бреговите на Преспанското Езеро, кое мами со својата свежина, блага клима и неверојатно пријатна вода. Утрото можете да го започнете со капење заедно со јатата пеликани кои ритуално се собираат на песочните плажи во Претор, а вечерта да ја завршите во неколкуте модерни кафулиња и ресторани на брегот, каде што има живи свирки до доцна во ноќта 

На изгрејсонце во Стење, на зајдисонце во Сливница. Вака некако би изгледал најидеалниот одмор на бреговите на Преспанското Езеро, кое мами со својата свежина, блага клима и неверојатно пријатна вода. Утрото можете да го започнете со капење заедно со јатата пеликани кои ритуално се собираат на песочните плажи во Претор, а вечерта да ја завршите во неколкуте модерни кафулиња и ресторани на брегот, каде што има живи свирки до доцна во ноќта. 

Преспа као никогаш досега доживува ренесанса и со голема брзина го менува својот изглед. Старите и дотраени објекти се заменуваат со нови, модерни туристички комплекси, кои ветуваат дека можат да го живнат градот. Тоа е највидливо во населбата Претор. 

На брегот на езерото се изградени пет туристички комплекси, кои нудат целодневна забава на плажа. Модерни ресторани, пицерии и кафулиња, дискотека на отворено, игралишта за одбојка, кошарка и фудбал на плажа се само дел од адутите со кои Преспанци се надеваат дека ќе ти привлечат туристите за да и се вратат на оваа подзаборавена убавина. 

Семејството Котевски повеќе од дваесетина години е заминато од овој крај. По долгите години поминати во Данска и во Шведска, нивните двајца синови, сепак, одлучиле да се вратат во Преспа и на брегот на езерото на 18 хектари да изградат атрактивен објект. 

Кирил Котевски и неговиот брат изградбата на модерно уредениот комплекс Х-отик ја започнаа пред неколку години. Летово финишираа со уредувањето на летната дискотека, каде што техножурки има до раните утрински часови. Во текот на денот, пак, убаво уредената плажа е вистинска мамка за посетителите од околните градови. 

„Почувствувавме дека туристичката понуда во земјава е скудна, поради што беше неминовна некаква приватна инвестиција која ќе го заживее крајот“, вели Кирил Котевски, кој живее и работи во Шведска. Носталгијата по родниот крај на неговите родители, сепак, вели дека била пресудна за да се одлучи да инвестира. 

„Тешко е да се издржи, оти вложивме многу, а туристи има се’ помалку. Луѓето не знаат дека во Преспа многу работи се изменија последниве три години. Сега факт е дека имаме многу да им понудиме на посетители – а тоа е целодневна авантура“, вели Котевски, покажувајќи кон песочните плажи со лежалки и спортски терени. „Преспа ја има најубавата клима и е идеална за ’полнење батерии‘. Во Македонија никаде нема поголеми песочни плажи“, додава неговиот пријател од Скопје, кој викендите ги поминува тука, бегајќи од градската жега. 

„Цените се пристапни и тоа е уште еден фактор плус зошто младите треба да дојдат и да ја посетат Преспа. Само за пример, највкусните коктели на Х-отик плажата чинат 130 денари“, објаснува Котевски. Целодневното најмување лежалка со чадор на плажата се наплаќа 100 денари. Најбројни меѓу гостите се оние од околните градови, Битола и Прилеп, но се случува да дојдат и охриѓани, кои за време на летото бегаат од навалиците на охридското крајбрежје. 

Преспанци го разубавуваат брегот и се надеваат дека ќе пливне од гости. Засега се уште е тивко и со мала посетеност, но не уверуваат дека годинава, најверојатно, сезоната ќе започне подоцна. „Лани Преспа беше полна со гости. Дневно имавме и по 1.500 гости на плажава“, вели Кирил, кој се надева дека поголем бран туристи ќе има по 15 јули. 

Големо интересирање во Претор предизвикува плажата „Круна“, чиј сопственик е ресенчанецот Реџаил Синановски, кој живее и работи во Данска. Објектот почнал да се гради пред три години и се протега на површина од 10 илјади квадратни метри. Особено привлечен го прават трите базени во форма на солза, изградени на терасата на ресторанот „Круна“. Најбројни се гостите од околните градови кои во вечерните часови доаѓаат да уживаат во специјалитетите на куќата – преспански крап и штипска пастрмалија, која ја подготвува готвач од Штип. 

