Site icon GoExplore

Мала Преспа го одбележа празникот Голема Богородица

Со македонски песни и ора Македонците од Мала Преспа го одбележаа празникот Успение на Пресвета Богородица во селото Церје.

„Во дворот на црквата, чиј патрон е празникот, беа не само сегашни жители на селата од Мала Преспа туку и поранешни жители и нивни потомци, кои денеска живеат во други делови на Албанија, но и во соседните земји. Посебно тука беа церјани за кои важи изреката – каде и да се, за овој празник тука да се, изјави Васил Стерјовски.

Со нив беше и градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, кој честитајќи им го празникот, им посака здравје, среќа и благосостојба. По литургијата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, одбележувањето продолжи со македонски песни и ора и скромна закуска во црковниот двор.
По повод празникот честитка до сите Македонци упатија македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и разгранокот за Голо Брдо.

„Почитувани и љубени Македонци и Македонки во Република Албанија, од името на македонското друштво „Илинден“ и разгранокот за Голо Брдо ви упатуваме искрени честитки по повод големиот празник посветен на Божјата Мајка. Посакуваме сите да одиме по примерот на Пресвета Богородица, да љубиме, почитуваме, да правиме само добри дела, стои во честитката“.

Голем број македонски семејства денот го одбележаа како домашна слава почитувајќи ги обичаите од своите предци.

Exit mobile version