Site icon GoExplore

Патувачкото кино на „Маке Докс“ за културата и надвор од Скопје

Втората сесија на „Докуникулци“ ќе се случи за време на фестивалот „Маке Докс“ во август, додека завршната сесија ќе биде реализирана наесен во Скопје. Работилницата се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.

Со цел да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и со желба да се сподели искуството на гледање документарни филмови со што е можно поголем број луѓе, екипата на „Маке Докс“ од 12 до 25 јули е на своето осмо Патувачко кино, годинава во областа Порече, објаснуваат од организација на фестивалот.

Првата проекција на Патувачкото кино на 12 јули се случи во селото Крапа, едно од најстарите населени места во Поречката област. Постојаните жители на селото со голема љубопитност ја пречекаа екипата на Патувачкото кино. Сместено во котлина омеѓена со стрмни планински падини и тесен пат кој води до селото, мештаните немаат толку често посета од патници-намерници и затоа доаѓањето на екипата на „Маке Докс“ беше поводот сите да се соберат пред филмското платно. Чистиот планински воздух, недопрената природна убавина и небото исполнето со густа мрежа од безброј ѕвезди го создадоа вистинскиот амбиент за долга филмска ноќ исполнета со филмови и разговори во Крапа.

Втора година по ред Патувачкото кино на „Маке Докс“ е дел од програмата на музичкиот „Д-Фестивал“ во Дојран. Годинава „Д-Фестивал“ се одржа во невообичаени за овој период временски услови, со целодневни врнежи на дожд проследени со, на моменти, силен ветар. Токму таквите услови создадоа атмосфера на здруженост, помагање на пријатели во неволја со поплавени шатори, но и исклучително позитивно расположение меѓу сите учесници и посетители на сите фестивалски сцени во неговото најпосетено издание досега.

Патувачкото кино на „Маке Докс“ своите проекции ги реализираше на „Church stage“, односно во црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран. Во програмата беа вклучени документарни филмови со музичка тематика, а годинава беа прикажани седум филмови, и тоа: „Мојот превртен свет“ (My World Upside Down) на Петра Селишкар и Бранд Ферро, „Барајќи го Шугармен“ на Малик Бенџелул, „Депонија“ (Waste Land) на Луси Вокер на 14 јули; „Чија е оваа песна?“ на Адела Пеева и „Во потрага по Фела“ на Алекс Гибни на 15 јули; „Марта и Ники“ на Тора Мортенс и „Анплагд“ на Младен Ковачевиќ на 16 јули.

Временските услови во Дојран создадоа неверојатна можност организаторите на „Д-Фестивал“ два концерти, еден од главната сцена и еден од Москито-сцената, да ги пренесат на „Church stage“, на која Патувачкото кино ги имаше своите проекции. Така се случи африканските блузери Али Фарка Туре бенд и одличниот унгарски бенд „Месечинка“ да настапат буквално во спалната соба на екипата на „Маке Докс“.

Exit mobile version