Site icon GoExplore

Водопадите – мелем за очите и душата

Планините во западниот дел на земјава во своите пазуви кријат неверојатни убавини. Верувале или не, но во Македонија има околу 150 водопади, од кои најголемиот број се сконцентрирани во западниот дел на земјава. Кораб, Шара, Јабланица, Беласица изобилуваат со нив. Највисокиот водопад се наоѓа на Кораб.

Затскриени во најдлабоките шуми, далеку од човековиот дофат и погледи, тие најчесто се само дел од човековата фантазија, или ретко исполнета желба да се  ужива во нивната убавина.

Овие планински убавици, иако реални, за многумина се само дел од приказните, и ретко кој верува дека ги имаме и ние на дофат. Тие – водопадите, не се нималку измислени, туку се неоткриена убавина во повеќето македонски планини. Често посетувани само од најхрабрите и најупорните љубители на природата, планинарите, спортистите, но и истражувачите, водопадите можат да бидат неповторливо доживување, но и опасна авантура, поради непредвидливиот обем на вода кој го поседуваат, особено во пролетните денови, но и поради тешко пристапните предели во кои се наоѓаат. За мештаните од разни краеви на земјава, водопадите се места на кои се празнуваат верските празници, се лечат болести, се  испраќа зимата и се пречекува пролетта.
Верувале или не, но во Македонија има околу 150 водопади, од кои најголемиот број се сконцентрирани во западниот дел на земјава. Кораб, Шара, Јабланица, Беласица изобилуваат со нив. Највисокиот водопад се наоѓа на Кораб. Достигнува височина од 138 метри, а лоциран е под врвот на Мал Кораб, во непосредна близина на некогашното село Жужње. Во земјава постои водопад поголем и од 138 метри, кој се уште не е детаљно истражен, но проценките велат дека може да биде повисок и од 200 метри.

На тромеѓето меѓу Македонија, Бугарија и Грција, во пазувите на планината Беласица, на надморска височина од 650 метри се наоѓа една од најголемите природни убавини во земјава – Смоларскиот водопад. Станува збор за еден од  поголемите водопади на Беласица, а се претпоставува дека ги има пет – шест во планината. Смоларе со изградбата на патека до него, стана достапен за многубројни посетители и спортисти, кои не ја пропушаат можноста постојано да уживаат во оваа природна реткост. Патеката од камени скали и дрвена ограда, во должина од 400 метри започнува над селото и води до водопадот. Неверојатно живописниот крај околу патеката, со зеленило, свежина и тивка бучава на вода од кладенците и поточињата, внесуваат во тајниот живот на планината. Со доближувањето до водопадот, расте бучавата.А таму, зад високите буки се надзира големата пенлива вода, која паѓајќи од карпите на височина од 35-40 метри, се разпрснува наоколу, создавајќи меурчиња и мали виножита.

 Капките вода допираат и до малиот мост, изграден пред водопадот, па така застанати на него, можете да почувствувате како ве облева неверојатна свежина.  Посакуваш да седнеш на каменот под водата, да ги почувствуваш студените капки како ти го плискаат лицето и телото. Тука чувствуваш дека си жив. Водата тече, а ти стоиш на дрвениот мост под кој надоаѓаат повторно и повторно нови води. Пределот околу водопадот изобилува со вегетација и мовови кои никогаш не ја менуваат зелената боја. Тука во текот на зимата, природата ги создава најубавите мразулци кои висат на карпите.За жал фазата на повлекување на овој водопад е веќе започната, но ќе помине долг период пред да дојде до негово уништување.

 ЛЕГЕНДА
Мештаните местото каде што се слева водата од водопадот го нарекуваат “казан”, а локвата вода која се создава – “луле”. На местото каде што сега е изграден мостот, има дупка за која мештаните раскажуваат своја приказна. Легендата вели дека Крали Марко рипнал со коњот од водопадот, по што во каменот останала дупка од копитото на коњот. Таа дупка смоларчани ја нарекуваат “дира”.

Македонија изобилува со околу 150 водопади
Во близина на Смоларскиот, се наоѓа Колешинскиот водопад. И двата се прогласени за споменици на природата и се наоѓаат на северните падини на планината Беласица. Во план е да се припитоми и патеката кон Колешинскиот водопад, со што тој би бил достапен за сите вљубеници во природата. Водопадот се наоѓа во југоисточниот дел на земјава, во долниот тек на реката Баба. Висок е 15 м. Во близина на Колешинскиот водопад, се наоѓаат уште неколку помали водопади.
Според сознанијата на Министерството за животна средина и просторно планирање, во земјава има десетина позначајни водопади. Меѓу нив се неколкуте водопади на Шар Планина и тоа водопадот Долна Скала на Беловишка река, лева притока на Вардар, кој е висок 43 метри, и Мал водопад на Кривошијска река, десна притока на реката Пена, кој е висок околу 16 метри. Водопад има и на Боговинска река, на Шар Планина, кој е висок околу 10 метри. Повремен водопад има и во близината на селото Жужње. Станува збор за Пројфелскиот водопад на Длабока Река, десна притока на Радика, висок околу 134 метри.  Водопад има и во близината на Демир Хисар, наречен Доленечки водопад, се наоѓа во изворишниот дел на реката Бабуна, и е висок околу 10 метри. На Црна Река пак се наоѓа Брничкиот водопад, во Скочивирската клисура.

Водопадот кај Црн камен – свето место и лечилиште
Во месноста Црн Камен во непосредна близина на Велес, се наоѓа едно многу необично, магично место. Десно од стариот пат, кој излегува од градот, горе во планината се наоѓа округла пештера, над која паѓа голема вода и се распрснува  на камењата. Легендата вели: ако поминете под водата и таа не ве испрска, тогаш сте исправни, чесни, но ако ве испрскаат капките од водопадот, тогаш сте грешни. Мештаните отсекогаш го сметале ова за свето место, каде за време на празниците се прават адети и се врзуваат црвено-бели плетенки за плодност и берикет, кои потоа се оставаат во близина на водопадот.

Даниела Трпчевска

фото Филип Антовски

 

Exit mobile version