Оазата на тутунот и пивото
Градот под Маркови кули забрзано и со зголемен адреналин го дочека почетокот на осмиот „Пиво фест“, традиционален фестивал на пивото, скарата, музиката, забавата и мајтапот. Се поставуваат киосци преплавени со најразновидно пиво и изобилство на храна, работниците забрзано го финишираат монтирањето на бината на прилепскиот плоштад, кафеаните ги уредуваат терасите, фасадите се бојосуваат – сега домаќините местат кревет повеќе за гостите што пристигнуваат, продавачите ги полнат колонијалите со продукти, пазарот е преполн со свежа понуда на зеленчук и овошје.
Само за неколку часа булеварот „Гоце Делчев“ ќе пливне од бројни гости, шумата кај Паркот на револуцијата ќе се преплави од шатори на млади од земјава, кои ќе се дружат под отворено небо, од неколкуте плоштади ќе ечи силна музика, а парковите и фонтаните ќе нудат разладување и освежување за гостите што ќе го прославуваат празникот на пивото.
Во наредните четири дена, од 15 до 18 јули, на фестивалот ќе се точат најразлични видови пиво, ќе се јаде прочуената прилепска скара и ќе се слуша разновиден избор на забавна и на народна музика. Локалната самоуправа очекува манифестацијата да доживее вистински бум годинава. Двојно се зголемуваат капацитетите и просторот на кој се поставуваат штандовите на булеварот „Гоце Делчев“ и на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“.
Златниот град, кој има богата традиција поврзана со пивото, годинава се очекува да им посака добредојде на над 300 илјади посетители од земјава, но и од странство. Гости од Србија, Бугарија и од Турција веќе се најавуваат дека ќе уживаат во фестивалските денови и во атракциите што ги нуди прилепскиот крај, раритетен по своите села, богата и живописна архитектура и неверојатно богато културно и историско богатство.
Во градот се бара кревет повеќе, домаќините им ги отстапуваат своите легла на гостите, кои често бараат преноќевалишта и во околните градови – Крушево, Битола, па и Охрид. „Ако треба три дена не стануваме од столче, ќе пиеме, ќе се веселиме, ама за гостите ќе се најде сместување“, велат прилепчани со насмевка и еуфоричност пред почетокот на градската фешта.
Прилеп живее за четирите фестивалски дена на пивото, кои, според пресметките на локалната самоуправа, би можеле да им донесат добивка од три милиони евра. „Секој посетител ако потроши само десетина евра за време на ’Пиво фест‘, ќе имаме огромен приход за заживување на градот“, вели градоначалникот Марјан Ристески.
Почетната идеја на невладините организации за манифестацијата „Пиво фест“ пред осум години сега прераснува во масовна манифестација, во организација на локалната самоуправа, која ги преминува границите на државата. „Идеја ни е ’Пиво фест‘ да прерасне во фестивал, кој ќе биде комбинација од познатиот ’Октобер фест‘ во Германија и ’Егзит‘ во Нови Сад. Развојот на културно-фестивалскиот туризам е шанса да се развие и да заживее градот“, вели градоначалникот Ристески.
Се’ почесто гости од надвор го посетуваат фестивалот, раскажувајќи им на роднините и на пријателите за четиридневната забава под отворено небо, за утрата почнати со пивото „Крали Марко“ под тврдините на славниот јунак, ноќите во славниот Варош и мирот и тишината што ги нудат бројните цркви и манастирите, за мајтапот, шегите и за смеата, кои го имаат главниот збор во овој револуционерен град.
Прилеп не е само град на тутунот и на пивото. Оние што ќе дојдат имаат извонредна можност да ги откријат убавините на пределот, да ги истражуваат Маркови кули, една од најубавите средновековни тврдини, која надмоќно се извишува над градот, или да пешачат по убаво уредените патеки над најстарата населба Варош. Ако некогаш во овој дел од градот имало 77 цркви, сега се останати само седум, но секоја од нив е уникатна и живописна на свој начин. Посетителите особено се воодушевуваат од манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ од 12 век, кој е вгнезден во карпите на југозападната страна под Маркови кули. Од него се укажува панорамски поглед на градот и нуди неверојатен мир и спокојство за сите оние што сакаат да побегнат од градската врева.
