Јужниот германски град Фрајбург ги урива сите предрасуди кои Балканците ги имаат за Германците. Место со намуртени и ладни лица, како што е верувањето, домаќините ги очекуваат туристите со пријателски насмевки, а место студ, во октомври во Фрајбург е како во лето. Сонце се разлева по прозорците и балконите, полни со цвеќе, а зраците се прекршуваат од водата која во отворени канали минува дури и во центарот на градот кој, пак, личи како да е од бајка. Стогодишна калдрма, некаде од коцка, некаде од мали каменчиња извадени од реката Рајна, насекаде згради кои ве пренесуваат во средниот век, а среде улиците канал низ кој тече бистра вода. Недостигаат луѓе што со ведра ќе црпат вода за да стане бајката реална. Каналот, долг девет километри, кој во средниот век во Фрајбург ја носел единствената вода која им стоела на располагање на жителите, и денес постои и низ него, исто како некогаш, тече чиста вода. Таа доаѓа од мала река, кружи низ градот и се влева во Рајна.
Во средниот век жителите со оваа вода чистеле и переле, а денес таа служи како спомен на минатото. Останало и верувањето дека на оној што ќе стапне или ќе пропадне во каналот, судено му е да се омажи или ожени во Фрајбург. Ова верување фрајбуржани со гордост им го раскажуваат на туристите и на шега знаат и да ги предупредат да внимаваат кога го прескокнуваат каналот ако не сакаат да останат во Фрајбург. Токму со легендата за каналот, туристичките водичи ја почнуваат приказната за градот кој бил основан во 1120 година. Зборно место за почеток на туристичкото разгледување на Фрајбург е Градската куќа, која е во центарот на градот. Тоа е зграда изградена во средниот век, како и речиси целиот центар на Фрајбург. Некогаш била манастир, а денес во неа е сместена градската администрација. Пред Градската куќа, на плочникот од каменчиња во разни бои направени се мозаици од грбовите на градовите со кои е збратимен Фрајбург. Ги има само 10.
Веднаш до Градската куќа, има зграда со црвена фасада, направена од црвен песок кој се ископува во Фрајбург. И во неа е сместена градска администрација, а двете згради се поврзани со висечки мост. Спроти Градската куќа, пак, вниманието го привлекува зграда, која некогаш била куќа за живеење, а денес е банка во државна сопственост. На нејзината фасада има две фигури. Од левата страна лав кој, како што објаснуваат водичите, во континуитет голтал души, а од десната, многу невообичаено, над главите на туристие се надвиснува фигура на жена со гуша. Оваа фигура била поставена како предупредување за луѓето дека ако пијат вода без јод, каква што некогаш била водата од планината, ќе им порасне гуша. Водичите велат дека во средниот век гушавоста во Фрајбург била многу честа појава, па затоа на сите жители им се препорачувало да јадат храна со повеќе сол за да ги надоместат потребите од јод на организмот.
Фрајбуршката Шанзелизе
Од Градската куќа, покрај фигурата на жена со гуша, калдрмата води кон главната улица во градот, која
фрајбуржани ја претставуваат како нивна Шанзелизе. По неа минува трамвајот, а во средниот век таму
бил пазарот. Тој и денес не е далеку од неговата некогашна локација. Го има само претпладне, зад зградите кои излегуваат на улицата. Сите згради на фрајбуршката Шанзелизе се изградени по Втората светска војна. Дури 80 проценти од Фрајбург за време на војната биле уништени, но бил изграден во стар стил. Па така, иако зградите на главната улица се ново изградени, имаат фасади кои личат како да се стари со векови, изградени од мали каменчиња или, пак, од автентичниот црвен песок. Токму поради повторната изградба, туристичките водичи, зборувајќи за повеќето куќи и згради во центарот на градот, само неодредено кажуваат дека биле изградени во среден век.
Од главната улица се стигнува до најимпозантната градба во Фрајбург – Катедралата на Дамата Мери. И за неа објаснувањето е дека е изградена во средниот век. На почетокот на деветнаесеттиот век била обична црква базилика, а по доцна станала катедрала, на неа секогаш нешто се гради, доградува, се реставрира. Има 15 луѓе што постојано работат на Катедралата. Годишно за неа се издвојуваат по 2,5 – 3 милиони евра.
Парите доаѓаат од три извори. Една третина обезбедува државата, една третина дава Католичката црква и една третина се обезбедува од донации и подароци. Фрајбуржани велат дека огромен број луѓе даваат пари за црквата. Во Фрајбург 40 отсто од жителите се католици, 25 отсто се евангелисти, а 35 отсто од жителите отпаѓаат на сите останати религии.
