Куклите „Иванки“ го разиграа Ресен
Денот на раѓањето на Свети Јован Кристител – 7 јули, или во народот попознат како Иванден, има особено значење во Преспанскиот регион и се чини дека на територијата на Ресен и Преспа го има најсимболичното и најкарактеристичното одбележување. Голем беше интересот на младата популација, кои присуствуваа со сопствени изработки на куклите Иванки, но и предизвикот да изработат кукли според традицијата на сопствените мајки и баби.
„Од дете живеам во Јанковец. Ваква традиција има само таму и во Ресен. Она што мене ме научиле моите баби и мајка ми, јас денес како баба го пренесувам на младите. Навистина многу сакаат да изработуваат и се собираме со девојчињата, по редот на традицијата. Со големо задоволство ги изработуваат овие кукли, а се надевам дека следната година некоја од мајките ќе ме замени мене и ќе ја пренесе традицијата, како што мене ми ја пренеле и јас ја пренесувам на помладите“, рече Нада Ѓештаковска, изработувач на кукли Иванки.
Организаторот најавува дека ваквите манифестации, кои што се дел од Преспанската традиција, претставуваат особено значаен сегмент во задржувањето на културното наследство.
„Петта година по ред, Домот на културата Драги Тозија е организатор на оваа манифестација, која не навраќа на нашите корени и традиции и која треба да се зачува од заборав. Низ минатото, па и денес, ова празнување трае дури три дена, секој ден со свое значење и белег. Започнува на 5 јули, а завршува на Иванден – 7 јули. Денес пред жири комисијата беа претставени годинешните изработени кукли – Иванки, а сепак, поради големот интерес и вложеноста на учесниците, одлучивме сите изработки да бидат симболично наградени, со скромен паричен надомест“, рече директорот на Домот на културата Васко Василевски.
На 5 јули, се формираат групи од девојчиња, кои ги посетуваат сите куќи од своето мало. Собираат брашно, масло, шеќер, грав и други продукти, кои на крајот се носат во една куќа. На 6 јули се прават повеќе обредни активности. Утрото зачнува со берење на боливач, кој се користи за правење на куклата Иванка и се прави ручек во куќата каде претходно бие однесени продуктите. На 7 јули кога е и крајот на ова празнување, куклата Иванка се растура на најблиската ливада.
„Ние како локална самоуправа, секогаш застануваме на страната на традицијата. Таа е од посебно значење за Ресен, но и за целата Преспа, особено што овде, кај нас, овој празник се одбележува на еден карактеристичен начин, можеби и единствен во земјава. Затоа, сите учесници, кои изработиле Иванки, ќе бидат и симболично наградени“ рече градоначалникот на Општина Ресен, д-р Ѓоко Стрезовски.
Манифестацијата беше збогатена со музичка програма, а за заврши со неизбежното служење на посно гравче.