Site icon GoExplore

Три преспански атракции

Во двете преспански езера (Голема и Мала Преспа) има четири острови. Најголемиот од нив е Св.Ахил во Малото Езеро, кој со островот Видрониси и припаѓа на Грција. Св. Ахил е единствениот населен остров, но на него живеат само 27 луѓе во 11 куќи, бидејќи според легендата, доколку се изгради дванаесетата, една од нив ќе се урне.  На островот Ахил се наоѓала првата македонска архиепископија и првата престолнина на цар Самоил. Островот Голем Град во македонскиот дел на Големото Езеро, а Мал Град или Св.Павле е во албанскиот.

ЗМИСКИ ГРАД
Голем град – единствениот македонски остров

Голем Град или Свети Петар е единствениот македонски остров, во водите на Преспанското Езеро, во непосредна близина на водената граница со Грција и Албанија. Укотвен на тромеѓето, во бујна вегетација и остри засеци, тој ги мами посетителите, да уживаат во неговите скриени убавини. Тој во себе чува бројни историски  и културни знаменитости и градби, а главни негови жители се змиите, кои ги има во различни големи, бои, шари и видови – од водени до поскоци и други отровници. Островот изобилува со бујна вегетација и особено високи и раскошно разгранети зимзелени дрвја наречени фоји. На него свое живеалиште си нашле и над 160 видови папрати, медитерански растенија, а се среќаваат и  голем број безрбетници, влечуги, птици и зајаци. Островот го посетуваат и јата корморани и пеликани, патки, ластовици и секакви птици кои наоѓаат мир по долгите летови над преспанското езерско пространство.

Кон островот има три пристапни места, каменести и остри, но со неверојатно чиста, бистра и ладна вода. Овој остров, долго време е живеалиште само за птиците и за змиите. Ни мунгосите кои биле донесени на островот, не успеале да се справат со наездата на змии. При убав ден можно е да се избегне средбата со отровните жители на ова осамено царство веднаш по слегувањето на бреговите на островот. Но затоа пак ќе ги видите на секој чекор во понатамошната прошетка по островот. По тесната патека, која започнува веднаш од брегот, се стасува до единствената зачувана градба на островот – црквата Свети Петар, која потекнува од 14 век. Ако се загледате по околните грмушки и дрвја ќе ги видите шареникавите змии замоткани во нивните гранки.

Но ако се занемари нивното постоење, овој остров има други раритети кои може да ги понуди на посетителите. На него некогаш се одвивал живот и можат да се сретнат градби од времето на антиката и на средновековието, а артефактите датираат од крајот на 4 век пред новата ера се до 14 век.  Овој остров Самоил го користел како резиденција за одмор. Денес тој е заштитен споменик на културата, каде со години се извршуваат археолошки ископувања и истражувања.Борче Божиновски од Ресен, кој повеќе години им помага на археолозите во нивната работа на островот, вели дека археолошките ископини покажуваат дека бил населен уште од античко и римско време и ранохристијанскиот период. На Островот се наоѓа црквата Свети Петар, која што е прогласена за Споменик на културата, и пред две години врз неа се извршени конзерваторски зафати. Карактеристична е по тоа што има фреска на надворешната страна.На Островот, вели Божиновски, е откриена и конзервирана пред десетина години ранохристијанската црква Свети Димитрија од 5 век, а пронајдени се и неколку гробници на кои моментално се работи.  На Голем Град е пронајдена и цистерна од римскиот период , каде се собирала вода за потребите на жителите. На истото место христијаните подоцна изградиле црква. Досега се пронајдени 16 старохристијански објекти на островот, вели Божиновски.

Приватен музеј на народни носии во ПОДМОЧАНИ

Приватниот музеј на народни носии на Јоне Ефтимовски кој се наоѓа во преспанското село Подмочани од неодамна е збогатен со носија стара над 300 години. Носијата потекнува од прилепскиот крај, и како што вели Јоне, таа е само дел од вкупно 160 оригинални народни носии кои тој ги поседува. Со собирањето на носиите, како дел од македонската традиција и историја, Јоне се занимава веќе 31 година и планира да продолжи со својата пасија.Првата носија која што ја откупил била од Мариово.

“Љубовта кон носијата се роди со самиот фолклор. Јас сум вљубен и го сакам изворниот фолклор”, вели Јоне, кој има над 3.400 предмети заведени во својата приватна колекција, меѓу кои и голем број примероци на накит.

