Site icon GoExplore

Бостон- смарагден ѓердан во Масачусетскиот Залив

Ирски паб „Црна роза” (Black Rose). Кучиња и велосипеди не се дозволени, пишува зад влезната врата на пабот. А одвнатре допираат звуците на фина жива свирка, се пие пиво од големи кригли, две двојки играат ирски танц зад нас, музичарот весело и се насмевнува на Луси од првата маса. И забавата почнува…Ова е еден од илјадниците начини како да се помине вечерта во еден од најпулсирачките американски градови. Оти Бостон изобилува со ноќни локали, кафулиња, маргарита-барови од каде што трешти музика за сите возрасти и вкусови

Кафулето Cheers од познатата телевизиска серија, е вистинска атракција за посетителите, а пред рестораните за морска храна често се чекаат и редици за да се влезе. Во градот секоја вечер се одвиваат по минимум стотина културни настани, почнувајќи од хит-претстави, до третокласни мјузикли, кинопретстави, изложби, перформанси, опера, балет, театар, концерти и спортски натпревари… Ги има во сите делови на Бостон, креирани да задоволат најразлични вкусови. Забавата завршува во раните утрински часови, во градот кој речиси никогаш не спие. 

Бостон е како пристаниште на кое сакате да се закотвите и да не мрдате повеќе од тука. Во него дишете свеж воздух кој посакувате секогаш да го чувствувате, па дури и на минус 35 степени. Оваа културна мека, за среќа или несреќа, ја запознав во најстудените денови на кои се сеќаваат бостонци. Снеговите, ладниот ветрец од океанот кој минува и низ најдебелите алишта и го вкочанува телото, те тераат да брзаш и да се пикнеш во најблискиот мол (трговски центар) и со саати да пребаруваш по полиците со панталони, чевли, блузи, парфеми, а топлото те омајува и не чувствуваш како набрзина минуваат часовите. И на тоа студенило, младите бостонки не се откажуваат од модата, па често можат да се забележат во многу тенка облека и како шетаат со еспадрили или сандали низ влажните улици со боси нозе, премрзнати од студ. 

Бостон е град кој махерски знае како и последниот цент да ви го извлече од џебот. Тука шопингот не е потреба – тоа е начин на живот, а во најладната зима е одлична разонода. Топлите денови доаѓаат како благодат да се прошетаат бостонските улици и да се ѕирка по маалата, кои изобилуваат со неверојатен шарм и топлина. Обоени во пурпурни нијанси, интересни градби на куќи и згради од по неколку ката, мамат да се заѕвериш во прозорците од зад кои ѕиркаат љубопитни детски очи. Од кварт со семејни куќи се навлегува во зона на ексклузивни болници, медицински и истражувачки центри. Неколку блока подолу очите шараат по ексклузивните бизнис-објекти, импозантни зданија кои се извишуваат речиси до небото, а во нив многубројни трговски центри и луксузни ресторани мамат со својата шареноликост и миризба. Една од најубавите е веројатно улицата „Њубери”, преполна со галерии, ексклузивни продавници, кафетерии. Мирисот на суши и на различните пакистански, кинески, јапонски, мексички кујни ги мами минувачите во многубројните ресторани. 

Бостон е повеќе од град. Тој е слатко чувство кое навлегува во секоја пора од телото и кое не ве напушта ни тогаш кога вие ќе го напуштите него. Оти секое утро потоа ќе мириса на топлите мафинзи(овошни колачи), на свежата риба и на махи махи (вид делфин), на Атлантскиот Океан и на свежината што доаѓа од него. Мешавината вкусови и мириси, бои и јазици, секогаш носи нови доживувања, средби, дружења, размислувања.

Не случајно овој град личи на ѓердан од смарагди. Него го сочинуваат многубројните зелени паркови, кои, според многумина, се најубавото нешто по кое се памети градот. Неверојатна живост, убавина, милост ве облева додека верверичките трчаат по вас, без нималку страв посегнуваат по храната во вашата рака, се јазат по вашите нозе. Во Бостон се е живо. Дури и зиме кога зеленилото го има прекриено снег. Во лизгалиштето на отворено, во паркот пред парламентот трешти музика – младите се лизгаат по ледот, други шетаат крај заледените езерца. Напролет и налето е уште поживо. По езерата пливаат патките, а чамците со лебеди (swan boats), кои нудат прошетка по паркот, се вистинска атракција за посетителите.

