Site icon GoExplore

Жештините го полнат Дојран со гости

Дојран годинава почна многу порано да и’ се радува на сезоната. Гости како никогаш досега има уште од мај, а ако продолжат жештините, очекувањата се дека ќе продолжи сезоната и во септември. Но, дојранчани и летово, како и повеќе години наназад, како да се затекнати од летото. Гостите веќе пристигнуваат, а Општината се уште крои планови како да ги уредува плажите и да поставува шанкови за разонода.

Работите во свои раце изгледа ги имаат земено само приватните сопственици на хотели, каде што гости има во текот на целата година. Најраздвижено е во кампот „Гимнастичар“, каде што се собираат младите, додека хит-плажа за летово е „Алекс бич“, која се наоѓа на патот меѓу Нов и Стар Дојран. Приватниот имот на семејството Тентов, облагороден со кафе-бар и парк за деца, беше преполн со гости деновиве, кои се сончаа под дебелите сенки на сламените чадори. Со полна пареа течат и подготовките за реновирање на хотелот „Галеб“. Од следната сезона на гостите ќе им понуди луксузни апартмани и забава како во старите добри времиња. 

Дојран годинава ќе ги пречека туристите со езеро кое е речиси на истото ниво од лани, со неколку кафулиња, пицерии и ресторани, но без дискотека. Од Општината велат дека системот за спас на езерото нормално функционира, нивото на водата бележи позитивен тренд на покачување, иако станува збор за минимални 20 сантиметри. 

Сегашното ниво на водата е на -92 под минималната кота, додека во најлошиот период во 2002 година, нивото на водата беше на -270 под минималната кота. Дојранчани велат дека откако езерото е дадено под концесија, му е ставен крај на ловокрадството. „Луѓе задолжени за обезбедување постојано вршат контрола на ловокрадците и ги фаќаат мрежите. А езерото е полно со крап, сом, црвеноперка, но караш има најмногу“, велат дојранчани. 

Годинава летувалците не ќе можат да се сончаат на најпозната плажа во Мрдаја. Некогашниот хотел и плажата сега се во сопственост на странци, кои на ова место го отворија казиното „Хит“, кое е од затворен тип. Засега е уредена само градската плажа, додека поголемиот дел од крајбрежјето е обраснато во трски. 

Сопствениците на хотели и кампови крај езерото бараат Општината да им дозволи да го уредат просторот околу плажите, но досега, велат, немало слух за тоа. Најголема мака мачат со трските, кои на одделни делови од плажата е навистина невозможно да се уништат ниту рачно, ниту машински. 

„Во тек е проект за уредување на крајбрежјето онаму каде што се концентрирани плажите. Тие не се дадени под концесија се’ уште“, велат во Општината. Најавите се дека концесиите за дојранското крајбрежје ќе се делат во октомври. „Чекаме под концесија да ни ги дадат плажите од есен, оти сега вложуваш, правиш, ама на туѓо градиш“, револтирано велат угостителите. Во план и е поставување летни шанкови покрај градската плажа, но и со тоа се доцни ако се има предвид дека сезоната е веќе започната. 

Во Општина Дојран очекуваат дека поради визниот режим, многумина ќе се одлучат да летуваат во Дојран, но дали ова подзаборавено летувалиште на туристичката карта ќе има доволно капацитет да ги прими годишноодморците? 

„Дојран е подготвен за гости“, не’ убедуваат општинарите, додаваат дека водоснабдувањето е континуирано и нема да има проблем летово. Според најавите, најголем притисок од туристи се очекува во август. Луѓето веруваат дека тогаш цветаат алгите и водата е најлековита. 

Дарко Качаков, инспектор за комунална работа, тврди сосема спротивно. „Граѓаните имаат погрешна претстава дека водата е лековита само во август. Годинава алгите процветаа во јуни, така што почетокот на летото и септември се секогаш најубави во Дојран“, укажува Качаков.

Минатата година се остварени 80 илјади ноќевања. Годинава се очекуваат уште повеќе гости, иако реалните капацитети на градот се околу 5.000 легла. „Ако сите навалат во август, тешко дека капацитетите ќе можат да ги задоволат побарувањата. Во август секогаш се бара легло повеќе“, велат угостителите. 

Најголем дел од леглата во Дојран се во приватното сместување, каде што цените за преноќување се движат од 250 до 350 денари. 

Најживо е во кампот „Гимнастичар“ (поранешен „Партизан“), каде што престојуваа група млади спортисти. Управникот Драги Лековски вели дека сместувањето во камп-приколките чини 500 денари, додека за изнајмување бунгалов за четири лица се наплаќаат 1.200 денари. Во склоп на кампот има уредена плажа, летен шанк и кафетерија, а навечер често се одржуваат и журки. Во ресторанот може да се порача ручек за 100 денари. 

