Site icon GoExplore

Занзибар – егзотика во Индискиот океан

Со својата тропска атмосфера и уникатна култура, овој архипелаг нуди искуство за сите сетила. Овој остров со векови бил магнет за голем број морнари како и светски туристи и голема мета на големите освојувачи. Но, денес благодарение на богатата историја, традиција и култура, како и воодушевувачка убавина и природа, прекрасните плажи и палми, далеку од каква било цивилизација претставува вистински бисер на Индискиот океан и парче рај кој треба да се доживее.

 

Занзибар е дестинација која од секогаш претставувала спој на мистерија и егзотика, привлекувајќи со својата недопрена природа и плодната почва која дарува најразлични видови овошја и зачини.
Откако ќе се симнете од брод или од авион и зачекорите на Занзибар – ќе бидете пренесени низ столетијата – до древната Персија и приказните за Ширази трговците кои беа инспирација за Синбад морепловецот, до палатата на Свахили принцезата и Оманските султани, до Индија со сите нејзини мириси.
За повеќе од 2000 години, монсунските ветрови го обликувале пејзажот и културата на овие острови. Со својата тропска атмосфера и уникатна култура, овој архипелаг нуди искуство за сите сетила. Волшебен, егзотичен, романтичен, но истовремено див и недопрен. Ова е еден од најегзотичните острови каде летуваат пред се туристи од Италија и Германија.

Архипелагот Занзибар, кој се наоѓа во Индискиот Океан, на 40 километри од брегот на Танзанија, е вистинска дестинација за да се избега од светот. Овде имате шанса да уживате во бистра, тиркизно сина вода, долги песочни плажи, и многу мали, речиси пусти острови со недопрена природа, се уште неоткриени од туристите. Ова што вреди да се истражи е Камениот град, прогласен за културно наследство на УНЕСКО, каде ќе ве опијат мирисите на чаршијата, тесните улички и неотриената магија на Танзанија.

Жени и деца собираа школки кога ќе се повлече водата

 

А долж брегот, селскиот живот се одвива на традиционален начин, каде рибарските бродови отпловуваат на плима, а жените собираат морски алги од белиот корален песок.

Песочни плажи и тиркизен океан – рај за посетителите

 

 

Мамка за авантуристите

Оваа дестинација се уште недоволно истражена и позната за многубројните туристи во светот, допрва ќе биде мамка за авантуристите подготвени за едно поинакво доживување. Да се истражи Занзибар, да се потоне во неверојатното синило на океанот, да се нурнете во водните длабочини, да се истражуваат недопрените острови, да се разговара со локалното население, секогаш подготвено да се „ценка“ со туристите за да им продаде сувенир изработен од нивните вредни раце, да се насладувате со свежото манго и индиските ореви, кафето од Килиманџаро, или да потонете во непрегледните полиња со ванила – е предизвик кој вреди да се искуси.

Убавина од која застанува здивот

 

Но, да се вратиме на почеток. Како да се стаса до Занзибар е прашањето кое на повеќемина веројатно ви се врти во главата. Иако звучи како невозможна мисија, до Занзибар може да стасате или преку туристичките аранжмани кои ги нудат агенциите, но и во сопствена режија. Ако навреме се купи авионска карта, патот дотаму и назад може да ве чини помалку од 500 евра.

Ресорсите нудат вистинско уживање за посетителите

 

Пред да заминете, верувам на интернет ќе „нурнете“ во сите магични фотографии кои го отсликуваат овој воден рај. Неверојатна идила ќе ве заплиска од секоја страница на која што ќе побарате информации за Занзибар. Но, идилата започнува оној момент кога ќе стасате во луксузните ресорти, чии сопственици се пред се Италијанци и каде мир и спокој наоѓаат пред се гостите од Италија и Германија. Но, патот до ресортите е вистински авантуристички предизвик – почнувајчи од „сафари аеродромот“ каде се е импровизација, па се до непрегледните пусти предели, или мали населени места со колиби од кал и „џунгли“, поради кои често ти доаѓа на памет да се запрашаш каде си тргнал.
Оној момент кога за првпат ќе го почувствуваш ситниот песок под нозете на рајските плажи, кога ќе потонеш во тиркизната вода, а само звезденото небо ти е единствен другар во топлите ноќи – го имаш одговорот – каде си и каде би сакал повторно да се вратиш.

Рибарите ловат со традиционални кајчиња

 

Еден од најубавите ресорти е Royal Zanzibar beach. Најубавата плажа е Ningwi beach, километарска плажа со бел песок, која делува нереално…Една од поинтересните тури е нуркање на островот Membwa кој е приватен и преноќување на него чини 1.300 долари од вечер.

Membwa – остров на кој се нурка, но не и преспива

 

Она по што Занзибар е уникатен се коралните плажи , на кои песокот никогаш не се загрева толку многу од сонцето за да неможеш да шеташ по нив. Локалното население е племето Masai – борбени и секогаш вооружени.
Надвор од ресортите не се препорачува движење во ноќните часови, бидејќи не е безбедно. Но, затоа плажите се најбезбедната зона – постојано обезбедувана од полицијата.
Најубав период да се посети Танзанија е јули – август, кога се температурите се околу 30 степени. Во април избегнувајте ја оваа дестинација, поради обилните дождови.

ИНФО
Занзибар е полуавтономна сојузна единица на Танзанија. Единицата е составена од архипелагот Занзибар, кој пак се наоѓа во Источна Африка, поточно во Индискиот Океан. Архипелагот е оддалечен 25 до 50 километри од копното на Танзанија (Тангањика). Самиот архипелаг е составен од бројни мали острови, меѓу кои најголеми се Унгуџа (главен остров, неофицијално се именува како Занзибар) и Пемба. Главниот град на оваа полуавтономна единица е Занзибар, кој се наоѓа на островот Унгуџа.
Главните стопански гранки на Занзибар се производството на зачини и туризмот.Меѓу бројните зачини, главни се биберот, цимет, индиски орев и каранфилче.

Текст : Даниела Трпчевска

фото. Христијан Стојчевски

Exit mobile version