Site icon GoExplore

Децата кои се плашеа од сопствената сенка, сега се радуваат на животот

Селото Манастирец кое се наоѓа на 17 километри од Македонски Брод, по многу нешта не се разликува од останатите рурални средини во земјава. Бујната вегетација на Поречјето, високите планини и жуборестата река, но и трошните куќи и малубројното население кое се бори да преживее во овие сурови простори без егзистенција, се дел од типичната рурална слика.

 

Но доволна е само една прошетка  по сокаците на Манастирец за да се доживее тажната, но во истовреме и хумана приказна за стоте жители на ова село, кои барајќи излез од немаштијата и чаре за школување на сопствените деца, секојдневието го минуваат во згрижување и нега на деца со тешки телесни и ментални хендикепи.

Дваесет и едно дете изминативе години се извадени од заборавот на  социјалните установи и здравствените институции и им е дадена можноста да ја почувствуваат топлината на новите семејства во Манастирец. Овие мали човечиња, кои поради разните ментални и физички хендикепи, биле напуштени од семејствата и роднините, во ова селско лечилиште на душата ја пронаоѓаат детската смеа, дружба, животната радост.  Државата одвојува околу 100 долари месечно за секое дете извадено од заборавот на социјалните установи и здравствените институции. За поречани овие пари значат излез од немаштијата, обезбедување на школување за билошките деца, мажење на ќерките, прехранување на семејството.

„Си помагаме заемно – и тие на нас и ние на нив“, велат згрижувачите. Напуштените деца добиваат пример за семејство и дом, грижа и љубов, мајчинска нега. Семејствата во Манастирец за нив се и мајка и татко, и брат и сестра кои тие никогаш ги немале. Во селото, над кое заштитнички се надвиснува многувековниот манастир “Света Богородица”, овие деца за првпат прооделе, прозборувале, го добиле првиот бакнеж во чело и топла прегратка. Жените згрижувачки намачени од тешкиот селски живот, немаштија и беда, единствено што можат да им понудат  се внимание и грижа.

„Немаме раскош во трошните куќи, ниту богатство, но барем слога и љубов имаме. Друго ништо не ни треба“, вели Цвета Цветковска, која се грижи за Горде, дете болно од  целебрална парализа, алалија и амнезија. “Тоа се наодите што ги знам, се во неа се има збрано”, прошепотува таа гушкајќи го болното девојче. Оваа жена, која долги години работела во Македонски Брод, по пропаѓањето на фирмата, се вратила во родното село, каде веќе шест години згрижува деца од Центрите со посебни потреби. Размислува и понатаму да продолжи, бидејќи ова е единствениот начин да обезбеди егзистенција за болниот сопруг и трите биолошки деца.

„Со 5.000 денари е тешко да чуваш дете, но се снаоѓаме. Вака и на децата им помагаме и на себе“, вели таа, гледајќи во подот до насолзени очи. „Инаку која егзистенција можеме да ја имаме меѓу карпиве. Само децава ни се спас“, додава тивко таа, плашејќи се од суровата вистина на сопствените зборови.

Во селото живеат 120 жители. По замирањето на единствената фабрика во околината, „Сувенир“ од Самоков, семејствата кои останаа без егзистенција, во ова планиско село се борат со бедата и немаштијата. Во скудни услови за живот, трошни куќи и сиромашен оброк, тие згрижуваат деца кон кои животот не покажал нималку милост.

Во Манастирец децата ја учат суровата, но и убавата страна на животот. Дружбите во малиот згрижувачки центар каде цртаат, гледаат филмови, слушаат музика, како и игрите на лулашките во пространиот двор, вдишувањето на свежиот воздух и слободата да се шета и ужива во него, нудат поубава слика за животот. Опкружени со луѓе кои се грижат за нив и другарчиња кои живеат секое во својот свет, како да ги рушат бариерите дека не се како другите луѓе. Тие тука добиваат чувство дека им припаѓаат на семејствата во Манастирец.

Децата кои се плашеа од сопствената сенка, сега научија да се радуваат на животот. „И овој скромен живот е благодет за нив, кога ќе излезат од некоја институција, како што е Демир Капија“,  велат згрижувачите. Доаѓаат исплашени од луѓето, животот, самотијата. Оставени од родителите, неприфатени од околината, ги стискаат усните, го наведнуваат погледот и потајно стрепат. За неколку години Манастирец станува нивниот дом по кој тагуваат кога ќе го напуштат.

Секој посетител на нивното дневно царство, сместено во две мали соби, украсени со цртежи и слики, е добредојден. Средбата почнува срамежливо, за да прерасне во една безрезервна дружба. И додека петгодишната Билјана која има тежок ментален хендикеп, седи во ќошето, занесена во својата игра, Маја, 18 годишно девојче извлечено од „Демир Капија“, притрчува со лист хартија и пенкало, црта пеперутки и ни ги подарува, како знак на сеќавање, како благодарност што луѓето не ги заборавиле.

