Site icon GoExplore

Денови на кочанскиот ориз 26. пат

Стопанско-културната манифестација Денови на кочанскиот ориз 2017 година ќе се одржи од 26 септември до 1 октомври во организација на Општина Кочани.

– Манифестацијата започнува на 26 септември со изложба на ликовни дела од творештвото на кочанските ликовни уметници членови на ДЛУК, како и со концерт на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип – соопшти Аника Илијеска-Горгиева од Општина Кочани.

Манифестацијата ќе биде збогатена со изборот на жетварската убавица, перформанс на Сара Мејс, како и концертот на народни песни и ора, на кој се очекува да настапат фолклорни ансамбли од Македонија, Бугарија, Хрватска, Словенија и од Унгарија.

– На годинашната оризова бела ноќ ќе настапат Игор Џамбазов и групата „Гуру Харе“, а манифестацијата ќе биде збогатена со промоција на книга и театарска претстава – истакнува Илијеска-Горгиева.

Централен настан на годинашните 26-ти Денови на кочанскиот ориз, кој привлекува голем број посетители и гости од страна, е обичајот зажнејување на оризот на нива и вршидба со ѕевгар, кое ќе биде демонстрирано на оризовите полиња кај Кочани на 1 октомври. Потоа следува прогласување на најдобриот индивидуален земјоделец од Кочанско, како и презентација на јадења подготвени од ориз.

Во културно-уметничкиот дел, кој ќе се одржи во Паркот на револуцијата во Кочани, ќе настапи и Ефто Пупиновски.

Гостите во Кочани ќе може да ги посетат културно-историските знаменитости на кочанскиот крај, како спортско-рекреативниот центар „Пониква“.

 

Exit mobile version