Site icon GoExplore

Празнување проткаено со пагански обичаи

Беровското Езеро се наоѓа на околу 1.000 метри надморска височина и е вистинска оаза за спас од горештините. Затскриено е во бујна борова и дабова шума, а околината изобилува со разни растенија, шумски плодови и лековити билки. Езерото е порибено и често вљубениците во риболовот доаѓаат тука да го најдат својот мир и да фатат добар улов. Покрај езерото има бунгалови, одморалиште и вили што се најмуваат.

Минка Џонлиќ, Босанка, мултинструменталистка и вокалистка, престојува деновиве во Берово со колегите од Словенија. Во градот кој полека заживува и се полни со гости од земјава и од странство, таа ги правеше последните подготовки пред настапот со својот македонски колега – кавалџијата Сашо Митев на вториот фестивал „Етноплоштад“ во Берово. Музикологот Џонлиќ го доживува престојот во регионот како музичка храна, можност за размена на искуства и дружба со своите колеги.

„Добрата клима и музичкиот дух кај овдешниот народ многу ме привлекува. По секое гостување се враќам побогата, оти ова е можност да разменам искуства со македонските колеги, да научам повеќе за македонската култура и беровската традиција“, вели Џонлиќ. Таа заедно со групата „Џембабе“ од Словенија учествува на етнофестивалот во Берово, како дел од словенечкото Здружение на креативни луѓе во културната сфера (ЗУЛК), кое е партнер на фестивалот „Етноплоштад“. 

Севдалинките и ромските изведби на Џонлиќ, како и настапите на уште 250 музичари и танчари од десетина земји, кои се навраќаат на етнокорените и ги негуваат автентичните звуци и танци, три дена ќе ечат низ Малешевијата. Познатата македонска етногрупа „Монистра“, романскиот фолклорен ансамбл „Карпати“, танчарките Мари Лор, Ксенија Вискет, Паола Блентон и Дебора Гарсија, фолклорни ансамбли од Америка, Франција, Србија, Полска и од Бугарија се само дел од уметниците кои ќе се појават на големата сцена под ведро небо во Берово. 

Шпанската, романската, полската и ромската музика придружена со звукот на кавалот, боливудските танци и африканската музика, фламенкото и традиционалната словенечка музика, етнозвуците и самбата, зачинети со зурли и тапани повикуваат на дружба на најголемиот етномузички хепенинг во живописното Берово. 

Празнувањето на кое се испреплетуваат најразлични звуци, традиции, култура и фолклор, започна вчера. Очекувањата се дека над 20 илјади гости ќе продефилираат низ градот уживајќи во етнозвуците и надалеку познатите малешевски специјалитети кои можат да се дегустираат на саемските штандови поставени во центарот на градот. Традиционални пити и тестенини што ги подготвиле вредните раце на домаќинките, беровско сирење и други млечни производи, планински мед, природни сокови од шумски плодови, еколошка храна, но и сувенири, ракотворби и уникатни ракотворби можат да се најдат на штандовите што мамат со своето шаренило и понудата. 

Прославата ќе доживее кулминација утре, кога традиционално ќе се одржи големиот собир во кругот на црквата „Света Богородица“, на излезот од градот, на пат кон Беровското Езеро. Во 140 котли од по 100 литри ќе се готви храната, која како курбан се дели на многубројните посетители, кои специјално за овој ден со години навраќаат во Малешевијата. 

„За празникот Богородица во градот е вистинска врвулица. Нема место каде да се помине. И сите овие денови е раздвижено поради етнофестивалот и горештините, од кои сите бараат спас во свежата клима покрај езерото“, велат мештаните. Тие како да живеат за овие неколку дена празнување, кои заборавениот крај го претвораат во една од најпосетените дестинации во земјава. 

„Масовната посетеност на паганскиот обичај во Берово, со кој на празникот Богородица се дели курбан, ни даде идеја проектот кој започна пред седум години, ’Малешевијата на дланка‘, да го збогатиме и со музички содржини, покрај саемската презентација на производи од регионот. Годинава очекуваме над 20 илјади гости кои ќе уживаат во етномузиката и изложбата за чалгиите во Музејот во Берово. Сите овие три сегменти го сочинуваат фестивалот „Етноплоштад“, кој особено поради големиот број изведувачи (над 250) е најмасовен проект“, вели градоначалникот на Берово, Драги Наџински. 

 

Според него, крајната цел е сите посетители да ги видат различностите во етномузиката, „но сите тие на крај да бидат причина да се споиме заедно во една мирољубива Европа“.

Светот во мало ќе биде застапен во наредните три дена во Берово. Има голем интерес за манифестацијата, но Општината признава дека нема капацитет да направи мегаломански хепенинг. „Фестивалот е инструмент за промоција на регионот и за развој на туризмот. Берово располага со ресурси за развој на туризмот. Ако се има предвид дека станува збор за регион со 265 сончеви дена во годината, пријатна клима, чист воздух, и луѓе со питом менталитет, и сето тоа збогатено со фестивалските денови и богатата традиција, Берово може да стане дел од туристичка мапа на Балканот. Мислиме дека ја одбравме вистинската индустриска гранка, која е фабрика без оџак и ќе придонесе за развој на регионот“, вели градоначалникот на Берово. 

