Ноќите на Бистра
Ледена капа ги обвиткува далечните планински врвови надвиснати над Мавровското езеро. Височините на Кораб, Шара, Дешат и Бистра надмоќно стражарат над Маврови Анови и Маврово, а далечниот шум на дивите кози, срните, мечките и рисовите ги будат дамарите. Тука малите прозорчиња светкаат во ноќта, разбивајќи ја на места темнината и правејќи чуден отсјај во езерото. Патеките осветлени во ноќта ги мамат скијачите за уште едно спуштање по снежната белина.
Починка наоѓаат дури пред мугрите, за да по неколку часа со огревањето на сонцето, повторно ги примамат вљубениците во природата.
Така секое утро. Се придвижуваат жичарите, скијачите како точки во далечината јуришаат кон целта, а најмладите со громогласна смеа и премрзнати раце ги валкаат топките, подготвувајќи се за ново гаѓање. Дневните и вечерните прошетки по крцкавиот снег кој се лизнува под чекорите ги одмораат очите и мамат на кратка починка во белото пространство. Во ведрите ноќи снегот кој провејува ги покрива трагите на уморните скијачи. Има денови кога маглата како пајажина го обвиткува езерото и го заспива куќичките околу него во декемвриски сон.
Застанат на некоја височинка или на падините на Бистра, пред очите ти се протега лулестото Мавровско езеро, кое од јануари до март, добива ледена покривка, па жителите по него минуваат од едно до друго населено место. Мирно, неподвижно и невино бело мами за прошетка и допир на стапалата со непрегледниот леден простор. Контрастот на зелена букова шума прошарана со белило околу езерото, недофатливите снежни врвови и кристално синото небо на убав ден, создава неверојатна хармонија, та погледот ти шара лево-десно неможејќи да се скраси само на едно место.
А на брегот на езерото, создадено од човековата рака, се бори со напливот на водата и времето, црквата”Св.Никола Летен”. Гледана од височина, некогашната црква изгледа толку осамена, а под снежната капа се назираат само остатоците од ѕидовите, поплавени со изградбата на езерото во 1953 година. Само неколку метри погоре е изграден величестен манастирски комплекс “Свети Никола” во кој доминира прекрасен иконостас. Лево од него ќе се гради црква, налик на поплавената со цел во неа да се дислоцира стариот верски храм.
Од видиковецот Царева чешма ги допирам со поглед највисоките делови на Националниот парк Маврово на надморска височина од 1.500 метри. Наесен природата овде ги добива сите бои на виножитото, а зиме белината царува, но останува истата свежина да ги вцрвенува образите и да го забрза крвотокот. Околу мене се Шар Планина и Бистра, а зад мене предизвикува Кораб, со своите девствени убавини, на тромеѓето со Албанија и Србија и Црна Гора. Нивните падини, покриени со дебела снежна покривка мамат за нова игра и освојување на секоја педа од снежниот рај.
Облеана од сончева светлина и во текот на зимата Бистра ги привлекува туристите со сончевите денови, свежиот воздух и пивката вода, а за гурманите предизвик се мавровското сирење, киселото млеко, качамакот, топлите мавровски погачи и ржени зелници. На Бистра снег заврнува во октомври, а често се задржува до крајот на јуни. А бидејќи маглите и облаците на планината се сосема ретки, при своето доаѓање, Словените ја нарекле Бистра. На повисоките делови снегот почнува да врне главно во октомври и се задржува до крајот на јуни, а на места речиси во текот на целата година, како што е случајот со џиновскиот Кораб. Некогаш дебелината на снегот во највисоката зона на планината Бистра, Кораб и Дешат може да достигне и до 4-5 метри. Просечната снежна покривка во пониските делови изнесува 70 см, а минималната температира во февруари е -23,4 степени.
Посетителите од ноември до крајот на април не само што можат да уживаат во скијањето на снег, туку и да риболоват во водите на Радика, причуена по радичката пастрмка, а на планините да ги задоволат ловечките страсти. Отворена сезона за риболов во Мавровското Езеро е од 1 февруари до 30 октомври, а на Радика од 15 јануари до 30 октомври. На подрачјето на паркот се среќаваат и над 140 видови птици и над 45 видови цицачи, влечуги, водоземци, како и дивокози, срни, рисови, мечки. Ваквата пријатната клима, присуството на дивечот и ретките птици, раскошната природа кај Мавровското езеро и околината, богатата вегетација, неодоливата Бистра податлива за разни зимски и летни спортови, Радичката клисура, манастирот Свети Јован Бигорски, Аџина Река, Елен скок и разните историски и културни знаменитости, се само дел од предизвиците за да се посети и да се ужива во овој раритетен дел на Македонија во текот на целата година.
Галичник – најживописно село во Мијачкиот крај
Во рамките на Националниот парк Маврово има 36 села. Галичник е едно од најживописните. До него и до другите села води асфалтиран пат и локални патишта. Од нив, 14 се сосема иселени и оставени на тивко изумирање, а во другите има по неколку жители. Тие се распоредени во четири региони: Мавровска котлина, Горна Река, Мала Река и Долна Река. Именувани се најчесто по бројните реки и извори кои течат покрај кањоните и низ клисурестите долини и кои се слеваат во реката Радика.. Во селата има голем број напуштени куќи, а понекаде се реновирани во типична мијачка архитектура. Околу Мавровското Езеро има околу 1.600 објекти, туристички и викенд куќи.
Освен развиениот туристички центар во Маврово и повеќето угостителско-туристички објекти во неговиот атар, како посебен туристички локалитет се разви и Бунец. Низ паркот може да се забележи слободно движење на стадата дизокози и срни. Снежниот град во Бунец никнува секоја година од вештите детски раце кои сета своја имагинација ја претопуваат во големите снежни фигури на Дедо Мразовци, кралици, замоци, куќи, снешковци и што ли уште не.