Site icon GoExplore

Египет – патување низ вековите и тајните лавиринти на пирамидите 

Звуци од минатото, магична светлина и музика од длабочина со која се доловува духот на древните времиња. Историјата на Египет како флешови минува пред нашите очи, заслепени од величествената слава на кралевите. Гласот од длабочината ги буди дамарите во телото и по неколку минути се претопуваме со тајните лавиринти на пирамидите, со стрелите кои смртоносно фучат низ главите на фараоните или пловиме по Нил на средба со богот на сите богови, господарот на сонцето, Амон Ра.

Вечерната средба со пирамидите и претставата “Sound and light show” не нe остава ни малку рамнодушни. Зашто импресивна е сторијата на осамените сведоци на времето кои раскажуваат за многу војни и славни владеења на кралевите Рамзес Втори, Тутанкамон, Кеопс, Кефрен… Да се дојде во Египет, а да не се почувствува духот на минатото кој дише од секој камен на вечните сведоци на времето – пирамидите е како воопшто да не сте дишеле од каирскиот воздух. Египет може да се почувствува само кога ќе се допрат камените плочи, покрај кои си толку малечок и минлив, а качувајќи се по нив го чувствуваш пулсот на гранитот, кој како полека да оживува. А лево од нив, сфингата, вечниот чувар на фараонската желба за бесмртност, не престанува да раскажува за славата на древните кралеви. 

Звуци од минатото, магична светлина и музика од длабочина со која се доловува духот на древните времиња. Историјата на Египет како флешови минува пред нашите очи, заслепени од величествената слава на кралевите. Гласот од длабочината ги буди дамарите во телото и по неколку минути се претопуваме со тајните лавиринти на пирамидите, со стрелите кои смртоносно фучат низ главите на фараоните или пловиме по Нил на средба со богот на сите богови, господарот на сонцето, Амон Ра. Вечерната средба со пирамидите и претставата “Saund and light show” не нe остава ни малку рамнодушни. Зашто импресивна е сторијата на осамените сведоци на времето кои раскажуваат за многу војни и славни владеења на кралевите Рамзес Втори, Тутанкамон, Кеопс, Кефрен… Да се дојде во Египет, а да не се почувствува духот на минатото кој дише од секој камен на вечните сведоци на времето – пирамидите е како воопшто да не сте дишеле од каирскиот воздух. Египет може да се почувствува само кога ќе се допрат камените плочи, покрај кои си толку малечок и минлив, а качувајќи се по нив го чувствуваш пулсот на гранитот, кој како полека да оживува. А лево од нив, сфингата, вечниот чувар на фараонската желба за бесмртност, не престанува да раскажува за славата на древните кралеви. 

“Јала, јала”, вели таксистот од црно-белото амортизирано возило, повикувајќи нe да побрзаме, нагло враќајќи не од нашето виртуелно патување 5.000 години наназад во историјата. Колона возила го попречува патот на каирските улици. За цената на возењето некако успеваме да се испазариме од 20, 10, за на крајот за пет египетски фунти да стасаме до хотелот “Пирамиса”. 

Оставајќи ја древната историја зад нас, модерното Каиро ни посакува добредојде. Низ прозорчето од автомобилот милиони светла на градот ги мамат нашите погледи во ноќта. Полноќ е, декември, а температурата надвор е над 14 степени. Низ скршеното стакло во облик на пајажина, очите ми шараат по величествените објекти крај кои минуваме. “Хајат”, “Хилтон”, “Шератон”, “Интерконтинентал”, “Фор сизнс”, се само еден мал дел од многубројните хотели кои воодушевуваат со својата луксузност и раскош. 

Главниот град на Египет, Каиро, е спој на контрасти – екстремен луксуз и екстремна сиромаштија. Тука ќе видите објекти, хотели, згради, музеи од кои ви се врти во главата од убавина, за само неколку метри од величествениот центар да залутате меѓу бедни населби и згради пред урнување во кои живеат голем број сиромашни луѓе. Седнати пред малите дуќанчиња, мажите облечени во традиционалните облеки – фустан (гелабија) и интересно завиткана шамија на главата (тарбуш), пушат шиша – наргиле со вкус на овошје, набљудувајќи ги минувачите. А на улиците жубори од шаренило на облеки, капи, шалови, а последниве неколку години е забележлив голем тренд на носење шамии. Жените ги покриваат лицата и телата, од мода или традиција, а овој ориентален изглед ги мами туристите, кои ретко заминуваат од Египет без да купат марами, или традиционални обележја како шиша, папирус или скарабеј (фигура за среќа). 

Египет се обидува да го зачува традиционалниот живот меѓу двете вери: муслимани и христијани и соживотот меѓу нив добро функционира. Јазот кој е евидентен на Балканот, таму е сосема излишна приказна, оти религиите живеат во меѓусебно почитување и прифаќање една со друга. Египќаните се љубезни, наметливи, сите нешто ви нудат да купите, трчаат по вас за да ви помогнат да го најдете местото кое го барате. 

“Во аптека се качуваат на дрвена скала, од рафтовите го земаат потребниот лек и ви го фрлаат одозгора”, раскажува една колешка, штотуку дојдена од патешествието по каирските улици. Овој град секојдневно ни приредува нови изненадувања. Толку различен од западниот свет, шарен, измиксиран, пренаселен, топол, мистичен или можеби на моменти апсурден. 

