Site icon GoExplore

Игрите може да започнат во …Рио

Микс од неверојатни мириси и бескрајно шаренило од бои помешани и обликувани во дарови од природата кои можат само да се замислат како рај на земјата е накратко описот на Рио Де Јанеиро или скратено Рио, лоцирано во единствената држава во Јужна Америка каде се зборува португалски. Ретко кој тука може да ви посака добро утро или добар пат на англиски, но затоа луѓето кои ќе ги сретнете по улиците на Рио ќе се потрудат да стигнете онаму каде сте се упатиле.

А, за еден обичен турист има многу што да се види. Тука е големата триесетметарска статуа на Исус која стои на планината Корковадо и гледа со раширени раце кон градот. Глетката од ова место би ве оставила без здив.

 

Напроти неа стојат две помали брда наречени Шугар лоаф (или Шеќерен леб) кои меѓусебе се поврзани со жичара и од каде, исто така погледот ви допира надалеку преку недогледните ситно песочни плажи во Рио кои ги заплискува Атлантскиот океан. За да прошетате по некои од нив, како Копакабана или Ипанема ви се потребни часови. А и никогаш не може да ви се здосади. Бидејќи постојано се случува нешто. Млади луѓе кои играат фудбал, одбојка или некој друг спорт. Во нивна близина мали деца кои невесто се фрлаат во плитките води на океанот и се учат да се борат со силните бранови кои едноставно ве влечат во големото океанско синило.

Јато гулаби кои се толку припитомени и ви приоѓаат за да ви јадат од рака додека се одморате на песокот кој е толку ситен што дури и не наликува на песокот на кој вообичаено сме навикналe. 

На плажите никогаш нема да останете гладни бидејќи тука се нуди буквално се-од мали испечени ракчиња до секакви безалкохолни пијалоци за освежување. Но, иако Бразил е познат по бразилското кафе, сепак во Рио тоа не е омилениот пијалок. Наместо кафе наутро бразилците (барем тие што ги видовме во Рио) пијат кокосово млеко. И тоа не од лименка-туку свежо, исцедено од пресечениот кокосов орев кој локалните улични продавачи ви го сечат на лице место и тоа со- сабја, нешто што можеби сме гледале само на филмовите.

Нема ниту многу пушачи. Вистинска реткост е да побарате од некого запалка, бидејќи луѓето во Рио многу посветуваат внимание на здравјето. На секој чекор можат да се видат вежбални на отворено, каде дури и за работно време можете да дојдете и да потрошите некоја минута во обликување на своето тело.

Сепак, не е се така лежерно. Рио е огромен град, каде поубавата страна е онаа која се нуди на туристите-пределот покрај плажите, каде вообичаено и им се препорачува на туристите да го поминат поголемиот дел од времето. Бидејќи постојат и делови, кои сепак, не се толку безбедни. Како сто е случајот со фавелите-посиромашните делови на градот, распрскани на самиот влез во Рио, но и над самиот град. И во овие делови на туристите им се нудат тури, кои се интересни за оние малку похрабрите.

За среќа, не сите фавели се небезбедни. Има и такви во кои слободно можете да се прошетате дури и без водич, а глетката на стотиците мали, шарени кукички распоредени една врз друга е со еден збор-уникатна. Во Рио едноставно се е уникатно. Почнувајки од огромниот избор овошја и зачини кои ви се нудат на секој чекор, преку живописната природа и огромните дрвја кои останале на овие простори со децении… И додека шетате низ Ботаничката градина, ќе се почувствувате како да сте во некое друго време, години наназад, далеку од цивилизаицјата, споени со природата-во едно. Тоа овде е и главната битка-како да се зачува природата од напливот на цивилизацијата, од раката на човекот. За тоа се пишува и се известува.

Нашето време во Рио беше прекратко за да ги откриеме сите убавини, но оние што ги откривме ќе останат засекогаш во нашите сеќавања во надеж дека уште многу останува да се открие…

 

Teкст и фотографии

Жаклина Хаџи -Зафирова

Exit mobile version