Планинарите Александар Кирковски и Петар Ивановски, во најстудената ноќ спиеја во снег на Шар Планина. Во бивак – засолниште ископано во снег, кое сами го направиле на врвот Антени на 2.525 метри надморска височина, тие минале десет часа. Планинарите, вообичаено, на преспивање во бивак ги принудува некоја неволја на планина, но Кирковски и Ивановски велат дека се искачиле на Шара специјално за да преспијат во снег. Не ги натерала маката.
На двајцата искусни планинари не им било првпат да прават засолниште во снег. Имале бројни тренинзи за копање бивак, но секогаш тоа го правеле дење и никогаш не преспале во живеалиштето што го направиле. Пред да се сместат во снегот, работеле три часа без прекин.
„На Попова Шапка каде што ја оставивме колата, стигнавме околу 18 часот, веќе беше мрак. До врвот Антени пешачевме нешто по веќе од два часа, а по тоа ни требаа уште три часа за да го направиме бивакот. Цело време додека работевме имаше ветар, кој не тераше уште побрзо да копаме. Правењето бивак е исклучително
напорно. Прво се прави една дупка во снегот, па во неа се копа странично, за да се направи живеалиште
то. Тоа не е големо. Имаше димензии точно колку да не собере двајцата, два и пол метри должина и два
метра ширина, со околу половина метар висина. Многу е тешко исфрлањето на снегот надвор. Едниот исфрлаше до влезот на засолништето, а другиот од влезот надвор. Онојшто е внатре, не може многу да издржи бидејќи е ниско, па постојано се менувавме”, вели Петар.
Исцрпени од пешачењето и од копањето, Петар и Александар, пред полноќ се сместиле во бивакот. Прво си направивме супа за да се стоплиме. Потоа направивме и тортелини, варени, исто така, во вода од снег. Не носиме вода за да не ни тежи. Откако се најадовме, иако мртви уморни, не заспавме веднаш. Ги извадивме телефоните да пријавиме дека сме се сместиле, па малку Интернет, малку разговор, а спиењето на рати. Се будевме, заспивавме, но ни се собраа околу пет часа спиење”, објаснува Александар.
Не им студело во бивакот. На врвот Антени нема мерна станица, па прецизен податок за температурата таа ноќ нема. Александар и Петар велат дека било околу 25 степени под нулата, но имале и ветар, кој дополнително ги смрзнувал додека работеле. Велат дека за преживување во бивак пресудна е опремата.
„Без добра опрема за планинарење во зима, преспивање во бивак е невозможно.Пред се, треба топла облека, која не пропушта вода, чевли за пешачење во снег, специјални вреќи за спиење и подлога која не пропушта влага за поднив. И јадењето се подготвува на специјален плински уред. Обичните плински боци на оваа надморска височина и на овој студ невршат работа. И со сета опрема, студот се чувствува, но подносливо е. Најтешко е одењето во тоалет. Кога си принуден да излезеш од вреќата во која, колку толку, си се стоплил, па да излезеш надвор, и повторно да мораш да го минуваш целиот процес за затоплување”, вели Александар.
Во ниту еден момент не помислиле да се откажат и да се вратат назад да преспијат некаде на топло. Ве
лат дека по опремата, психичката подготвеност за спиење на студ е многу битна.
На планината биле сами. Го направиле бивакот на истото место на кое пред три години поставиле шатор и преноќиле во него. Насекаде бескрај на белина и антенски столбови кои стрчат, поради нив врвот го добил името Антени. Не им било страв ниту од диви животни. “Овде животните бегаат од луѓето, не се мешаат. Ние повеќе се плашиме од ловци што ги гонат животните, па едни пукаат од една страна, други од друга, а во средината може да има и луѓе”, вели Петар.
Кога се разбудиле, веќе било ден. Направиле уште неколку фотографии во бивакот, па излегле, а токму во тој момент им дошле и гости. Планинари од различни клубови тргнале на Титов Врв, и пријатно се изненадиле кога ги забележале колегите. Не кои од нив влегле да се сликаат во бивакот.
“Сликањето цело време ни беше луксуз. Прво беше многу ладно и брзавме да го направиме бивакот, а кога
бевме внатре, пак, беше многу тесно за сликање, па имаме само неколку фотографии”, вели Александар и, на
шега, додава дека во ранецот, како задолжителна опрема, носи и стап за самослик.
Тој е планинар веќе 15 години. Се искачил на највисокиот врв на Алпите Мон Блан, на Монте Роса во Италија, а освоил и многу други врвови.
Битолчани бивакувале на пат кон Мон Блан
При искачување на врвот Мон Блан во 2008 година, четворица членови на планинарскиот клуб “Пелистер” од Битола, поради силен ветер и влошување на временските прилики, биле принудени да направат засолниште во снег и да преноќат во реална ситуација на 400 висински метри под врвот. Откако преспале, успешно го искачиле највисокиот врв на Алпите Мон Блан.
Во експедицијата биле Игор Радичоски, Петар Нолев, Томе Минчев и Драган Ристевски.
текст Маја Илиевска Пачемска
Фото: В. Тануровски
(објавено во весникот Вест во САБОТА 23 / НЕДЕЛА 24 ЈАНУАРИ 2016)