Site icon GoExplore

Авантура во Пехчево за надминување на стравот од летање

Во Пехчево се оди по клинци на јаже, по подвижни скали, по греда која со секоја стапка се крева како клацкалка, се минува пајакова мрежа…Патеката е поделена на три дела. На почеток е делот за возрасни, кој, според инструкторите, не може да го поминат оние што немаат кондиција. Потоа следува делот со полени капии, наменети и за деца, адреналинската патека завршува со зип-линија-сајла за спуштање, која минува над езерото

 

Колку  и да звучи филмски, Пехчево, на истокот од Македонија, има вистинска адреналинска патека. Како на филм, се оди од дрво до дрво, по патека шест метри над земјата. Долга е 600 метри, и тоа ја прави единстевена на Балканот, но нејзините творци велат дека се потребни два часа за да се помине целата и комбинирани вештини на Индијана Џонс, Чак Норис и на Арнолд Шварценегер.

Дрвјата во шумата над плоштадот во Пехчево се поврзани со сајли, кои формираат различни видови патеки. Се оди по клинци на јаже, по подвижни скали, по греда што со секоја стапка се крева како клацкалка, се минува пајакова мрежа… За секоја различна патека или капија, како што ја нарекуваат инструкторите, потребни се различни вештини.

„Има делови што се исклучително тешки за минување. Една од најтешките е онаа што ја нарекуваме ’Индијана Џонс’. Оние што ќе успеат да ја поминат, со сигурност стигнуваат и до нејзиониот крај. Многумина се качуваат на патеката, но по првите две капии веќе бараат да се симнат. Наша екипа го слди секое качување. Пред и по оној што се искачува, оди инструктор, што му покажува како да ја мине капијата, а има поддршка и од земја. За оној што ќе одлучи да не оди понатаму, оние што се на земја носат скала, ја поставуваат на платформа на најблиското дрво за да може да се симне. На луѓето што досега се искачуваа, кога ќе се решеа да се симнат, најтешко им беше тоа што мораа да стигнат до најблиската платформа. Симнување на средина од капијата е невозможно, оти оние што се искачуваат, всушност, висат на сајла и се додека не застанат на платформата, не постои начин да се откачат од сајлата“, вели инструкторот Антонио Јовевски.

Тој е еден од четворицата инструктори што летово безброј пати ја минале патеката како поддршка на оние што се искачуваат. Патеката е поделена на три дела. На почеток е делот за возрасни, кој, според инструкторите, не може да се поминат оние што немаат кондиција. Потоа следува делот со полесни капии, наменет и за деца, а адреналинската патека завршува со зип-линја или сајла за спуштање, која минува над езерото.

На почетокот од адреналинската патека, инструкторите задолжително вршат мини обука.

„Им покажуваме како да се закачат за сајлата, која им е над главите. Мора постојано да бидат закачени, но на секоја платформа треба сами да се извадат алките од едната капија и да ги постават на друга. Тука е многу важно да ги вадат алките една по една, а не двете истовремено за не останат необезбедени.. Сите оние што се искачуваат, добиваат специјална опрема, заштитен шлем, појас и јажиња со кои се закачуваат на сајлата. Додека се на земја сите се храбри. Имавме група од Скопје, бодибилдери кои додека траеше обуката, велеа:’што е ова за нас? Без проблем ќе го поминеме’, но кога се качија на првата капија, престанаа да зборуваат, на втората почнаа да се потат, а на третата веќе констатираа дека воопшто не е лесно како што личи од земја“, вели инструкторот Јовевски.

Откако е пуштена во употреба адреналинската патека, во јули годинава, на неа се искачиле околу 600 луѓе, но само 150 од нив ја поминале целата. Од оние што ја минале целата патека, мајладиот имал шест години, едвај го исполнувал условот од 1,3 метри висина неопходна да досегне до горната сајла, а најстариот бил 64-годишен пензионер, турист од Бугарија.

