Site icon GoExplore

Шарпланински приказни

Шара е една од ретките планински убавици која природата ја обдарила со вечно бели масиви. Планинските врвови кои 135 дена се покриени со дебел снег, во текот на летото се белеат од непрегледните стада овци кои одмараат распослани по километарските пасишта и ледини. Снежната капа која планинските врвови ги покрива од доцната есен до раната пролет, надмоќно се надвиснува над Тетово – градот распослан во плодната Полошка долина.


Како облаци на кои сакате да се испружите и да потонете во занесна пловидба по небесните пространства, овие планински масиви застрашувачки недогледливи, и диви и питоми, мамат за постојано освојување на височините, оти зад секоја карпеста белина се појавува друга, помоќна, недопрена, како снежен тепих ткаен со момински раце. Тој мами да се шара по него со  трагите од стапалките кои тонат во меката снежна покривка, налик на белузлава пена.

На моменти додека се искачуваш по височините, ти се чини  дека некоја сила ти ги притиска нозете, па посакуваш да легнеш во прегратката на воденото снеже, да се тркалаш и да му се радуваш на неговата чистота. Од планинските врвови на Церипашина, викенд куќичките како лампи трепкаат, чадот од оџаците остава мастилава трага на белината, а повикот на дивината е се појак. Срцето забрзано чука при средбата со свежите стапалки на лисицата или волкот, кои предмалку поминале  по истата патека.За секунда го наслушуваш разговорот на група авантуристи, кои минувајќи крај тебе, раскажуваат за синоќешната средба со мечката, која ја “посетила” викенд населбата во потрага по храна за мечињата. И возбуда и страв го облева телото од средбата со дивите жители на ова снежно царство, а веселата смеа, извици и звукот на санките ги навестуваат скијачките терени зад ридот.

Местоположба
Шар Планина се наоѓа на северо-западниот дел на земјава, над плодната Полошка долина, на 18 километри од Тетово и 48 км од Скопје. Во срцето на планината, сместен на нејзините јужни падини, на надморска височина од 1.708 метри, се наоѓа еден од најпознатите зимско рекреативни и скијачки ресурси во земјава – Попова Шапка. Природните убавини на овој крај, надополнети со многубројните скијачки и сноубординг терени, пешачки патеки, жичарници, хотели, одморалишта и овозможуваат на Шапка да биде една од најпримамливите дестинации во текот на целата година. Планинската идила ја надополнуваат и црвените кровови на околу илјада викенд куќички, распослани скалесто по планината. Морето од зеленило, на лето е прекриено со разнобојни тревки и лековити билки, а зиме со покривка снег, кој често достигнува и до 2 метри.

Шарпланинските масиви се величествени – и диви и кротки.  Највисокиот планински врв е Титов врв (2.747 метри), а непомалку предизвикувачки за планинарење се и Љуботен (2.499 метри) и Бистрица (2.640 метри).  Во пазувите на планината се имаат распослано и 39 глацијални езера, од кои осум се повремени, додека 19 постојано изобилуваат со вода. Најголемо е Боговинското, кое е 2,2 метри длабоко и се наоѓа на 1.960 метри надморска височина.

Шара е најголемата компактна област со непрегледни пасишта во Европа, што овозможува одгледување на голем број стада и производство на сирење и здрава храна. Оваа планина е препознатлива по вкусното шарпланинско јагне и сирење, но и по Шарпланинецот, песот чувар.

Скијачки терени
Шар Планина е атрактивна поради огромни скијачки пространства над кои гордо се извишуваат 43 планински врва повисоки од 2.500 метри. Воената криза од 2001 година, остави траги и направи застој во развојот на овој зимски центар, но се прават напори за обновување на скијачки капацитети и враќање на некогашниот сјај на планината. Шара изобилува со скијачки терени, од оние кои ќе го задоволат предизвикот на искусните скијачи, како и благи терени за оние кои за првпат другаруваат со скиите. Лоцирани во непосредна близина на одмаралиштата и хотелите овозможуваат непрекинато уживање во снежната игра, не само во текот на денот, туку и во ноќта. Ноќното скијање е особено атрактивно на терените пред хотелите “Попова Шапка” и “Славија”, од кои се пружа неповторлив поглед на скијачките терени.

Има два начина како да се стигне до Попова Шапка, со возило и со жичарницата, во должина од 6 километри, која тргнува од Тетово и низ најживописните предели води до срцето на планината. Од 2001 година  жичарницата не работи, а според најавите ни годинава нема да биде ставена во функција.  Со тоа единствен начин да се стигне до Шапка е асфалтниот пат кој минува низ тетовските села Гајре,Шипковица и Лисец и води до комплексот хотели и ски – патеки на овој зимски центар. Попова Шапка располага со 6 ски лифта: Тетекс 1 и 2, Ге(Пионир), Јелак, Аеродром и еден паралелен со него.Двоседот кај Церипашина е оштетен и надвор од функција. Атрактивна за посета е лланинарска куќа на Јелак и ресторанот во Лешница.За љубителите на ловот, дивите кози се вистински предизвик, кои ги има во изобилство на Церипашина и Лешница.

 Шарпланински куп во скијање
Со цел промоција на убавиниет на овој крај и на спортските можности кои ги нуди, со години традиционално на Шара се одржува парпланинскиот скијачки куп. Ова е всушност најстариот спортски настан во земјава, кој започнал да се организира во 1947 година на патеките под врвот Церипашина, каде скијачите од Унгарија, Романија, Бугарија и поранешна Југославија храбро се спуштаа до целта. Првата победа во алпско скијање ја освои унгарецот Петер Силко. Од  тогаш па до денес Шара е сведок на многубројни настапи на најдобрите скијачи од земјава и од светот, кои и оваа зима ќе ги измерат своите сили на патеките на оваа планина на шампионатот во алпско скијање кој ќе се одржи во почетокот на февруари 2005 година. Една недела потоа ќе се одржи и натпреварувањето на малите шампиони во скијање, наречено “Бека” куп.

 Шарпланинецот – чувар на планинските масиви
Шар планина е дом на Шарпланинецот, храбриот чувар на овчарските стада. Овој редок примерок потекнува од Балканскиот Полуостров, односно од планинските масиви на Македонија (Шар-Планина, Кораб, Стогово, Бистра и Маврово). Тој целосно е прилагоден на острата шарпланинска клима, во чии планински масиви го пронашол својот дом и опстојува со векови наназад.

Се одликува со блага природа, и е многу лојален и верен на својот господар. Пока‘ува огромна љубов и трпеливост кон децата. Професионалното одгледување на Шарпланинците за првпат е регистрирано во 1947 година во една фарма на планината Стогово. Ликот на шарпланинецот е втиснат во монетата 1 денар со значење на овчарско куче, куче чувар и верен пријател.

Даниела Трпчевска

фотографии Југослава Дуковска

Exit mobile version