Site icon GoExplore

Дојранското езеро рибарска лулка со лековита моќ

Утрински крајезерски прошетки по песочната плажа, сончање и пливање во најтоплите води на јужниот дел од земјава, кои од другата страна ги заплискуваат и грчките брегови, дегустирање на домашните специјалитети и посебниот вкус на дојранскиот крап, уживање во езерската тишина, спортување на крајбрежјето и кампување под крошните на столетните дрвја, се само дел од благодетите кои ги нуди едно од трите природни реткости во земјава – Дојранското Езеро.

Покрај западниот брег на езерото се наоѓаат двете рибарски населби Стар и Нов Дојран, кои се повеќе се доближуваат една до друга, правејќи природен спој. Сместен во југоисточниот дел на земјава, дојранскиот крај долги години беше вистинска атракција за посетителите поради единствениот и уникатен традиционален начин на ловење на риба со помош на птици корморани. Последниве дваесетина години, езерото зафатено од еколошка катастрофа, им подлегна на ударите на природата, губејќи големо количество вода, поради што исчезнаа голем број ендемични видови на животни и растенија. Обилните дождови и изградениот Систем за спас на Дојранското езеро, влеваат надеж за нови почетоци. Птиците и  рибите полека се враќаат во надојдените води, а младите луѓе од околните градови често уживаат во топлата и лековита езерска вода, но и во крајезерските забави. За спортистите, од оваа и од соседните земји, Дојран е одлично место за подговотки за напорните натпревари, лулка за релаксација и за напојување на телото со нова свежина.

Дојранскиот крај, во чие средиште се наоѓа езерото, остаток од некогашното Пеонско Езеро, е еден од најблагородните и најубави природни реткости во земјава. Распространето на површина од 42.1 км2, изобилува со јод, и има лековити својства пред се за лечење на рани и на белодробните органи. Не случајно со векови се нарекува природно лечилиште. Дојранската котлина од трите страни е заградена со ридовите Круша, Карабали и Боксија, а на север со планината Беласица, заплискувана постојано од пријатната  медитеранска клима со топли и суви лета и благи врнежливи зими. Од мај до октомври температурата на воздухот е над 20 степени, а просечната температура на водата е 27 степени, што овозможува уживање во езерските води во текот на целиот ден и ноќта.

Просторот околу езерото бил населен уште во праисторијата. За животот во антиката на овој простор постојат записи од грчкиот историчар Херодот кој забележал дека покрај езерото Празја (Дојранско Езеро) живеат Пеонци, чие главно занимање е риболовот. Уште во тоа време тој го споменува специфичниот начин на риболов со помош на птици , што летаат ниско и ги наведуваат рибите во ловиштата наречни мандри.
По римскиот период, Дојран потпаднал под византиско владеење и го добил името Полин, а во 1391 година го заземале Турците и тогаш тој се преселил на местото каде денес се наоѓа Стар Дојран. Со бомбардирањата за време на Првата светска војна, голем дел од градот бил разрушен, а населанието се преселило на територија на денешен Нов Дојран.
Низ историјата, во Дојран биле изградени повеќе објекти кои и денес ги привлекуваат посетителите, желни преку нив да талкаат по ходниците на минатото. Меѓу нив особено интересни се Саат-кулата, Амам-бањата, старата Екси-чешма, црквата Св. Илија. Саат-кулата, која за време на Првата светска војна била полуразурната, го красела центарот на градот. Карактеристичен бил механизмот на саатот кој бил монтиран во ала-турка. Постои легенда дека ја изградил Евренос-бег во чест на освојувањето на градот.
Над пределот на брегот на Стар Дојран се надвиснуваат контурите на полуразурнатата катедрална црква посветена на Свети Илија. На времето тоа била монументална градба која, според натписот на мермерната плоча, била подигната во 1874 год. Во внатрешноста на црквата, фрагментарно се сочувани остатоци од некогашниот живопис.
За настанувањето на езерото луѓето прераскажувале различни легенди. Една од нив вели дека на просторот каде тоа денес се наоѓа, во старите времиња, постоел бунар од кој луѓето од околните населби полнеле вода. Откако ќе наполнеле, го затворале бунарот со девет катанци. Еден ден по вода заминала најубавата млада девојка од тој крај, Дојрана. Покрај бунарот ја чекало момчето кое таа го љубела. Наполнила вода, но занесена од милувањето на момчето, заборавила да го затвори деветиот катанец. Од бунарот почнала да тече вода која ја преплавила целата котлина. Така настанало езерото што го добило своето име по девојката Дојрана. Друга легенда раскажува за турскиот паша кој се вљубил во прекрасната девојка Дојрана и им наредил на своите војници да ја доведат во неговиот шатор. Но, девојката се спротивставила на наредбата на пашата и, за да не биде со сила одведена, влегла во езерските води и се удавила. По овој настан, во чест на убавата и храбра девојка, езерото било наречено Дојранско, а населбата покрај езерото – Дојрана.
Според големината Дојранското езеро е најбогато со риба во Европа. Од рибите најмогу се застапени црвеноперката, перќијата, крапот, сомот и други. Ова е едно од ретките местс во светот каде рибите се ловат со помош на птици. Дојранчани се особено горди на својата рибарска традиција. И со право, оти можноста да се види ловењето на овој речиси уникатен начин со помош на птици – корморани е нешто што е застапено само на уште едно место во светот – далечната Кина.

Ловењето во мандрите е ритуал за кој се врзуваат илјадници рибарски приказни сплетени во долгите ноќи крај езерските води во исчекување на богат улов. Оваа слика дојранчани ја имаат подзаборавено во изминатите дваесетина години. Рибарските куќички и мандрите, оставени на крајбрежјето меѓу сувите школки веќе долги години само потсетуваат на некогашните времиња. Но, надоаѓањето на водата во езерото буди нови надежи. Догодина или таа по неа, се очекува дојранските мандри да заживеат, а рибарите и кормораните повторно да ја започнат секојдневната езерска игра.

Ловење со корморани
Мандра е воден простор во близина на брегот, во кој има рибарска куќичка, а од три страни е заграден со трска. Подготовките за ловење риби на овој стар традиционален начин започнуваат во октомври и траат се до март. Во октомври се оградуваат две страни со трска, а страната кон езерото се остава отворена. Кога кормораните надоаѓаат во текот на ноември, барајќи храна се приближуваат кон оградата, бркајќи ги натаму и рибите.  Рибарите кога ќе констатираат дека има доволно риба го заградуваат и третиот дел на мандрата откај езерото. Тие ги фаќаат птиците во делот наречен пиликатник, им ги сечат крилјата и ги пуштаат на оградата од кај езерото, со што не им дозволуваат на рибите да излезат од заградениот простор. Птиците со исечени крилја се нарекуваат аргати. Како поминува времето оградата се повеќе се стеснува и се приближува кон брегот, при што се создава мал простор наречен котец од каде се црпат рибите.

Даниела Трпчевска

Exit mobile version