Site icon GoExplore

Опојната моќ на македонското вино

Секое вино во себе носи некоја тајна приказна. Во него е впиена магијата на регионот во кој што се одгледува, топлината на раката која што го набрала, вештината на винарот кој што ја правил чудесната напивка. Приказната за македонските вина е средечна, пријателска и колоритна, оти се одгледувани во најплодните региони заплискувани од топлината на сонцето, долж течението на Реката Вардар.Иако вистинската ренесанса македонските вина ја доживуваат последниве десетина години, на ова тло виновата лоза одамна ги има пуштено своите корени.

Тие полека, но сигурно почнаа да се пробиваат на странските пазари и да го освојуваат истенчениот вкус на Европјаните.

Археолошките наоди покажуваат дека на ова тло вино било произведувани уште од ИВ век пред нашата ера. Во околината на Дисан, село кое се наоѓа на десетина километри од Неготино се пронајдени антички камени садови за правење вино, кои подоцна ги заменија дрвените буриња од кои до ден денес се шири омајувачката миризба на домашно подготвено вино. Цели фамилии во повеќе региони во земјава, обземени од моќта на виното, со генерации наназад, од колено на колено, ја пренесуваат приказната за исцелителната моќ на пијалокот на боговите и ја продолжуваат традицијата за одгледување  винови лозја.

Македонската питома клима го привлекла и српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ кој во 1929 година. ја одбрал токму Демир Капија за изградба на винарска визба, која се уште постои како сведок за минатото. До винарскиот подрум на кралот Караѓорѓевиќ, се наоѓа и кралската вила, се уште раскошна и величествена по својот изглед и архитектура.

На винската карта на Македонија се  зацртани две патеки кои ве повикуваат да ги посетите и истражите – јужен и северен вински пат. Двата имаат свои приказни за раскажување и вкусови за откривање. Треба само внимателно да слушате и умерено да пиете, оти виното има што да ви каже. Не попусто се вели дека во виното е вистината – “ИН ВИНО ВЕРИТАС”.

Вински региони

Додека патувате по течението на Реката Вардар лозовите насади ве следат на секој чекор. Ги има во скопскиот, велешкиот, виничкиот, охридскиот, тетовскиот, гевгелискиот крај. Но, најдалеку е препознатлив и прочуен тиквешкиот регион, а во неговото средиште – Кавадарци и Неготино, како најголеми производители на опојната течност.

Македонија е поделена на три винарски региона и на околу 20 виногорја. Повардарие е централниот, најпознатиот и најголем лозарски регион во кој се произведува 85 отсто од  македонското вино. Овој регион ги опфаќа  скопското, велешкото,тиквешкото, гевгелиско-валандовското, струмичкото, овчеполското и кочанско-виничкото виногорје. Лозјата виреат на надморска височина од 50 до 500 метри, а кон квалитетот на виното придонесува медитеранската и континентална клима, која изобилува со сончеви денови и благи зими.  Пелагониско-полошкиот регион  ги опфаќа прилепското, битолското, преспанското, охридското, кичевското и тетовското виногорје. Тука лозовите насади виреат на надморска височина од 600 до 700 метри, каде зиме владее влажна и студена клима, а летата се суви и топли. Пчиња-Осогово е третиот регион забележан на винската карта на Македонија.

Денес стотици мали, но и големи винарии распрскани по речиси целата земја, наесен го вложуваат сето свое знаење, енергија и љубов само во една цел – како да го надминат квалитетот на ланското вино и да произведат ново кое ќе биде приближно вкусно како прочуените вина од  францускиот регион Алзас.

Тиквешијата, главниот лозарски регион во земјава, каде што се наоѓаат речиси две третини од македонските лозови насади. опфаќа два поголеми центра – градовите Кавадарци и Неготино. Овој крај своето име го го добил по старата античка населба Тиквеш. Долгата и богата традиција на овој реон започнува во времето на античка Македонија, кога во чест на богот на виното Дионис се одржувале Дионисови денови, веселби кои траеле со денови и на кои се пиело во неограничени количини.

Во римско доба, во чест на богот Бахус на овие простори двапати во годината се одржувале Бахинарии, денови на грозјето и на виното.  кои подоцна биле забранети. Античките Македонци и старите Римјани ја негувале традицијата за одгледување на виновата лоза, а за тоа сведочат многубројните мозаици откриени на археолошките локалитети во Тиквешијата. Лозарството како значајна стопанска гранка на земјоделието продолжува да се развива и во средниот век. Главни центри биле манастирите и црковните имоти каде се подготвувало и најубавото вино.

Денес Тиквешкиот вински регион има 10.000 хектари лозја. Климатските услови овозможуваат концентрацијата на шеќер во грозјето да изнесува 17-26 промили и од 5-до 8 проценти киселина, што е идеален фактор за преработка во високо квалитетни вина со 11 до 13 проценти на алкохол. Од вкупната обработлива површина на територијата на општина Кавадарци која изнесува 18.523 хектари, 4.264 отпаѓа на лозовите насади.

Природно географските услови и медитеранската клима придонесуваат во одгледувањето на следните сорти – белградска рана, јулски мускат, кардинал, афус-али, како и винските сорти вранец-кратошија, шардоне, црн бургундец, мерло, како и белите вина шардоне, жилавка, семион, сувињон, италијански и рајнски рузлинг.