Најстариот дел од Катедралата е во форма на крст. Ја изградиле жителите и на неа се застапени сите стилови на градба. Како што се менувале времињата и стиловите така се доградувала и Катедралата. Сега таа е долга
исто колку што е висока – 116 метри. По висина е близу до највисоката црква во Германија, која има 161 метар.
Часовникот на Катедралата има една стрелка помалку, бидејќи во средниот век се броеле само часовите, не се мереле минутите. Катедралата има 16 ѕвона. Ѕвонарот живеел близу врвот на камбанаријата. На прозорецот од неговиот стан и денес има цвеќиња.
Туристичките водичи не ја пропуштаат можноста да го покажат станот на ѕвонарот, па околу катедралата сите туристи се со кренати глави, барајќи ги цвеќињата на високата камбанарија. На Катедралата е насликан св. Георг, заштитникот на Фрајбург. Насликан е и грбот на градот, црвен крст на бела основа, а свој печат оставиле и градителите. На камбанаријата го насликале нивниот грб, а на нискиот дел од Катедралата еден од работниците кои ги поставувале човечките фигури, преку кои истекува атмосферската вода, сметајќи дека не е доволно платен за работата, место со лицето свртено кон посетителите, фигурата ја поставил наопаку, па таа на сите што ја гледаат Катедралата им го покажува задникот. Ова е само едно од објаснувањата зошто фигурата е наопаку свртена. Другото објаснување е верувањето во средниот века дека ако му го свртиш задникот на ѓаволот, тој не може да ти ја земе душата. Во Катедралата секој ден има миса. Дури има и миса за спанковци. Почнува напладне, во 12 часот, а потоа сите одат во оклоните ресторани на чаша вино. Оваа миса е добредојдена за студентите. Фрајбург важи за студентски град. Има 220.000 жители и 30.000 студенти од целиот свет. Првиот универзитет во градот бил основан пред 500 години. По мисата за спанковци, кафеаните околу Катедралата се полни со студенти. Може да се видат сите човечки раси и да се чујат едно чудо странски јазици.
Најубавата куќа во Фрајбург
Спроти Катедралата, меѓу кафеаните е сместена најубавата куќа во Фрајбург. Таа некогаш била центар на трговија. На нејзината фасада има фигури на царот Максимилијан, кој бил устоличен во Фрајбург во 1498 година, и на неговите синови Филип Убавиот и Карло Петти, има фигура на Фердинанд Херцог, а се гледаат и сите грбови на некогашното Царство на Хабсбурговците, вклучувајќи ги хрватскиот и словачкиот грб. За време на Втората светска војна, оваа зграда не била уништена. Огнот во неа, велат фрајбуржани, се гасел со вино од рестораните, вода немало. Денес во неа се одржуваат концерти, приеми на делегации и лете седум дена се одржува Винофест.
Тука завршува бајката за некогашниот Фрајбург, денешниот центар на градот кој некогаш бил ограден со ѕидови и имал пет порти, кои и денес стојат. Но, продолжува нова бајка, за модерниот Фрајбург, лидер на градовите по употреба на соларна енергија и најзелен град во Германија. Надвор од градските порти сместени се населбите кои се пример, не само за Германија, туку и за светот за искористување на сончевата енергија и напорите за наоѓање алтернативни извори на енергија. Во центарот, но и во населбите на градот речиси и нема возила. Главно превозно средство на жителите им е велосипедот, а имаат и трамвај и автобуски превоз.
Насекаде има паркирани велосипеди, а родителите во посебни приколки, закачени на велосипеди, ги
возат децата. Главен проблем во градот се велосипедските несреќи, до кои многу често доаѓа бидејќи тркалата на велосипедите пропаѓаат во шините на трамвајот. Велосипедските патеки се на крајната десна лента од коловозите, а нема јавна институција ниту, пак, станбена зграда без паркинзи за велосипеди. Меѓу 1982 година и 1999 година употребата на велосипедите пораснала од 15 на 28 отсто, употребата на јавни
от транспорт во истиот период се зголемила од 11 на 18 отсто, а возењето коли се намалило од 38 на триесет от
сто. Денес Фрајбург, спореден со другите градови во Германија, има најмал број моторни возила – 423 на 1.000 жители.
Масовната употреба на велосипеди е само една од мерките на Фрајбург за заштита на околината. Зеленото движење почнало во раните седумдесетти години со протести на студентите, винарите и на артистите, кои биле против идејата на конзервативните сили на власт за изградба на атомска централа. Кога политичарите виделе дека протестите се сериозни, сфатиле дека немаат друг излез, освен да попуштат пред притисокот. Во 1986 година, по катастрофата во Чернобил, Советот на Фрајбург одлучил да ја напушти идејата за атомска
централа, и соларната енергија станала официјално нов извор на енергија.
