Site icon GoExplore

„Со жив штит ќе го браниме Лазарополе“

Мијачкото село Лазарополе скриено во падините на планината Бистра деновиве е прекриено со дебела снежна покривка. Иако патот до него е делумно исчистен, поледицата и острите кривини го отежнуваат патувањето. Среде зима селото е неверојатно тивко и пусто. Хотелот „Калин“ е затворен до пролет, а само од неколку куќи се забележува дим од оџаците. Со часови може да шетате низ селото а да не сретнете ниту еден од неколкуте постојани жители кои одлучиле и зимата да ја поминат далеку од бучавата и градскиот смог. 

Селската идила повремено ја прекинува лаењето на трите кучиња кои весело трчаат по секој ненадеен гостин.

Но, спокојот што го нуди ова парче мијачка земја наскоро би можел да биде нарушен од сечачи, багери и градежници кои планираат да го окупираат селскиот атар. Ако се реализираат плановите за изградба на уште една населба, до веќе постојната во Лазарополе во која сега има околу 500 куќи, тогаш 42 хектари овоштарници, ливади и шума засекогаш ќе отидат во неповрат, загрозувајќи ги биодиверзитетот и недопреноста на еден од еколошки најчистите региони во земјава.

ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ

Лазарополе се наоѓа на надморска височина од 1.350 метри и е една од највисоките селски населби во земјава. Се простира на југозападниот дел од живописната планина Бистра, со извонреден поглед кон долината на Мала Река и планината Стогово. До селото води асфалтен пат од правец на Маврово, скршнувајќи од магистралата Маврово-Дебар кај месноста Бошков Мост. 

Додека во жешките летни денови по градовите температурите се искачуваат и над 40 степени Целзиусови, во Лазарополе тие ретко надминуваат 30 степени. Овој простор се одликува со најголемо количество врнежи во Македонија, што овозможува изобилство на шуми кои го прават воздухот кристално чист, свеж и лековит. Токму затоа, Лазарополе е познато како место со најчист воздух на Балканот. Тоа е дел од Националниот парк „Маврово“, едно од трите подрачја најзаштитени со закон во земјава. Но, со новите градежни планови и ова мијачко село наскоро би можело да се урбанизира и да ја изгуби сета своја автентичност поради која е препознатливо. 

Владата, на крајот од минатиот месец, донесе одлука за пренамена на земјоделско во градежно земјиште во Лазарополе. Со оваа одлука се одземаат 42 хектара шума, земјоделско земјиште од втора и трета класа, сопственост на Црквата и на 40-ина лазарополци кои располагаат со тапии. Според лазарополци, им се одзема најубавото и најатрактивно земјиште кое се наоѓа на просторот од гробиштата до вилата на Лазар Колишевски, со што ќе се уништат богатата флора и фауната. Градежната инвазија би можела да уништи и 35.000 квадратни метри шума.

„Оваа одлука не’ вознемири сите родени лазаровци и поколенија. Надлежните требаше да не’ запознаат со идејата, да се одржеше јавна расправа, да го слушнеа нашето мислење. Преку ноќ Владата носи одлука да ни се одземе имотот кои нашите предци крваво го спечалиле работејќи деноноќно на печалба во Грција, Египет, Турција, Романија и во други држави. Стануваш сабајле и на сопствениот имот наоѓаш нов газда, без да знаеш, а тој ти вели – ова место е мое. Ова никаде го нема“, коментираат жители на селото.

Преку ноќ Владата носи одлука да ни се одземе имотот кои нашите предци крваво го спечалиле работејќи деноноќно на печалба во Грција, Египет, Турција, Романија и во други држави. Стануваш сабајле и на сопствениот имот наоѓаш нов газда, без да знаеш, а тој ти вели – ова место е мое. Ова никаде го нема“, коментираат жители на селото.

Тие не се против идејата Владата да вложува и да го разубави регионот. Но, сметаат дека треба да се вложува во веќе постојните капацитети, за да му се врати стариот сјај на селото, а не да се гради напоредно уште една населба, за која нема ниту инфраструктурни капацитети, ниту доволно вода – особено во летниот период. 

Натаил Секулоски, еден од тројцата метеоролози во меторолошката станица – Лазарополе, го сретнавме на влезот на селото. Заедно со него се упативме по снежната патека, на околу еден километар источно од селото, каде што во близина на селските гробишта е планирано да се градат луксузни објекти и нова населба. Станува збор за огромни површини ливади, пасишта и шуми кои напролет се прекриени со лековити билки, еколошки овошки и разнобојни цвеќиња. Во овој период од годината просторот е прекриен со снежна прекривка на која можат да се забележат само стапалките на волците и лисиците кои ноќта претрчале во потрага по храна. 