Ако овој црковен храм воодушевува со својот раскошен изглед, тогаш малата црква „Свети Атанасие“ над Варош е специфична по тоа што нема покрив. Прилепчани велат дека оваа црква никогаш немала покрив, иако два пати досега имало обид тој да се изгради. „Но, два пати, изутрината по поставувањето, тој се уривал“, раскажуваат жителите на Варош.
Градот изобилува со бројно културно и историско наследство, објекти кои пленат со својата уникатност и стара архитектура во чаршијата. Токму Старата чаршија е средиштето на сите случувања во градот, место каде што се лоцирани најатрактивните знаменитости и обележја на градот. Доминантна е Саат-кулата изградена во 1858 година, чиј часовник се’ уште отчукува и потсетува на минливоста на времето. Висока е 38 метри, а интересно е тоа што врвот во однос на основата е навален за повеќе од еден метар. Не случајно прилепчани ја споредуваат со кривата кула во Пиза.
Арт-плоштадот и споменикот на Александар Македонски, цветните патеки, Музејот на тутун со раритетната колекција на лулиња, Галеријата на икони, споменикот на Итар Пејо и зелениот пазар, ја дополнуваат живописната слика за непокорливиот град со богата историја.
Паркот на револуцијата каде што се закопани спомените за 650 борци, кои загинале за време на ослободителната војна, е едно од најпосетените места за прошетка во вечерните часови. Тревнатиот простор, уреден со езерца и спортски терени, во чие средиште се наоѓа Могилата на непобедените, годинава ќе биде преуреден во кампинг-простор, за сите посетители кои ќе сакаат да ноќеваат во шатори под отворено него.
Посетителите на „Пиво фест“ можат да ги посетат и атрактивните манастири во Трескавец, Зрзе или, пак, преубавото Мариово. Оние што ќе одлучат да го истражуваат градот може да одморат во уредените паркови со фонтани и да помуабетат и да се помајтапат со прилепчани.
Забавата може да почне.
На мени 18 вида пиво
На триесетина локации посетителите ќе дегустираат 18 различни видови пива. Копјата во преполните чаши ќе ги вкрстат студениот „Златен даб“ со непобедливиот „Крали Марко“, кој веќе се произведува во Прилепска пиварница. Нема да изостанат ниту дуелите меѓу „Карлсберг“, „Туборг“, „Горско“, „Скопско“, „Амстел“, „Хајнекен“, „Каменица“, „Стела артоа“ и „Јелен“. На штандовите ќе се нудат и „Старопрамен“, „Бекс“, светло и темно пиво „Лашко“, „Унион“, а нема да изостанат ниту „Никшичко“ и „Лав“. Мирисот на познатата прилепска скара годинава ќе се комбинира и со познатите лесковачки специјалитети.
Лани фестивалот на пивото го посетија 200 илјади луѓе што испија околу 110 тони пиво и изедоа околу 60 тони скара. Годинава овој рекорд се очекува да се урне.
„Ќе има изобилство традиционална храна и преполни кафулиња. Специјалитетите, како ширден и прилепската скара, залиени со ладно пиво и придружени со добра забава, се доволна причина секој во наредните четири дена да дојде во Прилеп“, вели градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
Што да посетите
5 – Музеј на тутунот – е единствен специјализиран музеј од овој вид на Балканот. Располага со вкупно 2200 експонати, а особено атрактивна е колекцијата на лулиња
6 – Варош е најстарата прилепска населба, над која надмоќно се извишуваат Марковите кули. Легендите велат дека на овој простор имало 77 цркви, од кои до сега се сочувани само седум кои пленат со својата убавина
7- Манастирскиот комплекс Свети Архангел Михаил е вгнезден во карпите на југозападната страна под Марковите кули,а под него се простира прилепски Варош. Црквата потекнува од втората половина на 12 век, и е еден од најубавите културни и религиозни центри во земјава
8 – Карпата „Слон“ под Маркови кули е природна реткост која е особено атрактивна за посетителите. Висока е повеќе од осум и широка околу пет метри
9 – Манастирот Трескавец со црквата Свети Успение Богородично се наоѓа на 10 километри на север од Прилеп, под Златоврв. Сместен е во извонреден живописен предел, од каде се пружа поглед кон Пелагонија
10 – Мариово плени со својот раритетен изглед, специфична камена архитектура, живописна природа, еколошки здрава храна и изобилство на ледини со лековити растенија
Даниела Трпчевска / Утрински весник