Предизвик за ловците на трофеи
Македонската колоритна природа изобилува со растителни и животински видови, кои ги задоволуваат и најистенчените вкусови на искусните ловци, но и на обичните туристи во потрага по авантури. Распослана во централното подрачје на Балканскиот Полуостров, испреплетена со високи планински врвови, кои достигнуваат до 2800 метри надморска височина, и питоми котлини и долини, Македонија во своите шумовити делови е дом за најзразлични видови дивеч.
Ловишта има на целата територија на земјава, освен во Националните паркови, но мора да се напомене дека сите активности во ловството се контролирани. Дозволен е лов само на оние видови кои ги има во доволен број, додека загрозените се наоѓаат под посебен режим на заштита. Оние видови кои што се утврдени со закон за трајно заштитени строго се забранети за лов, додека опстанокот на заштитениот дивеч се регулира преку ловостој. Во земјава постојат повеќе дестетици терени за одгледување на крупен и ситен дивеч. Во крупниот дивеч спаѓаат: дивокози, дива свиња, обичен елен, елен лопатар, муфлон, срнски дивеч, мечка. Волкот и лисицата се сметаат за штетен дивеч и се дозволени за лов во текот на целата година. Ловиштата за ситен дивеч изобилуваат со зајакот, полската еребица, еребица камењарка, како и фазанскиот дивеч. Атрактивни за лов се и дивите гулаби и потполошката, кои се ловат од 2 август до 12 март.
Во ловиштата за крупен дивеч доминантен вид е дивата свиња, која се лови од 1 октомври до 31 јануари. Таа е застапена во сите ловишта и нејзината бројна состојба ги задоволува потребите за лов во текот на целата година. Друг вид кој е дозволен за застрел е дивокозата. Добрите познавачи на ловот знаат дека станува збор за специфичен вид, кај кого и женките и мажјаците се трофејни. Тоа пак е главната причина што ги мами комерцијалните ловци од земјава и регионот да уживаат во македонските ловишта во потрага по што позначајни и поскапоцени трофеи. Дивата коза се лови од 1 октомври до 31 декември, а застрелот на трофејни видови на крупен дивеч чини од 100 евра па нагоре. Во земјава постои голем интерес за лов на ситниот дивеч од страна на ловци од Грција и Италија.
Со Законот за ловството во земјава се одредени вкупно 249 ловишта, од кои 104 се ловишта за крупен дивеч, а 145 за ситен дивеч. Дивечот во овие ловишта се користи по пат на концесија. Од нив за државни се определени четири ловишта, од кои “Јасен”, “Лешница” и “Полаки” се за крупен дивеч, додека “Трубарево” е за ситен дивеч. Овие ловишта се наменети за потребите на државата, односно за организирање дипломатски лов и имаат најдобри услови за развој на дивечот.
Ловишта
Ловиштето “Полаки”е државно ловиште за крупен дивеч кое зафаќа површина од 15.250 хектари. Се наоѓа во близина на Кочани, а од аеродромот Петровец е оддалечено 120 км. Обичниот елен, еленот-лопатар и муфлонот се главни карактеристики на овој ловен терен. Ловиштето “Јасен” – Скопје се простира на површина од 24.000 ха, и е најинтересно за државниот врв за лов на крупен дивеч. Во текот на ноември и декември секоја година се одржуваат дипломатски ловови на дива свиња и други видови на крупен дивеч. Ловиштата Јасен и Полаки се со уредена структура и со сместувачки објекти за ловците од висока класа.Ловиштето “Лешница” – Тетово е сместено во прекрасните пазуви на Шар Планина на површина од 11.930 ха, а од Скопје е оддалечено околу 50 километри. Планинскиот терен и прекрасните природни услови овозможуваат извонреден развој на дивата коза, така што во ова ловиште можат да се стекнат трофеи со висока вредност.Ловот на волк, лисица и куна го надополнуваат доживувањето и возбудата. Овој терен на ловецот му овезможува да го набљудува дивечот од непосредна близина, а на посетителите – добра и несекојдневна фотографија. Ловците можат да се сместат во ловниот дом кој е во центарот на ловните терени и во хотелот “Јелак”, кој се наоѓа во зимско-рекреативниот центар “Попова Шапка”.
Специјалната ловна понуда нуди и ловиштето”Милисин”. Тоа се простира на само 20 км од Гевгелија, на површина од 9980 ха. Дивата свиња е најзастапена во ова ловиште. Ова ловиште располага со ловечка куќа, која нуди происјатен престој за посетителите. Во рамките на ловиштата Јасен, Полаки и Милисин има оградени површини во кои се одгледува обичен елен, елен лопатар, муфлон и дива свиња. Во нив машки примероци од дивечот можат да се ловат во текот на целата година, доколку задоволуваат капацитетите. Со оградите се контролира одгледувањето на подмладокот, неговиот прираст и се обезбедува негово прихранување и опстанок.
Особено интересно е и ловиштето “Кадина Река”, кое е од отворен тип и изобилува со крупен дивеч. Се наоѓа во непосредна близина на Скопје, со вкупна површина од 21.100 хектари. Во ова ловиште се среќаваат обичен елен и дива свиња. Постои уредена инфраструктура до ловиштето и објекти за сместување.
ЈП “Македонски шуми” се одговорни за 17 ловишта, од кои 15 се под концесија, а другите две на управување. Меѓу нив поинтересни за споменување се Карабалија-Гевгелија, Градец и Честово – Валандово, Баба – Битола, Џами Тепе – Берово, Караорман – Охрид, Рожден – Кавадарци, Душегубица – Кичево, Бањиште – Дебар, Градешка река – Виница, Брајчино и Езерани – Ресен и Мушково – Кратово.
Заштитени видови
Во сите македонски ловишта како трајно заштитени видови се среќаваат срнскиот дивече, мечката, рисот, лебедот, орлите.Според Законот за лов, во Македонија 127 видови дивеч уживаат посебен третман, а меѓу нив е Кафеавата мечка која е речиси пред истребување. Таа може да се сретне во западниот дел на земјава и тоа пред се Шар Планина, Јабланица, Галичица и Пелистер. Според последните податоци, вкупната популација на Кафеавата мечка, кај нас, изнесува околу 250. Најнежното и најграциозното животно – срната е трајно забранета за лов во земјава. Но често покрај ловот на диви свињи се стрела и во ова животно, поради што бројот на срни постојано се намалува. Според Законот за лов, трајано заштитени се и лебедите. Во заштитените видови во Европа спаѓа и Волкот, додека кај нас за секој застрелан волк државата наплатува по 50 евра награда, со што се стимулира неговото уништување. За разлика од Франција, каде бројката на волците е околу дваесетина, во земјава популацијата на волците е се уште голема. Тие предизвикуваат значителни штети во стопанството, поради што годишно се ловат околу 350 волци.
Даниела Трпчевска