Site icon GoExplore

Терапевтски третмани, масажи и спа капсули

Лековитата вода богата со минерали, современите терапевтски третмани, масажите и спа капсулите, се само дел од можностите што ги нудат македонските бањи, сместени во најпејсажните и најживописните предели на земјава. Изградени во планинските пазуви, во близина на жуборливи реки и езера, ги мамат вљубениците во природата на кои им е потребна релаксација, одмор и лекување на телото и душата. Водата богата со минерали е раритет во Европа и нуди огромни можности за развој на бањскиот туризам.

Лековитата моќ на водите на ова тло била ползувана од дамнина. Римјаните уживале во благодетите на исцелителната моќ на водата, а Турците граделе амами во кои уживале пашите и нивните жени. Остатоци од некогашните амами се уште постојат, а дел од нив се уште се користат за релаксација и уживање. Земјава изобилува со 64 извори со различна температура на водата која се движи меѓу 20 до 72 степени целзиусови. Водите се богати со сулфур, фосфор, арсен, јод, бром – елементи со огромни лековити физиотерапевтски својства.

Македонија нуди единствена можност да се вратите илјадници години наназад и да уживате во благодетите на минералните и термоминералните води кои бликаат од речиси секоја педа на земјата. Миксот на современите бањски комплекси и остатоците на некогашните римски и турски бањи, нуди неповторливо чувство.Штом еднаш ќе се капете во „рајската вода” во Катлановската бања, или ќе ја вкусите водата од изворите во Кумановско, а потоа ќе се предадете на лековитите својства на термалната кал на Негорските бањи, ќе сознаете зошто е раритетно ова поднебје и зошто повторно ќе посакате да му се вратите. Како спомен понесете со себе шишенце со богати минерали, кои ќе ви донесат здравје, но и топли спомени од лековитите македонски бањи.

КАТЛАНОВСКА БАЊА

Оваа бања како природно лечилиште постои уште од римско време. Остатоците од турската бања сведочат за значењето на лековитата вода и во подоцнежниот период, а денес Катланово е најпосетуваниот центар за долготрајно лекување на скршеници, повреди и стерилитет. Во иднина има идеја бањскиот комплекс да се развива како модерен центар за релаксација, што отвара нов прозорец кон неискористените можности на ова богатство, дарувано од природата.

Катлановската бања се наоѓа на 23 км југоисточно од Скопје, на околу 3 км од автопатот Белград-Скопје-Атина, на 230 метри надморска височина. Сместена покрај жуборливите води на реката Пчиња, е вистински рај за престој и релаксација поради умерената континентална клима и свежиот планински воздух.

Оваа бања е вистински раритет во Европа. Спаѓа во групата на алкални бикарбонатни води, високо минерализирани. По германската скала на тврдина на водата котира на највисокото место, бидејќи изобилува со неверојатно богатство на минерали.

Замислена е како комплекс од три дела – рехабилитационен дел со еден голем и еден семеен базен, како и индивидуални кади за кинези терапија. Водата во базените се донесува директно од изворот, кој се наоѓа на оддалеченост од 980 метри. Температурата на водата во изворот, кој е длабок 85 метри, е околу 60 степени, но кога ќе пристигне до базените се лади и достигнува до 40 степени. Базенскиот дел за рехабилитација е комплетно реновиран и уреден модернистички. Доколку сакате интима, на располагање ви е мал базен кој можете да го користите со пријателите. По релаксирањето во топлата и богата со минерали вода, одморете се на лежалките, порачајте пијалок и уживајте во пријатната музика. Потоа во  модерно опремените кади препуштете се на вештите раце на терапевтите. По хидро-кинези терапијата, верувајте, ќе се чувствувате како препородени.