„Нема ограничување на возраста за искачување по патеката. Потребно е само оние што ќе дојдат да немаат страв од висина, бидејќи постојано се на високо. Најниската патека е четири метри над земјата, а највисокиот дел е шест метри над земјата. Летово имавме неколумина што беа дојдени тука за да го победат стравот од летање. И успеваа да функционираат на висина“, вели Никола Каракашов одд Општина Пехчево, кој го дал предлогот да се изгради адреналинската патека.

За изградба на адреналинската патека, не е закован ниту еден клинец во дрвјата. Каракашов вели дека сајлите се прицврстени на стеблата со стеги за да се избегне нивно оштетување. Во делот каде што е зип линијата, морале да исечат четири дрвја за да направат простор. Од нив направиле штици, од кои е направен летниковецот под зип-линијата.

Каракашов вели дека адреналинската патека е само дел од авантуристичкиот парк „Панорама“ во Пехчево кој почнал да се гради во 2013  година, кога почнало уредувањето на езерото над кое сега минува зип-линијата со која заврува патеката. Околу езерото се поставени платформи за одмор, летниковци, и детски реквизити, но за комплетирање на паркот, Каракашов вели дека им остануваат уште неколку работи.

„Планираме уште една зип-линија од 300 метри и кула висока 13 метри за скокање од неа. На ливадата од другата страна на паркот, сакаме да донесеме зорбинг топки, кои, исто така, важат за адреналински спорт, оти луѓето се затвораат во една топка што се става во друга поголема топка што се пушта да се тркала. Во план ни е и полигон за пеинтбол, како дел од адреналинскиот парк, во кој веќе имаме маунтбајк и АТВ-патека, па ќе можеме да им понудиме на туристите неколкудневна авантура“, вели Каракашов.

Тој е главниот двигател за внесувањето нови содржини во Пехчево откако новиот градоначалник Игор Поповски донел одлука општинската администрација да се посвети на развивање на туризмот.

„Пехчево има сточарство, земјоделство, рудници од кои се преживува, но јас, како нов градоначалник, сакав да понудам нешто од кое ќе се живее, не само да се преживува и мојот став е дека тоа е токму туризмот. Имаме природа, ни требаше содржина, па затоа побарав сите да се вклучат о да предложат идеи за развој на туризмот во Пехчево. Тоа особено го увидовме откако беше пуштен во употреба обновениот плоштад, во март 2014. Имаме летен фестивал на дувачки инструменти, но тоа е само три дена во годината. Немавме сместувачки капацитети, па по фестивалот ни останување само да го собереме ѓубрето што останува ше и да ја чекаме следната година. Затоа се фокусиравме на отворање сместувачки капацитети. Сега со отворањето на хотелот ’Гогов’, имаме 60 легла и целта ни е гостите што ќе дојдат еднаш, за фестивалот, повторно да се вратат. Тоа беше причината да ги изградиме адреналинската патека и целиот авантуристички парк“, вели градоначалникот Поповски.

Адреналинската патека е заедничка инвестиција на Општината и на сопственико на хотелот „Гогов“. Откако ја изградиле, Општината му ја отстапила на хотелот, кој ќе стопанисува со неа. Во хотелот се сместени инструкторите, без кои никој не може да се искачи на патеката. Нивната плата и опремата се грижа на хотелот.

Градоначалникот Поповски нагласува дека, покрај авантуристичкиот парк, на туристите веќе им се на располагање 2,5 километри долга патека, покрај четири водопади на Равна река. Ја изградил претходниот градоначалник од целосно природни материјали, дрво и камен, а за комплетирање на авантурата Пехчево, градоначалникот вели дека не треба да се пропушти ниту старохристијанската базилика на четири километри од градот.

„Освен содржините што веќе ги имаме, во фаза на подготовка ни се уште неколку идеи. Повторно нешто што го нема кај нас, во Македонија, но се уште не сакаме да откриваме детали, оти го подготвуваме како изненадување“, вели градоначалникот Поповски.

текст: Маја Илиевска-Пачемска

Фото: О. Теофиловски

(Репортажата е објавена во дневниот весник „Вест“ на сабота 26/недела 27 ноември 2016 година)

Exit mobile version