Во Неготино се концентрирани најголем број винарски визби по квадратен метар и се произведуваат најнаградуваните вина. Овој крај  вистински развој на лозарството доживува во првата половина на минатиот век, кога неколку познати семејства произведувале висококвалитетни вина. Ваквата традиција останала и до денешен де.н .

Првата недела од септември секоја година врие како во кошница во Тиквешијата. Винари и вљубеници во богатата напивка се собираат на централната манифестација во Кавадарци каде од 1964 година се одржува Тиквешкиот гроздобер. Оваа стопанско-туристична манифестација го означува почетокот на масовното берење на грозјето. Најголема атракција е карневалската поворка низ градските улици. Тогаш Кавадарци прераснува во едно огромно шеталиште каде покрај во пријатната дружба, посетителите можат да уживаат и во свежо точените вина, тазе набраното грозје, печената риба и месото на жар.

И прославата на Свети Трифун, заштитникот на виновата лоза и виното, е ден за паметење во винарските региони. Според раскажувањата, светиот маченик Трифун е роден во Кампсада во Фригија, близу  градот Апамеја. Поради неговите исцелителски способност ги лекувал болните и ги бркал лошите демони. За неговите чуда се расчуло надалеку. Абер стигнал и до царот на Рим, Гордијан, чија ќерка страдала од душевна болест. Тој го повикал светецот да ја излекува неговата ќерка Гордијана, во што Свети Трифун успеал, по што се стекнал со голема слава. Умрел млад, на само 21 година, за време на владеење на царот Децие. Бил немислсрдно мачен откако одбил да се откаже од Исус и да им приреди жртви на римските богови.

Додека светот го празнува Свети Валентин – Денот на заљубените, во земјава на 14 февруари, ритуално се   закројуваат лозјата. Старите адети за бериќетна и среќна година започнуваат уште од изутрина со литургија во црквите, каде се врши ритуално закројување на лозницата, а потоа луѓето земаат по едно парче од осветената лоза. Некои со осветената вода ги попрскуваат лозјата, со надеж следната година да имаат богат род. Во чест на разникот се пие домашно вино  ракија и се јадат традиционално подготвени пити и јадења.

Во земјава се присутни речиси сите сорти на винова лоза кои се светски признати. Македонските вина се вбројуваат во групата на јужни вина, во која спаѓаат и вината од Шпанија, Италија, Грција и Франција. Најчесто одгледуваните сорти црвено грозје се каберне, гаме, мерло, пино ноар, вранец и прокупец, а од белите: ризлинг, шардоне, совињон, жилавка и смедеревка. Виновата лоза од сортата “смедеревка” е најприсутна во земјава и се користи за добивање на бело вино. Црвено вино највеќе се добива од сортата “вранец”. Повеќе странски и домашни експерти сметаат дека токму “вранецот” е најквалитетното грозје од кое може да се добие врвно вино.  Вранецот се вбројува во категоријата на егзотични вина, кои се тренд во Европа. Станува збор за зрели вина  кои отстојале најмалку три години во винарските визби. Оваа сорта нема интензивна арома, а доминира вкусот на слива и малите концентрации на сок од цреша. Токму ова е спецификата по која ова вино се одвојува од другите квалитетни сорти што се произведуваат кај нас.

Во земјава постојат околу педесетина визби, а проценките се дека три проценти од светското производство на вино е македонско. Овдешното вино иако се уште е недоволно познато надвор од границите на земјата, има шанса по својот квалитет и специфичност да се пробие на европските пазари.  Најголемиот дел од виното кое се произведува во македонските винарски визби се извезува на странските пазари како наливно, додека само мал дел се извезува како целосен производ, пакувано во шишиња. Вино се извезува во земјите на Европската унија, Јапонија, Русија, Канада, САД и на пазарите на поранешните југословенски републики. И покрај големата традиција за одгледување и произведување на вино, во Македонија не постои голема традиција за пиење на виното. Просечно секој Македонец пие 20 литри вино годишно.

На сите оние кои никогаш не ја посетиле Македонија, земјава им нуди можност да уживаат во најстарите винарски визби на Балканот, да вкусат од течноста која со многу љубов, умешност и традиција се преточува во најпиткото и најароматично вино.Патот на виното не е само пат на кој се наоѓаат многубројни мали и поголеми винарии кои пленат со својата едноставност, природност и гостољубивост на домаќините. Тоа е и пат на кој можете да ги дознаете сите скриени тајни за Македонија, археолошки локалитети кои ќе ве однесат илјадници години назад, римски и турски бањи во кои ќе посакате да се искапете и да го почувствувате лековитото својство на термалните води. Патот на виното е и патот кој ја прикажува Македонија во сета нејзина раскош и изобилство на длабоки шуми, недопрени езера и реки, еколошка храна и неверојатно чист воздух кој ги надразнува сите сетила. Она што најмногу ќе ви остане во сеќавање е дегустацијата на вино во огромните винарски визби, додека стоите опколени од илјадници буриња од кои се шири опијна миризба на ферментираното грозје. Со понудата на сместувачки капацитети и ресторани за дегустација, како и селски куќи во кои може да се преноќи и да се ужива во македонската традиционална кујна, се заокружува приказната за опојната моќ на македонското вино. Кој еднаш пробал од него, ќе посака постојано да го чувствува слаткиот и кроток вкус на поднебјето впиен во гроздовата течност.

Даниела Трпчевска

Exit mobile version