Без разлика дали се од Крива Паланка, Дебар, Маврово, тој ги има откупено сите предмети од различни делови на земјава. Вели дека нема само една градска носија од Скопско. Носии купувал и од егејскиот дел на Македонија, а во својата колекција има и српска, муслиманска, албанска и влашка носија. Во Музејот има неколку примероци од невестински килими кои се особено интересни. “На времето невестите од дома ги земале со коњи, кои биле прекриени со килими. Начинот на изработката на килимот и везот покажувал колку била вешта свекрвата. Колку повеќе шари и бои има на килимот – толку повредна била свекрвата”, објаснува Јоне.
Меѓу другото народно, културно и историско богатство кои го поседува овој колекционер, пленуваат носиите од Долна Преспа, шапките и везовите на носијата од Битола, сандакот од Скопско, носиите од Скопска Црна Гора, Тетово, Кучково, Маврови Анови..Некои од носиите се тешки и по 15 килограми и се носеле само на денот на свадбата. Карактеристични се и украсите за на глава направени од природна коса, како и амајлиите против уроци.

“Долно Преспанската носија е црна.Таа нема везови, бидејќи во турско време кога сите мажи биле убиени, останале само жените, кои во знак на почит кон најблиските го отфрлиле везот и направиле само црна носија”, раскажува колекционерот. Во однос на струшката носија, според него, карактеристична е кошулата која е единствена во Македонија, каде се разлискува дали е за девојка, жена или постара жена.
“Ако на кошулата има 9 лози – линии, тогаш станува збор за невести.Доколку беќарот види 7 линии, тогаш таа е девојка и може да ја проси. Ако на кошулата има 5 линии тогаш станува збор за возрасна жена”.
Најживописна за Јоне е прилепската носија, каде според него, везот е многу јасен и убав. Носиите тој ги откупувал со години, но има и три комплети носии кои му се подарени. За заштита на експонатите тој користи лаванда и одвреме-навреме ги става во сандак за замрзнување.
КУРБИНОВО – бисер на византиското ѕидно сликарство
Над живописното преспанско село Курбиново, се наоѓа најстарата црква во преспанскиот регион Свети Ѓорѓија. Сместена на висорамнина, од неа се пружа единствен поглед на речиси целото Преспанско Езеро, на островот Голем Град, но и на Малиот Остров во Албанија. Овој споменик од 12 век, кој е под заштита на Заводот за заштита на спомениците, е вистински бисер на византиското ѕидно сликарство од тој период. Археолошките ископини покажуваат дека некогаш околу него имало и конаци, кои откако се запалиле од удар на гром, никогаш повторно не се обновени. Од користената техника на цртање и боите со кои се изработени фреските, може да се претпостави дека овие фрескописци се предвесници на  ренесансното сликарство.
Семејството на Митко Ристевски од село Курбиново, веќе 28 години традиционално го чува клучот од ова црковно светилиште. Тој раскажува дека црквата е градена во 1191 година, а нејзините фрески се цртани од пет непознати мајстори од Костур. “Во истиот период кога е градена црквата изградени се и црквата Свети Пантелејмон во Нерези и Света Врача во Костур”, вели тој. Црквата однадвор изгледа мала и едноставна, но нејзината внатрешност воодушевува. Фрескописот на црквата е поделен на три дела. Во првиот дел се наоѓа приказ од Стариот завет, на втората – животот на Исус, а третиот е приказот на Новиот завет. На западниот ѕид од црквата се насликани шестте светици: Света Теодора, Света Елена, Света Ана, Света Сава, Света Параскева и Света Варвара.
Во Свети Ѓорѓија служба имало до 1920 година, за подоцна по градењето нова црква во село Курбиново каде почнало да се собира  локалното население, црквата е оставена на забот на времето. Според некои податоци надворешните фрески насликани на јужната страна, потекнуваат од 17 век, а уништени се од настанатиот пожар, по кој во 19 век следеле поголеми зафати за обнова на црквата.Ристевски вели дека во 1958 година се преземени првите конзерваторски зафати на црквата, а во 1974 година на платно е пресликана источната страна, со цел да се учествува на изложбите во Москва и Париз.
ДАНИЕЛА ТРПЧЕВСКА
Exit mobile version