„Ова е невидена убавина. Зиме само две фамилии се останати во селото, а на лето се’ заживува. Кога се прошири веста дека наскоро тука ќе никне нова населба, почнаа сите лазаровци да ми се јавуваат вознемирени. Загрижени се што ќе се случува со нивните имоти“, вели метеорологот додека пешачиме. Секуловски работи во станицата во Лазарополе од 1979 година. Седум дена е во планината, додека 14 поминува со своето семејство во Скопје. За да дојде на работа, пешачи по 5-6 часа, од Бошков Мост па до станицата во Лазарополе. Вели дека ваков чист воздух и недопрена природа не можат да се најдат никаде. 

„Доаѓаа и странци – мереа, ама инструментите, се’ на нула им остануваа, нема што да покажат, нема никакво загадување. Се чудеа дали инструментите им се неисправни, или навистина е можно воздухот да е толку чист“, вели метеорологот. 

Додека зимава на речиси сите мерни станици се вклучуваше алармот поради високото количество на прашливи честитки ПМ-10, единствено жителите на Лазарополе имаа привилегија да дишат чист воздух. Како што расте загаденоста во градовите, така ова мало парче еколошки рај станува се’ подрагоцено за зачувување на здравјето. 

Токму затоа мештаните укажуваат дека во Националниот парк е потребно да постојат објекти за туризам и рекреација, но не на начин што ќе ја загрози природната рамнотежа. Околу 300 викенд-куќи, двата хотела и хелиодромот, кои се планирани да никнат високо во планината, можат само да го нарушат природниот баланс на овој крај. 

„На повидок е бетонска инвазија, поништување на историското наследство, на националното богатство, обележје и природен капитал. Овие села се потпис, печат и бар-код од нашите прадедовци“, велат жителите од мијачките села, кои стравуваат дека плановите за урбанизација можат да ги обезличат и другите села како Росоки и Тресонче.

ТАПИЈА ЗА ВОДЕНИЦАТА

На исцртаната мапа на земјиштето кое е во план да им се одземе на мештаните и на црквата, се наоѓа најголемиот овоштарник, како и имотите на 40-ина жители на Лазарополе. Шеесетгодишниот Јосе Стојкоски-Ченто, домаќинот на селото, ја има тапијата за воденицата, која се наоѓа во зацртаното земјиште за градба. Додека со раката ни покажува каде е имотот што го наследил од неговиот прадедо, кој се наоѓа на неколку километри од Лазарополе, „клучарот на селото“ ја започнува приказната за старата воденица.

„Воденицата е изградена уште во 18 век. Кога се родил дедо ми, Секо Аџиевски во 1903 година, неговиот татко ги исклесал неговото име и датумот на раѓање на каменот пред воденицата, за да остане како спомен. Од тогаш имотот е во сопственост на мојата фамилија. За тоа имаме тапија, која потврдува дека ова е приватен имот, а не на државата“, вели Стојкоски. 

И тој, како и неговите соседи, е затекнат од одлуката тука да се гради нова населба. Бидејќи зимата ја минува осаменички во селото, вели дека дури утрината слушнал дека некој ќе им го зема имотот. 

„Никој не’ нема известено дека сакаат да го земат земјиштето и да градат на него. Ако одлуката не се смени, ќе ми биде земена воденицата и неколку илјади квадрати пасиштата. Но, не, нема да дозволиме да се реализира тоа, имотот е наш и само наш. Цело село ќе го браниме со жива сила ако треба“, дециден е Стојкоски.

Тој, како домаќин на селото, е задолжен да се грижи за секоја куќа во текот на целата година. Секој ден минува од куќа до куќа, да ја види состојбата, ако има нешто урнато да го поправи, ако е оставен отворен прозорец – да го подзатвори, ако има некој поголем проблем, да ги извести сопствениците. За него нема дилема – селаните ќе се обединат и за најголемата опасност која сега им се заканува. „Не попуштаме. Цело село ќе се собере, не го даваме имотот кој го имаме од памтивек“, вели тој. 

СТРАТЕГИЈА

Претставници на месната заедница и лазарополци, кои зимата ја поминуваат во Скопје, деновиве интензивно се состануваат и бараат решение за проблемот. Ги собираат тапиите и другите документи со кои се докажува сопственоста на земјоделското земјиште, а подготвуваат и информација која ќе ја достават до Владата со која ќе бараат да се повлече одлуката. 

Проектот за изградба е започнат уште во 2013 година, но во изминативе години лазарополци презеле повеќе активности за негово стопирање. Откако биле контактирани повеќе институции и се одржале средби со некои од нив, мештаните се надевале дека надлежните ќе ја увидат грешката и ќе се откажат од проектот. Но, последната одлука за пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно, која беше објавена месецов, само потврдила дека проектот не е стопиран. 

„Месната заедница Лазарополе продолжува со активности се’ до целосно стопирање на проектот. Ќе бараме помош и од меѓународната заедница. Има најава дека и еколошките друштва ќе застанат на наша страна и заеднички да ја браниме екологијата, реонот кој се наоѓа во Националниот парк ’Маврово‘ и е сочуван откога е создаден. Човечката рака тука нема направено злосторство, а со оваа одлука тоа сака да го стори. Но, нема да дозволиме“, велат тие. 

Даниела Трпчевска/ Киро Кипроски / Утрински весник

 

Exit mobile version