Site icon GoExplore

Историски времеплов во Крушево

Мераба ефенди! Бујрум. Ефенди Санде ја поднаведнува главата внимателно за да не му падне фесот и ги отпоздравува комшиите што го повикуваат на филџан турско кафе. Разиграни деца во комитски облеки весело трчаат околу него, а домаќинките натокмени во рачно изработени фустани го нудат со крушевски локум. Крушево пред одбележувањето на 2 Август личи на театар на отворено каде што се одигруваат сцени од минатото

Прекриен со црна долга турска наметка со црвен околувратник, појас и жолти килибарни бројаници меѓу прстите, ефенди Санде деновиве е главна туристичка атракција низ крушевската чаршија.

„Не може секој да биде чорбаџија. Треба и ликот да ти е таков. За мене, велат, дека сум бил роден за ова“, раскажува Санде додека минуваме низ тесните камени сокаци, над кои надвиснуваат куќите изградени во 19 век, со пространи чардаци од ковано железо, жолти или сини рамки на прозорците и богата орнаментика.

Чаршијата врие од шаренило на бои, носии, најразновидни звуци на инструменти и детски џагор. Градот на само неколку дена пред одбележувањето на 2 Август и десетдневното чествување на Крушевската Република, прилега на голема театарска сцена на која постојано се менуваат актерите. Над 200 граѓани облечени како чорбаџии, трговци, комити, ефендии, бакалџии ги внесуваат туристите во историскиот времеплов, сликовито претставувајќи им го одамнешното крушевско секојдневје.

„А тоа изгледа вака. На сред чаршија највидните чорбаџии околу ручек време се собираат по еснафи и седнуваат во меана на раат да испијат кафе и да се засладат со тазе локум. Во дуќаните остануваат да работат нивните чираци. По чаршијата проаѓаат и видните турски првенци во градот, вртејќи бројаници низ прстите. Нивните сопруги во раскошни облеки заминуваат кај пријателките на муабет“, раскажува историчарот Зоран Богески додека пред нас се одигрува претпладневниот дел од програмата на „Етноград“.

Културните случувања за време на десетте дена од Крушевската република, од лани се збогатени и со проектот „Етно-град“, кој започнува на 17 јули и трае до средината на август. Двете манифестации деновиве се испреплетуваат, нудејќи им на посетителите несекојдневно доживување, прошетка по минатото и враќање во славната 1903 година, за која сведочи секој камен во планинското гратче.

Овој револицонерен бастион, кој се наоѓа на надморска височина од 1260 метри, деновиве личи на музеј на отворено. До скоро запуштен и празен, сега изгледа живо и освежено. Се варосуваат фасадите, се уредуваат дворовите, локалите добиваат комитски имиња, (пицеријата „Рома“ сега се вика „Кај војводите“), а книговодителите станаа есап-тефтери.


Посетителите итаат да се фотографираат со славниот Питу Гули, чорбаџиите и комитите, но и да го овековечат во кадар резбарот седнат на сред чаршија, кој со длето под прстите го издлабува своето најново дело. Во далечина се слушаат ударите на чеканот на крушевските казанџии, кои се испреплетуваат со звуците на чалгиите, тапанот и гајдата.

„Моќта на Крушево е во историјата, но силата ќе ја добива само преку комитските и народни носии што ги носат граѓаните. Проектот, кој започна лани, се развива со галопирачко темпо, но пред нас се уште неколку години за да се оформи комплетната слика за туристичко Крушево. Притоа мислам на  повеќе ресторани, спортски активности и сместување“, вели авторот на проектот и идеолог на туристичкото востание, Ранко Петровиќ – Бубамара, меѓу крушевчани познат како Башзулум војвода. „Задолжен сум за насмевки и за богатење на рајата во Крушево“, низ смеа додава Ранко, држејќи ги под око сите активности околу реализацијата на програмата ,која секојдневно, како на филмска лента, се одмотува пред посетителите на револуционерниот град.