Бостон е дефинитивно поинаков од сите други американски градови, исполнет со историја, култура и модерна софистицираност во исто време. Овој град нуди култура, стар европски шарм и академски и медицински врвни искуства. Највисокиот процент на популацијата во Бостон е на возраст од 16 до 36 години што го прави студентски град во кој се живее 24 часа. Бостон е и град со најголем број убиства во Америка, место каде што најмногу се јаде сладолед, особено во текот на зимата, а пијалак без лед не може да се замисли! 

Некогаш наречен„центар на универзумот” , Бостон денес е современ центар на регионалната трговија и култура, најголем град во New England и главен град на Масачусетс. Некогашното мочуриште на крајот на Масачусетскиот Залив, сега е прераснато во една од најголемите американски атракции. Како еден од најстарите градови во САД, Бостон заедно со соседниот Кембриџ, е мека на голем број образовни и културни институции, културен центар кој поради многубројните универзитети се нарекува американска Атина или американски центар на знаењето.

Во Бостон и околината има околу 200 високи школи, а за студирање на своите деца на најпознатите универзитети „Харвард” и „Бостон”, семејствата издвојуваат по 36 илјади долари годишно. „Харвард”, најстариот колеџ во земјата, е формиран во Кембриџ во 1636 година. 

Бостон е буквално воден град. Заплискуван од водите на Атлантикот, од една страна, но и разладуван од свежината што доаѓа од големата река Чарлс, која тече низ градот. Паркот покрај реката е прекрасно место за прошетки и одмор. Таксистите се најдобри водичи низ градот. Ги има од сите краеви на светот: Судан, Африка, Мароко, мешавина на бои и религии ,но и табиети, од оние што немаат поим каде ве носат и ќе ве “одерат”, до оние што со љубов ќе ви раскажуваат за секое ќоше од бостонските улици. Така ќе ги запознаете најголемите историски знаменитости на градот, патеката на слободата, импозантната зграда на парламентот, кинескиот кварт, но и најстарите бостонски градби, гробиштата на роднините на Бенџамин Френклин, холандската статуа – симболот на надежта. “Пред 200 – 300 години на ова место имало мочуриште, а потоа е изграден градот”, успевам да слушнам, навраќајки се на раскажувањето на таксистот.

На аголот зад нас останува парламентот кој, колку што е импозантен однадвор, толку однатре е топол, раздвижен, отворен за обичните луѓе. Ова извонредно здание налик на музеј, изградено во 1795 година, е место на кое шетаат кучиња и се одржуваат концерти на младите таленти и протести на геј-заедницата истовремено! Околу парламентот се наоѓа елитната населба Бејкон хил. Во оваа најстара и најелитна област семејна куќа има и некогашниот претседателски кандидат Џон Кери. 

Нашата домаќинка вели: „Навистина сте среќни што престојувате во САД во време кога се случуваат претседателските кампањи, кои навистина траат долго, но се интересни, во време кога во Масачусетс се случуваат големи промени и протести на геј-заедницата, и е на пат да биде првата држава која ќе ги дозволи хомосексуалните бракови”. Хомосексуалноста во Бостон ја доживеав како нешто со што луѓето се гордеат, за неа отворено се зборува и се практикува на јавните места. 

Опсерваторија
Звездена прошетка по Пруденшл центарот

Њујорк го има Емпајр Стејт билдинг, Бостон го има Пруденшл центарот. Звездената прошетка од опсерваторијата во Пруденшл центарот, кој се наоѓа во срцето на Бостон, нуди спектакуларен поглед на градот и неговата околина. Додека шеташ во застаклениот простор, на четирите страни од опсерваторијата, низ огромните прозорци можат да се забележат најголемите знаменитости на градот,  и  реката Чарлс која одозгора се прелева во сини нијанси. Долу, љубителите на екстремните спортови уживаат освојувајќи го воденото пространство. Во далечината се гледаат зградите во комплексопт на Цхристиан Сциенце, бостонската јавна библиотека, прекрасната црква Тринити и многубројните паркови кои ја сочинуваат бостонската огрлица од смарагди. Од обсерваторијата се пружа поглед на Кембриџ и на предградието околу Бостон, а на многу бистар ден, може да се види и дел од Кејп Код