За оние кои внимаваат на својот изглед, отворен е мал велнес центар каде се применува медицинска козметологија. На посетителите им е ставена на располагање спа капсулата или оксигенската капсула, што во себе содржи третман со инфрацрвена светлина, кислород и арома терапија, што помага за релаксација и детоксикација на организмот и ослободување од стресот. Особено атрактивен е ЛПГ апаратот за затегнување на мускулатурата и отстранување на целулитот. Во центарот има и личен тренер со кој пасивно се развижуваат мускулите, како и  компјутеризиран апарат за применување на физикална терапија.

Бањата Катланово планира да прерасне во познат центар за релаксација, за чија цел во изградба е посебен базен и велнес (спа) центар. Тој ќе биде опремен со финска сауна, турска и римска бања, базен мртво море со хиперсолена вода за ослободување на токсините од телото, потоа големо џакузи и сала за релаксација, каде што со соодветна музика, столови со вибрациона масажа и соодветна светлина ќе се овозможи целосно релаксирање на организмот.

Од велнес центарот ќе се излегува во надворешен базен кој ќе се затоплува. Така во текот на зимата ќе можете да излезете надвор од бањата, да преминете преку топлиот мост со вода и да се искапете во надворешниот базен, без разлика на временските услови. Замислете какво доживување би било да се бањате на отворено додека околу вас паѓа снег!

Капацитетот на Катлановската бања е околу 200 легла, а во тек е и обнова на хотелот, кој треба да прерасне во луксузен сместувачки капацитет. Во рамките на бањата има ресторан со македонска кујна и диетална храна. Здравствената дејност во бањата ја обавуваат 40 здравствени работници, од кои има доктори специјалисти, физијатри и интернисти.

Катлановска бања опстојува од времето на Јустинијан и е забележана на римската карта од 340 година. Составот на водата е раритет во Европа и овоможува лекување на сите видови на дегенеративни заболувања како хроничен и  воспалителен ревматизам, сите состојби на скршеници и трауматизми, сите состојби на постоперативни зафати каде се преземаат корективни оперативни зафати или вештачка замена на колкови и колена. Катлановската вода особено е позната по лекување на воспаленија на женските генитални органи, лекување на стерилитет кај мажите и жените. Се постигнува и  неверојатно голем успех кај лекување на скршеници и брзо зацелување на фрактурите.

Направените анализи покажуваат дека единствено изворите на бањата Гранд Виши во Франција се со сличен состав на минерали како во Катланово. Тоа дава нова можност која е во план да се развие, а тоа е искористување на минералниот состав на водата, бидејќи годишно од цевководот и од чистење на цевките од базенскиот комплекс, се вадат неколку тони на тврд сув остаток на калциум карбонат кој во себе има и други минерали. Тоа е многу добро за развивање на козметичката линија која што Гранд Виши ја поседува, а тоа е позната козметика „Виши” за жени.

НЕГОРСКИ БАЊИ

Во непосредна близина на Гевгелија, покрај регионалниот пат Солун – Скопје  се наоѓа бањата Негорци. Сместена е во подножјето на планината Кожуф, на надморска височина од 50 метри, на три километри од Гевгелија и на шест километри од границата со Грција.

Во околината на бањата има три природни извори со големи резерви подземна топла вода. Нејзините термоминерални извори околу кои се изградени бањските објекти се јавуваат на десната страна на реката Вардар, во подножјето на планината Кожуф, меѓу селата Мрзенци и Негорци на надморска височина од 60 метри. Во регионот на Бањата  има две води –  Врела Бања со температура од 40 степени и Ладна бања од 38 степени.

Ова е единствената бања во земјава која располага и со термална кал, која се наоѓа на околу 500 метри јужно од термалните извори. Таа е ситнозрнеста, скоро црна со светло-темни честички од растително потекло со температура од 34 до 36 степени, со што е мошне погодна за плеоидна терапија. Присуството на оваа термоминерална кал во Македонија создава услови за проширување на терапевтските можности во Негорски бањи за што е во подготовка и проект.