На само неколку метри од црквата „Свети Никола“, група работници забрзано ја финишираат изградбата на новиот плоштад со мал амфитеатар, каде што годинава ќе се одржува централната манифестација за Илинден. За првпат место на Гумење, револуционерните пораки ќе се испраќаат од плоштадот, кој ќе го носи името на познатиот сликар со крушевско потекло, Никола Мартиноски.

„Манифестот симболично ќе се чита од балконот на познатото крушевско Монте (некогашна Градска кафеана). Манифестацијата започнува на 1 август во 22 часот кога гардисти ќе го однесат знамето до столбот на Крушевската Република, каде што ќе започне десетдневното чествување. Главната манифестација е утредента на Мечкин Камен“, објаснува градоначалникот Василчо Дамчески.

На ридот во близина на градот каде што се наоѓа славниот Мечкин Камен и каде што во храбра битка загинал херојот Питу Гули во 1903 година, во тек се подготовките за прославата в понеделник кога колони посетители од целата земја традиционално го прославуваат почетокот на Илинденското востание. 

На Гумење, пак, се поставува сценографија. Голема кукла во комитска облека со која посетителите ќе можат да се фотографираат додека во позадина се гледа споменикот „Илинден“, симболот на непокорот, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода. Централно место во споменикот има вечниот оган како симбол за загинатите борци, а под два тона мермер се наоѓа гробот на револуционерот Никола Карев. Ноќе споменикот е најголемиот факел на градот поради светлината која извира од него.

Во подножјето на споменикот се наоѓа спортско-рекреативната зона, лоцирана околу вештачкото езеро, кое наскоро е планирано да добие сосема нов лик и содржини. „Околу езерото е планирана изградба на викенд-населба за што веќе се продадени 40 локации за викенд-куќи, а планирано е да има и три помали хотели. Во тек е изградба на фудбалско игралиште, како и на терени за одбојка на плажа, а околу езерото е планирано да се изгради пешачка патека, со што ќе стане особено атрактивен тој дел од градот“, вели Никола Јовановски, претседател на Советот на Општина Крушево.

Елитна викенд-населба ќе се гради и над Крушево, во месноста Бела Вода, од каде што се протега неверојатен поглед на живописната Пелагонија. „Во план е изградба на 40 викенд-куќи, што ќе помогне за продолжување на зимската сезона во овој познат скијачки центар, каде што постојат идеални услови за развој на спортскиот туризам. 

Поволните временски услови, благите терени и добрата инфраструктурна поврзаност со околните градови го прават Крушево еден од најдобрите европски дестинации за вљубениците во параглајдерството. Некои од нив во Крушево доаѓаат веќе петнаесетина години.

„Зошто сме тука? Затоа што ова е најдоброто место за параглајдерство во Европа. Отворен видик, благи падини за почетниците, одличен ветер, безбеден спуст по планините, што би можеле повеќе да посакаме“, вели Финецот Кимо Корхонен, кој од 1995 година секое лето со параглајдерот ги истражува убавините околу Крушево. 

Домашните пити, печурките и чаевите собирани од околината, особено вкусните јадења од овој крај, како што се чомлек (говедско месо со кромитчиња), кукурек (цревца), куркубета (пита со тиква), домашните колбаси, џемови од шипка и сливовата ракија се вистински магнет за посетителите, кои ретко заминуваат од градот без да понесат црешово топче како сувенир или везови во етностил. 

Магичноста на крушевската калдрма, мирисите на зачините и домашно печената пита, посетителите можат да ги почувствуваат преку прошетка со кочијата, која предизвикува особено интерес кај најмладите. Од идната година е во план Крушево да има пешачка зона, а дваесетина кочии да го доловуваат стариот дух на градот, нудејќи им неповторлива доживување на сите продукти што сакаат да го почувствуваат бурното минато на револуционерниот град.

 

автор Даниела Трпчевска

фотографии Киро Попов/ Утрински весник

Exit mobile version