 Бостонски атракции
 Историја, музеи, уметност и вештерки

Ако сте желни за историја, музеи, уметност, па и вештерки, Бостон е вистинското место за тоа. Изабела Стјуарт Гарден музејот однадвор не ветува многу,, но од градската безличност и врева низ темен ходник влетувате во рајска градина, оаза на цвеќиња и бои. Ова бостонско културно светилиште, каде многумина наоѓаат мир и спокој од бостонското секојдневние, воодушевува и во секој негов дел се чувствува нескротениот и ексцентричен дух на неговата создателка, не многу сакана од тогашните бостонски дами, но голема пријателка на уметниците.
Музејот на современа уметност создава прекрасно чувство за умствена гимнастика. Околу вас оригиналните дела на многубројни европски и американски сликари на моменти не дозволуваат да ги одвоите очите од нив, а како шлагворт доаѓаат делата на Пикасо,Сезан, Рембрант… Минијатурите на Пикасо, на чија извонредна изложба имав можност да присуствувам, гледани низ лупа отвораат еден сосема нов, неоткриен свет. Под четката на овој гение се отвараат пред вас неговите многубројни автопортрети и портрети во најразлични расположенија, библиски и еротски мотиви.
Аквариумот New England -поминуваш низ стаклените врати и влегуваш во подземниот свет на океанот. Широко отвори ги очите за да можеш да уживаш во разновидните облици, бои и движења на водните животни. Огромниот океански базен на четири нивоа е дом за ајкулите, желките и најразновидните риби. Нуркачите кои ги хранат животните се вистинска атракција. На влезот ве пречекуваат црно белите пријатели – пингвините со кои ќе имате незабравно дружење, а на бродот Дискавери можете да ја следите неодоливата претстава со морскиот лав. Во тродимензионалниот театар секојдневно се прикажуваат шест приказни кои ве водат во тајните на длабоките води и потонатиот брод Титаник.
Музејот на вештерките во Салем се наоѓа надвор од Бостон, но вреди да се посети, оти само таму може да се навлезе во мистичноста на едно темно време на убиства и хорор.
Библиотеката и музејот на ЏоН. Ф. Кенеди,нуди можност за навраќање во раните 60-ти години и запознавање со животот на Џон и Жаклин Кенеди преку изложби и презентации.
МохегунСун е коцкарница на индиското племе Мохегун, која се наоѓа во близината на Бостон. На местото на некогашниот резерват изграден е коцкарски град, каде се слеваат, особено за време на викендот, огромен број луѓе. Во текот на февруари  тука се одржува Фестивал на вино и храна.
Бостон freedom trail или Патеката на слободата е обележана патека која што ги поврзува историските знаменитости на градот. Најдобар начин да го запознаете Бостон е доколку шетате токму по оваа патека обележана со црвена линија, а која води до старите гробишта на познати актери и историски личности, како Џон Ханкок и Семјуел Адамс, како и родителите на Бенџамин Френклин и жртвите од Бостонскиот масакр. Попатно остануваат старите книжари со ретки книжевни бисери, стариот парламент кој што е најстарата јавна зграда од 1713 година, како и Фанеуил Хол и Квинси маркетот, кои изобилуваат со храна од најразлични кујни.

Историја
Богат историски град со англиски шарм

Бостон е најголемиот град во Масачусетс, лоциран на источниот дел од државата во Масачусетскиот залив, кој прераснал во град во 1822 година. Ниту еден друг град во САД не е побогат од него со историја, бидејќи ги има зачувано најголем број од оригиналните згради, како сеќавање на американската историја.
Првиот европски доселеник во Бостон бил свештеникот Вилијам Блекстоун, кој пристигнал во 1623 година, само три години по доаѓањето на првите верници во Плејмаут во 1620 година. За подоцна да биде придружен од Пуританците од Англија во 1630 година. Тие го крстиле овој град Бостон, по нивното старо живеалиште во Линколншир, Англија. Пет години подоцна тие го отвараат првото јавно училиште во Америка. Денеска, во бостонската област има 68 колеџи и универзитети. Бостон е огромен индустриски, финасиски и образовен центар и има едно од најубавите пристаништа во светот.

Даниела Трпчевска/ Утрински весник 

Exit mobile version