Site icon GoExplore

Фестивал на оризот во Чешиново – посетителите ќе можат да го видат и најголемото штрково гнездо

Првиот „Фестивал на оризот во Чешиново, 2019“ ќе се одржи во недела (27 октомври) во Еко-етно паркот во селото Чешиново со почеток во 13 часот.

Чешиново е лоцирано во срцето на брегалничкиот регион, карактеристичен по својот богат биодиверзитет, култура и долга традиција на одгледување на ориз.

За време на Фестивалот посетителите ќе имаат можност да ги пробаат традиционалните специјалитети од ориз, произведен со примена на одржливи практики, кои придонесуваат природните еко системи на овој регион и нивниот биoдиверзитет да бидат сочувани и одржливо управувани и користени.

„Исто така ќе имате можност да го видите најголемото штрково гнездо во Европа, во висина од 3,2 метри, кое се наоѓа на Задружниот дом во Еко-етно паркот во Чешиново. Поради најголемата популација на штркови во државата, општината Чешиново-Облешево ја доби титулата „Европско село на штркот” за 2013 година“, најавуваат организаорите.

Организатор на настанот е Јадрената група за одржливо производство на ориз – ОРИЗОВА БРАТИМКА, Чешиново, Чешиново-Облешево, која е воспоставена во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координирана од Фармахем.

Exit mobile version