Водата во бањата е лековита за сите видови ревматски заболувања на зглобовите и мускулите, стерилитет, гастроинтестинални заболувања, заболувања на кардиоваскуларниот систем, воспаленија на периферниот нервен систем, разни видови на дерматолошки заболувања. Со пиење на сулфурнокиселата вода се лекуваат воспаленијата на бубрезите, гастритис и чир во желудникот. Бањата е опремена со модерна апаратура за електро-терапија, парафинска терапија, како и подводна масажа.

Негорските термоминерални извори се од вулканско потекло. На длабочина од околу 20-50 метри, термоминералната вода во вид на млаз избива на површината на теренот, а со тоа е докажано дека покрај постоењето на термалната вода по природен пат во Негорски бањи се јавува и артерска-термоминерална вода. Овие термоминерални води имаат висока температура која кај одделни извори е различна и се движи меѓу 36 степени кај ладната бања до 43 степени кај новата каптажа. Вкупното богатство на сите три извори, ладната, топлата бања и новата каптажа, изнесува 1,80 литри во секунда. Водата од изворите е богата со сулфур, железо, флуор, хлор и  магнезиум.

Помасовната употреба на лековитите својства на оваа вода почнала од крајот на 19 век и почетокот на 20 век, во времето кога на овие простори господарел Шукри Паша, висок достоинственик на турската империја.Тој изградил зграда со два базена и соба за одмарање. Во првиот базен се бањал тој, а во вториот неговите девет жени. Едниот базен е поголем со тркалезна форма, а другиот е во форма на коцка. Овие објекти и денес се користат и се нарекуваат “Пашина бања”. Легендата вели дека лековитата вода во бањата била користена од многу поодамна и дека во неа мајката на Александар Македонски го бањала своето чедо, поради што месното население ја нарекува „Бањата на Александар”.

Околу бањите на површина од 22 хектари има редок примерој на црн јасен, кој го прочистува воздухот, ја разубавува околината и им овоможува долги прошетки и релаксација на посетителите.  На 27 км се наоѓа локалитетот “Смрдлива вода” каде Негорски бањи имаат свои објекти на надморска височина од 730 метри. Во бањскиот комплекс има три хотели, спортски терени, и теретана, кои се комплетно реновирани со цел да им понуди пријатен престој на посетителите.  Најквалитетен е хотелот „Јасен” со капацитет од 126 легла, потоа е хотелот „Илинден”’ кој има  88 легла, додека хотелот „Божур” нуди сместување за 68 лица.

 

БАЊА БАЊСКО

Поради благата клима, изобилството на сончеви денови во текот на годината и  богатството со хипертермални минерални извори, со температура од 47 до 72 степени, ова природно лекувалиште се користи уште од римско време.

Бањата се наоѓа на патот кон граничниот премин Ново Село,Струмичко, на границата со Бугарија. Одалечена е 30 километри од границата, додека од Струмица ја делат само 12 километри. Во нејзина близина има 13 природни извори со големи резерви подземна вода чија топлина достигнува до 72 степени. Водата дава извонредни резултати при лечење на стомачно болести,  дијабетис и женски болести. Во бањата има Центар за рехабилитација, каде е ангажиран медицински персонал.

Богатите и разновидни шуми и чистиот воздух околу објектот, овозможуваат релаксација и лекување на сите видови на ревматични заболувања, ишијалгии и полиартрити, болести на органите за варење како чир и гастрит, како и последици од фрактура на коските. Бањската вода го лекува организмот по прележана жолтица, поволно влијае на нервни заболувања, а успешно ги лекува и женските гинеколошки заболувања како стерилитет и  воспаление на јајниците. Во рамките на бањата се наоѓа хотелот „Цар Самуил”, сместен во  подножјето на планината Беласица. Овој хотел е од Б категорија, со 240 легла, а раполага со два полуолимписки базена и еден за физикална терапија, со комплетно опремен дел за болничка терапија и медицинска рехабилитација, како и други простории од спортско-рекреативен и забавен карактер. Во Бања Банско се наоѓа и Заводот за заштита и рехабилитација, каде се згрижуваат, рехабилитираат и едуцираат лица со телесен хендикеп, со капацитет од 65 легла.

