Site icon GoExplore

Со перформансот „Традицијата оживува“ почна фестивалот „Пеце Атанасовски“

На камената сцена на плоштадот Александрија во Прилеп со сценско музичкиот перформанс „Традицијата оживува“ синоќа беше  отворен 43-от фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Уметничкиот перформанс преставуваше ревија на женски носии од Полошкиот регион од крајог на 19 и почетокот на 20 век, претставувајќи ја и статусната улога на жената преку песни и обичаи. Перформансот го проследи и градоначалниот на Прилеп, Марјан Ристески, кој ја истакна важноста на овој фестивал кој се одржува по 43. пат, на Рудина во Долнени.

„Традиционално, секоја година, фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ го збогатува културното лето во Прилеп. Пеце Атанасоски е големо име кое навистина остави историски впечаток во промоцијата на македонскиот фолклор во светот и во негова чест е токму овој фестивал, а Прилеп во негова чест, пак, постави споменик со неговиот лик во центарот на градот. Фестивалот „Пеце Атанасовски“  ја збогатува туристичката карта на Прилеп и потврдува дека градот под Марковите кули е центар на фестивалските случувања “, рече Ристески.

Фестивалот се одржува под покровителство на Министерството за култура,  со поддршка на општините Прилеп и Долнени. На него учествуваат 350 учесници од земјава и странство кои  го презентираат богатиот изворен мелос.

Exit mobile version