Истата година била отворена првата канцеларија за заштита на околината, потоа следувало отворањето на Еколошки институт, подоцна бил отворен и Институт за соларна енергија, а денес веќе во Фрајбург има соларно село, соларна фабрика … Соларни панели има на покривите на школите, црквите, на приватните куќи, на фасадите на кулите, а се градат и ветерници. Едно од најголемите достигнувања во искористување на сончевата енергија во Фрајбург е објектот Хелиотроп, ротирачка соларна куќа – дрво, која го следи движењето на сонцето. Соларни панели има дури и на градскиот стадион. Фрајбуржани велат дека панелите привлекуваат поголемо внимание на стадионот отколку нивниот фудбалски тим.
За нашата делегација, пак, тргнувајќи од сликата во Скопје, внимание привлекуваа и чистите улици, селекти
рањето на отпадот, користењето рециклирана хартија и ред други работи кои во Фрајбург се применуваат веќе
со децении. По улиците нема контејнери, како луѓето да не прават ѓубре. Отпадот, и домаќинствата и рестораните и фирмите го селектираат и навечер, спакуван во ќесиња, го ставаат во канти онаму каде што ги има, а онаму каде што ги нема, едноставно, ги оставаат на тротоарот. Го собираат модерни и тивки камиони и го носат на рециклирање. Енергијата која се добива од ферментација на биоразградливиот отпад покрива 2 процента од вкупните потреби на Фрајбург за енергија. Во градската администрација од 1991 година 80 отсто од хартијата која се користи е рециклирана. Градот е пример и за останатите начини за заштеда на енергија. Во своја сопственост Фрајбург има 8.000 станови кои се издаваат под кирија. Секоја година градските власти прават проекти за нивна модернизација со заштеда на енергија.
Во 2004 година почнале проект за обнова на две згради, изградени во шеесеттите години, во близина на цен
тарот. Инвестирале 2,8 милиони евра, со кои поставиле нови прозорци со по 3 стакла, изолација на фасадата
со стиропор со дебелина од 20 сантиметри, ги прошириле балконите со монтажна челична конструкција, па
зградите сега трошат многу помалку енергија за загревање. Киријата пред модернизацијата била 4 евра за квадратен метар, а по модернизацијата скокнала на 5,1 евро по квадратен метар, но на станарите им се намалиле трошоците за загревање. Претходно плаќале по 1,3 евра за загревање на квадратен метар, а
сега плаќаат по 0,40 евра.
На градските власти во Фрајбург им беше несфатлив нашиот начин на централно греење со топлани и пренесување топла вода до корисниците. Таму секоја зграда на покривот има своја котларница, а до зградите место топла вода, се носи само гас. На тој начин нема загуба на топлината во пренесувањето на топлата вода и нема непотребно трошење енергија. Во Фрајбург има и такви згради кои, освен што користат соларна енергија и имаат соодветна изолација, за да заштедат дополнително енергија, во становите немаат фрижидери за длабоко замрзнување. Храната ја чуваат во заеднички фрижидер, кој стои во подрумот. Таква зграда има во населбата Ваубан каде што просечната возраст на жителите е 18 години. 80 отсто од жителите пред проектирањето на населбата се изјасниле дека нема да користат коли, па не се предвидени паркинг-места и гаражи покрај зградите.
За оние што, сепак, се изјасниле дека ќе возат коли, биле направени две катни гаражи. Едан на почетокот, една на крајот на населбата. Тие морале да си закупат места во гаражите и таму да си ги паркираат возилата.
Во оваа населба нема подземни водови за атмосферска канализација. Има сливници од кои водата се собира во голема дупка во населбата за да може да се впие во земјата и да ја одржува влагата. Низ населбата минува и трамвајот, но жителите ретко го користат бидејќи имаат одлична велосипедска патека која ги поврзува со центарот на градот. Во оваа населба има куќи чиј покрив е целосно прекриен со соларни панели, па произведуваат повеќе енергија отколку што трошат. Таа оди во системот и ја користат оние згради кои произведуваат помалку енергија. Сите згради, не само во населбата Ваубан, туку и во цел Фрајбург, немаат повеќе од 4-5 ката. Нема високи згради. Ваубан е нова населба, изградена на местото на касарната во која била сместена француската војска.
текст: Маја Илиевска – Пачемска
Фото: Н. Крстевски
(објавено во ВЕСТ, САБОТА 17/НЕДЕЛА 18 ОКТОМВРИ 2009)