Охридското Езеро не престанува да ги изненадува археолозите, чии длабочини стануваат се поатрактивни за истражување. За првпат во водите на езерото се откриени тегули со потекло од доцната антика
На две локации во околината на локалитетот „Плоча Миќов град“, при слободни нуркачки активности на членови од нуркачкиот центар Амфора од Охрид, археолозите дошле до интересни сознанија. Во првиот случај биле пронајдени три фрагментирани керамички садови за складишна употреба – питоси, лоцирани на длабочина од 45, 35 и 5 метри под површината на водата, а во вториот случај тоа е наодот на градежна керамика, односно покривни тегули од лаконски тип, откриени на длабочина од 19,5 метри.
Тегулите од лаконски тип биле во употреба во долг временски период низ антиката, но во конкретниов случај станува збор за тегули со потекло од доцната антика, за прв пат откриени во водите од Охридското Езеро. И во двата случаи, оддалеченоста на предметите на 70 – 100 метри од брегот на езерото, укажува на фактот дека истите биле транспортирани по вода со некаков пловен објект, а од засега непознати причини биле истоварени на овие места, информираат од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
Ваквите истражувања се спроведени како дел од проектот „Подводно археолошко рекогносцирање на делови од источниот брег од Охридското Езеро“ чиј носител беше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Целта на проектот е да се откријат локациите за кои постоеја индиции за археолошки локалитети и поединечни наоди, да се дефинираат нивните граници, да се позиционира нивната географска местоположба со помош на GPS уреди, но и да се откријат нови локалитети, со цел нивно запишување во националниот регистар на културното наследство во РС Македонија.
„Потребата за проект од овој тип произлезе од интересот на домашни и странски гости за авантуристички туризам, односно преку нуркачки активности да се посетуваат атрактивни локации во водите на Охридското Езеро. Проектот имаше и заштитен карактер, бидејќи со прогласувањето на локалитетите и поединечните наоди за културно наследство, истите ќе бидат заштитени од нелегални посети и активности“, укажуваат од охридскиот Завод за заштита на споменици. Ова откривање дава првична слика за она што се случува со овие локалитети и наоди, што отвара простор за дополнителни археолошки истражувања, со крајна цел надополнувaње на сликата за животот во крајбрежниот појас од Охридското Езеро од праисторијата до денес.
Три праисториски наколни населби
Археолошкиот локалитет „Плоча – Миќов Град“ се наоѓа на Охридското Езеро, во Заливот на Коските кај Градиште, во близина на селото Пештани. Локалитетот е истражуван со подводни ископувања во повеќе кампањи, од 1997 до 2005 година, од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Нуркачкиот клуб „Амфора“. Притоа беа откриени остатоци од праисториска (бронзенодопска-железновременска) палафитна населба на дното од езерото. Со истражувањата се регистрираа 6.000 дрвени колци забодени на дното и беше откриен многу значаен археолошки материјал од керамичката продукција на тоа време. Работите беа под надлежност на Заводот и Музеј-Охрид, а реализацијата на Клубот за подводни дејности од Охрид. Раководител на подводните археолошки истражувања беше археологот Паско Кузман. Во 2007-2008 година беше изведена реконструкција на дел од населбата со што се презентира атрактивен археолошки локалитет на атрактивен простор од езерото. Со овие истражувачки активности за првпат во Македонија се официјализира подводната археологија како гранка на археологијата која се занимава со остатоци, заштита и презентација на подводното културно наследство.
Од досегашните сознанија, особено Охридското Езеро обилува со остатоци од праисториски наколни населби, објекти од антиката и средновековието кои биле потопени во водите, главно поради осцилациите на неговото ниво. Во 1998 година, во ноември, беа откриени остатоци на уште една наколна населба, овој пат во близина на селото Трпејца, локалитетот На Дол во Заливот на Прчот. Дрвени колци и движен археолошки материјал (керамика, камени орудија) беа регистрирани на длабочина од 5-7.метри под површината на водата. Тогаш беа изведени пробни подводни истражувања кои се сведуваа главно на откривање и фотодокументирање на остатоците на оваа населба. Според карактерот и особеностите на наодите, констатирано е дека и оваа населба припаѓа на крајот од бронзеното време. Во јули 1999 година, откриена е и трета населба покрај источниот брег на Охридското Езеро. Овој пат се работи за простор кој го зафаќа северното крајбрежје на селото Пештани, во дел од т.н. Залив на бомбите. Овде случајно е откриен дрвен колец на самиот брег, како и многубројна фрагментирана керамика која е речиси идентична со керамичката продукција од претходните две наколни населби.
Над 250 археолошки локалитети
Само во поширокиот регион на Охрид има над 250 археолошки локалитети од неолитскиот период, преку антиката па сè до доцниот среден век, потоа, повеќе од 50 цркви и манастири, од 5 до 19 век, тврдини со бедеми во должина од над 3.000 метри, околу 60 објекти од старата градска архитектура и повеќе од 2.500 метри квадратни средновековни фрески и околу 1.000 метри квадратни подни мозаици. Движното културно наследство е застапено со повеќе од 2.000 икони од периодот од 11 до 19 век, 119 грчки и словенски ракописи, пишувани на пергамент и хартија, 39 глаголски епиграфски споменици, околу 1.500 ретки и старопечатени книги, како и повеќе илјади други музејски предмети-археолошки, нумизматички, етнолошки, историски документи и дела од современата уметност.
Охридското Езеро е најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија. Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина. Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО. Неговата геолошка старост се проценува на околу 2-3 милиони години, поради што се вбројува во групата на стари, долго-постоечки езера заедно со Бајкалско, Тањгањика, Ховсхол, Титикака.