Македонското еколошко друштво успеа да лоцира уште еден балкански рис, објави организацијата на Фејсбук.
„Станува збор за млада женка, која ја крстивме Зора. Тешка е 15,5 килограми. Ова е 15-от балкански рис на кој МЕД му постави околувратник, преку кој собираме драгоцени информции кои ни помагаат за закрепнувањето на овој наш најдраг подвид“, обjaви Македонското еколошко друштво.
Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е меѓу најретките мачки во Европа, каде во природа опстануваат помалку од 50 единки. Овој критично загрозен подвид, кој живее во Југоисточен Балкан, се соочува со сериозни закани, како загуба на живеалиштата, криволов и намалување на пленот.
Балканскиот рис , подвид на евроазискиот рис, е рангиран како критично загрозено животно и ендем од Југоисточен Балкан. Главните упоришта на рисот се Националниот парк „Маврово“ и неговата околина во Македонија, и Планината Мунела и регионот Полис-Валамара во Албанија. Единки од рис се забележани и во Косово, а постои можност тој да е присутен и во Црна Гора и Грција. Се проценува дека популацијата брои помалку од 50 возрасни единки, чијшто опсег изнесува 6200 km².