ДЕБАРСКИ БАЊИ- ЦАПА

Живописната долина на реката Радика и свежината која доаѓа од пенливата вода, на посетителите на Бањите Косоврасти и Бањиште, им овожможува целосна релаксација и уживање.

Двете бањи попознати како Дебарски бањи-Цапа се наоѓаат во непосредна близина на градот Дебар. Нивните води, чија температура се движи меѓу 38 до 48 степени, содржат сулфурно-силфидни елементи и се погодни за лекување на ревматични заболувања, зголемен крвен притисок, кожни заболувања и дијабетис. Во непосредба близина на бањите се наоѓаат живописното Дебарско Езеро, жуборливиот кањон на реката Радика, Шарпланинскиот масив, како и голем број значајни верски објекти и културно – историски знаменитости од минатото.

Бањата Бањиште се наоѓа на 4 км од Дебар и е позната по својата лековитост и радиоактивност.Лековитото дејство на термо минералните води произлегува од хемискиот состав кој содржи сулфат, многубројни ретки елементи, хипертермалност, содржини од растворени гасови и висока радиоактивност. Во рамките на бањата работи Центар за физикална медицина и рехабилитација. Исто така бањата располага и со сместувачки капацитети и базени за физикална терапија.

На брегот на едно од најубавите вештачки езера во земјава –  Дебарското,  се наоѓа бањата Косоврасти. Таа е лоцирана во долината на реката Радика, 8 км источно од Дебар,  на патот за Скопје, на надморска височина од 55 м.

Термоминералната вода на бањата, според количината на сулфурот, се наоѓа на трето место во светот и е една од најрадиоактивните, што овозможува лекување на широк спектар болести. Двете бањи се особено познати и посетени за лекување на ревматични заболувања, заболувања на нервниот систем, заболувања на гастро-интестиналниот систем, проблеми со респираторниот систем, заболувања на уро-гениталниот систем, ендокрините заболувања, ортопедските заболувања и состојби после трауми, кожни заболувања. Бањите се комплетно реновинарни и располагаат со затворени и надворешни базени, паркови за прошетки и ресторани за забава. Речиси половина од посетителите на овие бањите се странски гости.

Термоминерални води со температура од 70 степени, кои се спуштаат и до 37 степени има и на пет километри од Кочани. Водата во бања Кочани има одлични својства за лекување на дигестивни, кожни и ревматични заболувања, како и заболувања на црниот џигер.

На југоисточниот дел на излезот од Штип кон Струмица се наоѓа бањата Кежовица. Термалните води кои достигнуваат темпатура од 62°С, изобилуваат со мошне поволен хемиски состав и се богати со натриум хлорид, натриум сулфат и силициум оксид. Овие води се ефикасни при лекување на ревматизам, заболувања на зглобовите, нервни заболувања, шеќерна болест, неплодност и намалена потенција. Лековитата вода дејствува и против раното стареење, лекува кожни заболувања и зголемен крвен притисок. Водата од извориштата се користи и за пиење и за капење. Поради разновидноста на минералите кои ги содржи и  најголемата радиоактивност на Балканот со температура од 57 до 70 степени, водата се користи и за инхалација и лекување на некои белодробни заболувања. Извори со лековита вода има и на 3 километри оддалеченост од  Куманово и 13 километри од најблискиот граничен премин. Минералната вода од Кумановската бања има температура од 29-31С и содржи калциум и натриум. Таа е лековита за нервни заболувања, дигестивниот систем, бубрежните заболувања и дијабетис.

Автор: Даниела Трпчевска

 

Exit mobile version