На патот меѓу Нов и Стар Дојран од левата страна ни го привлекува вниманието билборд со девојка која повикува да ја посетите приватната плажа „Алекс бич“. Ова е вистинско освежување за Дојран. На малата плажа уредена со сламени чадори кои прават дебела сенка има бројни посетители. За многумина од нив сезоната започнала уште во мај годинава, од кога почнале да доаѓаат на викенди и да уживаат крај дојранското крајбрежје. Семејството Тентов на својот приватен имот има направено мало, на пријатно катче за посетителите. Покрај тоа што ја уредиле плажата, сами ги отстраниле трските и поставиле чадори, а и понатаму го облагородуваат овој простор. Во склопот на плажата има кафе-бар каде што посетителите можат да се освежат со кафе и пијалаци, а имаат поставено и гардеробер и тоалет. Големата зелена површина меѓу кафе-барот и плажата е обмислена како детски забавен парк. 

„Подготовките ги започнавме лани, но од летово почнавме да работиме. Доколку има интерес, кафе-барот ќе работи и во вечерните часови за забава на младите“, вели сопственикот Алекса Тентов. Тој засега е единствен позитивен пример дека во Дојран почнала да се развива и приватната иницијатива. 

Дојран мака мачи со мал капацитет на хотелско сместување, но тронка надеж влеваат неколкуте хотелски комплекси кои заживеаја последниве години. Спортскиот центар „Истатов“, на влезот на Нов Дојран, ќе ги пречека гостите со целосно реновирани сместувачки капацитети, базен и спортска сала. 

„Комплексот располага со 53 соби, каде што еднодневен пансион чини 1.300 денари, додека за деца цената е 850 денари“, вели сопственикот Благоја Истатов. Неодамна Истатов беше домаќин на група дваесетина гимназијалци од Австралија, кои ја изучуваат македонската култура, историја и традиција. 

„Целта ни е да оствариме контакти со овдешни училишта за понатамошна соработка, како и со книжарниците кои би можеле да подготват учебници за изучување на македонскиот јазик надвор од земјава. Оваа турнеја планираме да стане традиционална“, дознаваме од разговорот со професорите Тони Тодоровски и Лилјана Поповска. 

Модерно сместување гостите можат да најдат и во хотелот „Полин“ во центарот на Стар Дојран, кој работи веќе трета година со полна пареа. Се наоѓа на местото на некогашниот нишки хотел, кој од 2005 година е комплетно реновиран и модерно уреден во тиркизни и портокалови нијанси. Хотелот на скопското семејство Арсовски располага со 45 соби со капацитет за 150 гости, како и три апартмани. Во изградба е базен, а гостите можат да користат и летна тереса со поглед кон езерото. 

„Турци, Бугари, Срби, Словенци, Хрвати се најчести гости во сезона, а веќе за идната година имаме најави за гости од Англија“, велат сопствениците. Пансион во хотелот чини 1.100 денари, 950 денари е полупансион, додека за ноќевање со појадок ќе треба да издвоите 850 денари. Во екот на сезоната цените ќе бидат за нијанса поскапи. 

„Ние го скршивме мразот. Први вложивме средства за обнова на хотел во Дојран. Сега почна да живнува градот, луѓето полека се одлучуваат да инвестираат тука“, велат газдите на „Полин“. Во непосредна близина е и хотелот „Престиж“, некогашното одморалиште на „Македонска“ од Штип, каде што полн пансион чини 900 денари.

Во центарот на Стар Дојран врие од работници. Интензивно се работи на реновирање на хотелот „Галеб“, каде што традиционално годишноодморците ги поминуваа ноќите на терасата на овој хотел, јадејќи вкусен крап и слушајќи жива музика. Сега објектот има нов сопственик, кој планира на хотелот да му го врати стариот сјај. 

„’Галеб’ десетина години беше само руина. Сега сакаме да го оживееме во ново руво. Идејата беше оваа сезона да го отвориме хотелот, но со оглед на тоа дека е реновиран само едниот дел, ќе ги завршиме подготовките за следната сезона“, вели Мите Јованов, сопственикот на „Мак-оил“. Тој објаснува дека хотелот ќе располага со 38 апартмани, сала за состаноци, ресторан и кафе-бар. 

Јованов е сопственик и на кампот „Ачикот“. Пред две години тој за „Утрински весник“ најави дека на местото на некогашниот камп ќе никне современ спортски центар со луксузен хотелски комплекс кој би ги намамил и оние со најистенчен вкус да дојдат во Дојран. Место хотелски комплекс, на местото на кампот не’ пречека заклучена врата со катанец, зад која шетаат ноеви и јата пауни. Зад оградата шеесетина млади ноја ги подаваа главите и љубопитно не’ ѕиркаа. 

„Не сме се откажале од плановите за изградба на спортски комплекс. Но, проблемот е што не можеме да изнајдеме решение за канализацијата, поради што тапкаме во место. Не можеме да инвестираме се’ додека Општината не го реши проблемот. Порано одводот се слевал во езерото, но сега тоа е недозволиво“, вели Јованов. Се’ дотогаш, „Ачикот“ останува да функционира како фарма за производство на ноеви.

Најпосетени во Дојран се ресторанот „Фук-так“, кафеаната „Нота“, пицеријата „Луна“ и неколкуте кафулињата, додека дискотека со години нема. Странците најчесто доаѓаат во градот надвор од сезоната, а најмногу има Грци кои се редовни посетители на казината „Хит“ и „Атлантик“.

Даниела Трпчевска/ Утрински весник

 

Exit mobile version