Во соседната соба Дарко и Енис пуштаат гласна музика. Двајцата неразделни другари, ги поминуваат последните денови заедно. Енис наскоро заминува, во својот нов дом во Италија. Ова е третото здраво дете, кое годинава е посвоено од семејство во Италија. Во исчекување на новите родители Барбара и Анџело, тој стравува од непознатото. Кога ќе дојдат новите родители, каде ќе го носат, како ќе патува, ќе се врати ли некогаш повторно во Манастирец? И додека илјадници прашалници се мотаат низ неговата мала глава, тој само тивко, со трепет не прашува: „Сте летале ли некогаш со авион?“ Нервоза, исчекување, неизвеснот се чувствува и во погледот на осумгодишниот Дарко. Детето со недоразвиени рачиња, кое во Манастирец научи да оди, да се облекува, да јаде, од пред една година доби ново сместување во Бањско, каде се школува.

Иако надлежните одлучиле дека мора да замине, тој неможе да ја прекине „папочната врска“ со своето прво згрижувачко семејство, постојано барајќи да се врати во селото. И при нашата посета беше тука. Од семејството велат дека по неколку пати годишно го земаат на гости, за да не тагува, а за тоа не добиваат никаква материјална надокнада.

Семејствата се врзуваат за овие деца. Повеќето од нив ги имаат израснато сопствените деца и ги школуваат во Скопје. Емотивната врска и близината сега ја воспоставуваат со немоќните деца, кои без нив неможат ниту да се облечат, ниту да се прехранат. Солзи им надоаѓаат на очите при помислата на скорешна разделба. А се случува често да заминат, кога Комисијата задолжена за нивниот надзор ќе одлучи дека е потребно да заминат во нова институција, иако тоа често не значи и дека таму ќе добијат посоодветен третман, велат згрижувачите.

„Ама и децата се врзуваат за нас. Плачат, се лутат кога мораат да заминат, бараат да се вратат и да останат кај нас“, раскажуваат згрижувачите.

Жителите на Поречјето со години ја делат судбината со овие деца, кои боледуваат од Даунов синдром, парализа, амнезија… Тие со години остануваат во згрижувачките семејства, кои поттиснати од товарот на немаштијата и безизлезот во ова планинско село, градат врска на заемно помагање.

Првото згрижување во Манастирец датира од 1998 година и досега се исчувани 21 дете во осум згрижувачки семејства. Некои од нив сега имаат формирано свои семејства, други се префрлени во некои од социјалните или здравствените институции во земјава.

„Добро е што децата имаат пример на семејство, иако ова е сиромашно село, каде што живеат социјални случаи. Тие емотивно не се штедат и вложуваат многу љубов во одгледувањето на децата. Сите имаат и свои деца, па парите што ги земаат како помош им користат за школување на биолошките деца. Сега има девет деца во шест згрижувачки семејства, но постои голем интерес за згрижување на деца од страна на жителите во Манастирец“, вели социјалниот работник Гордана, која секојдневно ги посетува семејствата. Таа е единственото стручно лице кое се грижи за развојот на децата. Нив секој вторник ги посетува лекар, а доколку има потреба од итна интервенција, ги префрлаат во амбулантата во Македонски Брод.

Средбите, дружбите, разговорите со згрижувачите секојдневно се одвиваат во Детскиот центар за деца со посебни потреби, кој функционира од 2002 година. Изграден е со помош на УНИЦЕФ, но како што велат згрижувачите, откако е направен, ништо повеќе не е вложувано во него. „Ништо не е подновено од тогаш, играчките се искршија, оти се има век на траење. Само некои здруженија на пензионери доаѓаат понекогаш и носат чоколади или играчки од внуците. А децата се радуваат, секоја посета ги весели, и лижавче да им донесеш за нив е радост“, велат згрижувачите.

Додека тие ги споделуваат со нас секојдневните проблеми, децата весело трчаат наоколу. Малата Стефи, која боледува од епилепсија веќе е вознемирена од нашето скоро заминување и немирно врти со главата. Ги зема бомбоните од нашите раце и и ги подава на Горде, со која другарува. Нејзиниот мил поглед вели благодарам, затоа што е немоќна да зборува.   Нејзината згрижувачка – мајка, Цвета ја погалува ко косата и вели: „Почетокот е секогаш тежок, а потоа се соживуваш со децата кои се со тежок хендикеп. Веќе шест години ја чувам Горде и не можам да замислам да ја одвојам од мене“.

„Пет години да чуваш некого, потоа е тешко да се одвоиш од него. Од пет кила си направил човек, си го научил да јаде, да оди. Кога ја зедов не знаеше да голта, да јаде, само рацете ги држеше стегнати, очите и играа и плачеше. Три ипол години ја чувам Маја, ни да се облече ни да се избања не знаеше. Сега веќе е сама домаќинка, се ми помага дома. Само не сум ја оставила леб да меси, оти тоа е најтешка работа“, се надоврзува на разговорот Гордана Митаноска. „Ама ќе ја научиме и леб да меси““, додава социјалниот работник со насмевка, заминувајќи кон градот. Децата со поглед ја отпраќаат во далечината, чекајќи го нејзиното повторно доаѓање, а потоа нивните силуети се губат во трошните куќички. Последен заминува Енис. За него можеби веќе од утре започнува нова животна приказна, многу далечна и поинаква од оваа во Манастирец.

Даниела Трпчевска/ Утрински весник 

 

 

 

Exit mobile version