„Мрднавме со прст“ ја разубавија Мала Река
Во саботата, 14 октомври извидниците, заедно со мештаните од селото Мала Река учествуваа во приспособување на куќата која во наследство ја оставил жител од ова место. Во рамки на иницијативата, Првиот скопски извиднички одред заедно со група граѓани поставија патни знаци до селото, реката и водопадот за полесно да може да се снајдат оние кои прв пат одат во овој предел. Потоа го исчистија просторот околу селската чешма и поставија клупа до неа. Куќата која е оставена во наследство сега е чиста, со поставени нови кревети и со тоа приспособена за престој. Надвор од куќата поставија неколку места за дневен престој во природа, а на ледината во близина на реката, наместија голови за мал фудбал. Со многу волја и уште малку работа Мала Река може да стане омиленото место за оттргнување од бучавата на градот и одмор за сите нас.
Мала Река е прекрасно место скриено во шумата на Китка Планина. Ова мало место, уште на почетокот на 90-тите го маѓепсало еден од најголемите македонски планинари, чичко Борче. Како човек кој ја обожавал планината и нејзината природа, тој со со години го одржувал ова место и ги поттикнувал луѓето да го посетат. Пред да почине, ја остава неговата куќа отворена за користeње на сите посетители на местото. Локалните посетители се грижат за неа и за целото место, но добредојдена беше и помошта на сите кои го сакаат ова место и можат да придонесат во зачувување на автентичноста.
Оваа иницијативата беше поддржана од Националниот младински совет на Македонија во рамки на кампањата Мрдни со прст. Главната цел на кампањата е да се подигне јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.