„Задоволни сме од објектот што го изградивме и се’ уште го надополнуваме со нови содржини и спортски игралишта. Сепак, факт е дека пред три години кога почнавме да работиме вриеше од туристи, додека сега ги има многу помалку“, вели Александар Трифуновски од ресторанот „Круна“. 

Лево од плажата се наоѓа пречистителната станица, која се очекува да го реши проблемот со водата за пиење. „Лани имаше рестрикции за вода и туристите беа разочарани. Сега очекуваме да се реши проблемот со водата. Денеска прв ден како е пуштена станицата и веќе се чувствува промена“, велат концесионерите во населбата Претор, кои ги имаат закупено плажите за 10 години, со обврска да го одржуваат и облагородуваат крајбрежјето. 

Некогашната најубава плажа со најчистата вода – Сливница со години наназад беше обрасната во трски и шума. Благодарение на Саша Вучковиќ, кој носталгијата го натерала да се врати од Германија во родното место на неговите родители – Љубојно, Сливница полека го враќа стариот сјај. Недопрената природа, чистата вода, песочната плажа и ресторанчето „Цоца“ привлекуваат се’ поголем број скопјани да уживаат на оваа изолирана плажа. На самата граница со Грција, пак, се наоѓа „бисерот“ на Преспанското Езеро, плажата „Дупени бич“ на Маркова Нога, која е најпосетена за време на летото. Карактеристичните сламени чадори, песочната плажа, близината до Големиот Град, единствениот остров, кој оттука се гледа во сета своја убавина, е вистински магнет за туристите. 

Иако Преспа кубури со луксузни сместувачки капацитети, сепак, хотелот „Агроплод“, одморалиштето „Мите Богоевски“, бунгаловите на „Македонски железници“ нудат солидно сместување по прифатливи цени. Во приватното сместување легло може да се најде за 200 денари, а соби се закупуваат за 400 денари. Кај бунгаловите цените се движат од 500 до 900 денари со три кревети. Во одморалиштето „Ексклузив“ во Сирхан нудат пансион по цена од 950 денари, а бунгалови за шест лица се најмуваат за цена од 800 до 1.200 денари на ден. 

Новитет е хотелот „Рива“ во Стење, каде што до скоро понуда имаше само во приватното сместување. „Во зародок е и идеја за изградба на спортски центар со хотелски комплекс, кој ќе се протега на површина од 18 хектари“, најавува градоначаникот на Ресен, Димитар Бузлевски. 

Сепак, најголема грижа за Преспанци останува проблемот како да се спаси езерото, кое секоја година се повеќе се повлекува и зад себе остава огромни површини обраснати со трева и тиња. Најкритично е во Отешево, каде што некогашните најатрактивни места за летувачите, сега се обраснати со трски. На места треба да се пешачи десетина минути за да се стаса до езерото. 

„Се помалку туристи доаѓаат. Ќе наминат на еден-два дена и си одат. Сушните години си го направија своето. Од некогашните плажи не остана ништо. Се’ е запустено, обраснато со трева, се задушува во тиња. На три држави им припаѓа езерото и место да помогнат, сите земаат и црпат од него“, коментираат жителите на населбата Сирхан.

Зрак надеж нуди португалската инвестиција за изградба на елитниот комплекс „Аква пура“, кој се очекува наесен да почне да се гради. Најавите се дека на оваа недопрена локација на простор од четири километри во должина, за неколку години ќе никне современ комплекс со педесетина луксузни вили, хотел и 17 простории за спа и таласо терапија. 

Покрај изградбата на сместувачки капацитети, амбасадорот Јордан Плевнеш, кој е координатор на проектот, најавува дека се во тек и повеќе еколошки и културни анализи на просторот. „Античката палата, праисториската населба и мозаичките структури во непосредната околина ќе го збогатат просторот и ќе му дадат една богата културна димензија. Тие, покрај овој проект што ја стави Преспа на седмото место на светски убавини, на просторот ќе му дадат уште една димензија на интерес на светскиот елитен туризам“, вели Плевнеш. 

Плановите на „Аква пура“ се изградба на спортски центар на Галичица, но и целосна заштита на Курбиново, резерватот Езерани и островот Голем Град, кој во иднина ќе биде подостапен за туристите.

Даниела Трпчевска / Утрински весник 

 

Exit mobile version