Градот, кој располага со ограничен број капацитети, е претесен да ги прими сите намерници. Се бара кревет повеќе, а хотелите, мотелите и викендичките се предвреме закупени. „Да имавме уште 100 легла, и тие веднаш ќе беа издадени, оти расте интересот за престој во Берово, особено во текот на август“, вели Владо Мишовски, менаџер на хотел „Манастир“, најрепрезентативниот комплекс во градот. Тука доаѓаат и гости од странство кои остануваат и по десетина дена да уживаат во пријатната клима, убавините на Малешевските Планини, но и во прошетки крај езерото. 

Додека седиме во ресторанот на хотелот, на чие средиште расте орев и се извишува над објектот држејќи ладовина, Мишовски објаснува дека од година на година расте бројот на гости, особено од Холандија и од Полска, кои доаѓаат за да пешачат по Малешевските Планини. „Со цел да го продолжиме и да го осмислиме нивниот престој во Берово, означивме пешачки патеки и почнавме да го користиме бачилото кое се наоѓа на 1.450 метри надморска височина. Секој викенд организираме тури, кои се посебна атракција. Во бачилото се служи еколошка храна, која сами ја произведуваат, и специјалитети, како што се јагне во фурна, беровско сирење, компир и слатко од шумски плодови“, раскажува нашиот соговорник. 

Гостите кои престојуваат во хотелот „Манастир“ имаат можност да уживаат во базенот на отворено, сауната и спа-центарот, а во ресторанот се подготвуваат највкусните традиционални јадења, исклучиво во бакарни садови. 

Туристичката понуда на регионот ќе се збогати и со изградба на етносело во месноста Кукута, каде што повратници од странство градат бунгалови и спортски терени со автентичен изглед. Беровската неоткриена убавина наскоро се очекува да блесне во полн сјај и со отворањето на комплексот „Аурора“, кој личи на луксузно планинско село. Изградбата на десетината објекти кои скалесто се поставени на планината над Беровското Езеро е при крај. 

„Берово е се’ уште неоткриена убавина и нашиот објект ќе даде импулс да се развие општината. Планинскиот туризам станува се’ поатрактивен, што беше една од причините за изградба на овој комплекс. Градиме луксузен објект со многу содржини, кои ќе ги задржат туристите да престојуваат повеќе од неколку дена во Берово“, вели сопственикот на туристичката агенција „Аурора“ од Скопје, Славчо Сирачевски. Овде на 1.150 метри надморска височина веќе од идната година се очекува гости од странство и од земјава да уживаат во неверојатниот поглед кој се протега на Беровското Езеро и околината. Виножитата се редовна глетка над браната, која ги разделува езерото и кањонот.

Беровското Езеро се наоѓа на околу 1.000 метри надморска височина и е вистинска оаза за спас од горештините. Затскриено е во бујна борова и дабова шума, а околината изобилува со разни растенија, шумски плодови и лековити билки. Езерото е порибено и често вљубениците во риболовот доаѓаат тука да го најдат својот мир и да фатат добар улов. Покрај езерото има бунгалови, одморалиште и вили што се најмуваат. 

„Лани имавме регистрирани околу 400 легла, додека годинава бројката е зголемена на 1.000. Мештаните сфатија дека туризмот е гранка која обезбедува егзистенција и сега ги преадаптираат викендичките за сместување гости. Но, се’ уште се чувствува дефицит од сместувачки капацитети и покрај тоа што од неодамна функционира хотелот ВИП, а градот го има и најрепрезентативниот објект – хотелот ’Манастир‘“, вели градоначалникот Наџински. 

Но, месното население и посетителите се жалат на лошата инфраструктура и бараат подобрување на патната мрежа со цел да се олесни пристапот со сместувачките капацитети и до езерото. „Доволни се милион евра за да се смени амбиентот околу езерото и околината да добие сосема нов лик и поголема атрактивност. Потребно е барем малку да се вложи во инфраструктурата и осветлувањето на патеките за прошетки околу езерото“, коментираат посетителите. 

Според градоначалникот, Општината е во фаза на изготвување детален урбанистички план за туристичката населба околу езерото, а во план е и доградба на колекторски систем, како и осветлување на патеките околу езерото и облагородување и уредување на просторот, кое треба да започне идната година. (Д.Т.)

Џип-сафари и откривање на тајните водопади

Сите посетители кои деновиве патот ќе ги донесе накај Берово ќе имаат шанса да го посетат женскиот манастир „Свети Архангел Михаил“,кој датира од 18 век, или да прошетаат околу Беровското Езеро и да ги истражуваат убавините на Малешевските Планини, со џип–сафари турите. Љубителите на природата во близината не Пехчево кај Равна Река можат да ги посетат неколкуте водопади кои се каскадно поставени во планината. 

На седум километри од Берово, пак, се наоѓа селото Ратево, каде што во 1906 година во Гарагановата куќа престојувала Мис Стон. Секоја година на 20 јануари овде се одржува познатиот карневал „Бамбурци“, кога со традиционално маскирање со животински кожи и со звуци на ѕвона и прапорци се истеруваат лошите сили во почетокот на новата година. 

Во Музејот на Град Берово моментно посетителите имаат ретка можност да се запознаат со душата на беровската чалгија, преку 36 фотографии, инструменти и носии карактеристични за беровскиот крај и поврзани со чалгаџиството од пред 50-ина години.

Даниела Трпчевска / Утрински весник

 

Exit mobile version