Ви се случило ли некогаш да стоите петнаесетина минути на една раскрсница, а возилата да течат непрекинато пред вас и да нема никаква шанса дека наскоро ќе ја преминете улицата? Е, во Каиро е така секојдневно. Во градот без семафори и сообраќајни знаци, во кој на улиците царуваат околу три милиони возила, потребна ви е само умешност за да претрчате меѓу автомобилите. Зашто тука не важат никакви сообраќајни правила. Во Египет ви е потребно само едно: краток прирачник за улично преживување. 

Во град како што е Каиро, во кој живеат 17 милиони жители, возењето со комбиња и мини-автобуси е практична и најевтина работа. Дури и за невестите и сватовите, кои пикнати во малите автобуси јуришаат низ преполните улици, а постојаното свиркање на возилата и викањето на возачите го надополнува метежот на раскрсниците. My friend (пријателе) е магичниот збор кој во оваа арапска земја во речиси сите ситуации ќе ви помогне, зашто луѓето се пријателски и топли расположени за нови пријателства со странците. 

Египет има околу пет милиони посетители годишно. Туристите се света работа и никој не ги задева. Движењето во секој дел од Каиро е слободно, не само преку ден, туку и текот на ноќта, зашто Каиро, всушност, е ноќен град. Тука се живее до раните утрински часови. Познатите ноќни клубови обезбедуваат луда забава до изутрина со ориентални танци на египетските убавици. Трговски центри има во изобилство, а пазарот Хан Халили, дефинитивно, е место на сите случувања. Тука луѓето доаѓаат и се пазарат до бесвест за папируси, разни дреболии, миризливи масла, шиша (наргиле), жаде-облеки, традиционални облеки, сребро, злато, по далеку пониски цени од скопските. 

Ориенталната храна е зачинета, колачите – шербетосани, но во хотелите и во рестораните се приготвува храна која е многу поблиска до европската. По неколку дена се привикнувате на силните зачини, оризот, компирот, морковите и краставичките кои секојдневно ги има на масите, па дури и во дискотеките. 

Каиро навечер е осветлен од илјадници светла на хотелите кои заслепуваат од својот раскош и архитектура која омајува. Магичноста на Истокот споена со архитектурата од Западот е необјасниво привлечен спој. Од мостовите над Нил, реката која му дава живот на градот, се гледа највисоката кула. Долу под мостот, ексклузивни бродови се подготвуваат за вечерното крстосување по Нил. Египетските танчарки, ориенталната музика, месото од слон залиено со црвено вино, прават патувањето по водите на Нил да биде незаборавно доживување, на кое сакате повторно и повторно да се навраќате. 

На оваа почва, на секои 23 секунда се раѓа по едно бебе, а на секоја минута починува некој човек. Големиот наталитет и бесплатното студирање кое продуцира голем број кадри кои не можат да се вработат доведува во голема невработеност и сиромаштија во земјата, во која живеат 72 милиона жители. Просечната плата е околу 50 долари, што го објаснува обидот на локалното население да заработи на секој можен начин, поради што првичната цена на секој производ е неколку пати повисока од онаа реалната. Внимавајте, пазарањето за висината на цената е основното правило за преживување во Египет. Треба да се пазарите за сe, па дури и кога купувате вода за пиење. 

Во Египет има што да се види, зашто станува збор за земја која поседува една третина од светските монументи, а Каиро веројатно е единствениот град во светот на чија почва има споменици кои потекнуваат од четири различни историски периоди – фараонски, римски, христијански и исламски. Во татковината на фараоните и хиероглифите има 2.282 џамии и 165 цркви.

Посетата на христијанските и исламските верски храмови е една од туристичките атракции кои ги нуди овој град. Од христијанските монументи особено е интересна “Висечката црква”, а од исламските монументи попознати се џамиите Ал Фустат, Ал-Азар, Цитаделата и други. Во египетскиот музеј е запишана сета древна историја. Тука на едно место можат да се најдат раритетни дела преку кои посетителите се запознаваат со старата египетска историја во период од 50 века. Најзначајна е колекцијата на Тутанкамон и мумиите. Она што како атракција може да го понуди модерниот Каиро е зградата на Операта и Кулата – Џезира, висока над 180 метри, каде што посетителите можат да уживаат во панорамата на Каиро. Надвор од градот се наоѓа египетскиот филмски град (Медија продакшн сити), каде што се произведуваат многубројни серии од типот на “Клон”, а кои се особено популарни во Египет. Интересно е да се посети и најстариот главен град на Египет, Мемфис, изграден од кралот Менес, кој се наоѓа 24 километри од Каиро и фараонското село, кое го има зачувано автентичниот изглед. 

Она што како специфика го има овој град е Градот на Мртвите – засолниште за неколку милиони бездомници. Тоа е првата станица на повеќето луѓе кои доаѓаат од селата во потрага по подобар живот во Каиро. Станува збор за бездомници кои засолниште наоѓаат во гробиштата во Каиро, градени во форма на мали куќи, но без покрив, во чија средина се наоѓаат гробовите, а од страна има мали бањи. Претпоставките се дека 300 илјади до два милиона луѓе наоѓаат засолниште во гробиштата, пред да се снајдат со работа и живеалиште во градот.

Даниела Трпчевска / Утрински весник 

 

Exit mobile version