Медали за најуспешните планински маратонци на „Krali Marko trails 2017“
По тридневни натпреварувања во различни категории и со различни должини на трките, организаторите ги доделијa медалите и дипломите на најуспешните на ултра планинскиот маратон „Krali Marko trails 2017“, кој се организира по 7– ми пат во Прилеп.
Првото место, на најдолгата трка во едицијата на „Крали Марко Треилс“, кој го носи секогаш и најголемиот предизвик, бидејќи е најголемата македонска ултра трка, со должина од 110 километри, трката која се трча низ карпест и каменест предел и кој стартуваше од петокот, му припадна на Александар Стојкоски, од TIRX Прилеп, а во женска конкуренција прва на целта стигна, Марија Николова, од Бугарија.
Македонците беа успешни и на третата стаза „Козјак треил“, долга 65 км. Прв на целта во машка конкуренција пристигна Александар Кирковски, а меѓу дамите, прва на оваа трка беше прилепчанката Мери Мирческа.
Сања Костуранова од Македонија прва пристигна на целта на трката, наречена „Камена Баба Треил”, чија стаза е долга 31 км. и ја следи истата патека како и трката „Трескавец Треил”, до манастирот Трескавец, па, по карпест терен на патот за селото Дабница, до ридот Кукул, кон контролната точка на Прилепското езеро и се враќа во Варош.
Втор во оваа трка, а прв меѓу мажите, беше Слободан Стаматовски, од Македонија, од NRC-NIKE – RUN CLUB.
Победник на најмасовната трка „Трескавец Треил”, на која учество зедоа 130 натпреварувачи, долга 16 километри, која започна од амфитеатарот во населбата Варош, Марковите Кули, и се до манастирот Трескавец, беше Стефан Уебел, од Герамнија, а прилепчанката Талија Петреска, од ОК Златовврв стигна прва на целта меѓу дамите.
Најкратката, а воедно и највеселата беше трката „Маркукуле треил“, наменета за најмладите. Трката е во должина од 1,5 км, а се трча од амфитеатарот во Варош до манастирот Св. Архангел Михаил под Марковите Кули и завршува повторно во Варош, со што најмладите учесници, вљубеници на планинскиот маратон зедоа активно учество. Годинава ултра планинскиот маратон „Krali Marko trails“ имаше рекорден број на натпреварувачи, над 400 маратонци, од 22 држави од светот.