Охридското Езеро открива тајни стари 8.000 години

Подводните истражувања во Охридското Езеро открија организирана заедница на ловци и земјоделци стара 8.000 години
Археолози кои работат на бреговите на Охридското Езеро во Албанија се уверени дека ја откриле најстарата човечка населба изградена на европско езеро, пронаоѓајќи докази за организирана заедница на ловци и земјоделци која живеела пред околу 8.000 години.
Тимот од Швајцарија и Албанија секојдневно поминува часови на околу три метри под вода, внимателно вадејќи дрвени столбови кои ги поддржувале куќите. Тие исто така собираат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн, Швајцарија изјави дека слични населби се пронајдени во Алпскиот и Медитеранскиот регион, но населбите во селото Лин се постари за половина милениум, датирајќи од пред 6.000 до 8.000 години.
„Бидејќи е под вода, органскиот материјал е добро сочуван, што ни овозможува да дознаеме што јаделе овие луѓе, што саделе,“ вели Хафнер.
Децении за целосно истражување
Повеќе студии покажуваат дека Охридското Езеро, кое го делат Северна Македонија и Албанија, е најстарото езеро во Европа, со старост од над еден милион години.
Староста на наодите се утврдува преку радиојаглеродно датирање и дендрохронологија, која ги мери годишните прстени на растење кај дрвјата. Од локацијата се собрани повеќе од илјада примероци од дрво, а се претпоставува дека таму живееле неколку стотици луѓе.
Се верува дека населбата зафаќала околу шест хектари, но досега е ископано само околу 1% по шест години работа. Хафнер вели дека наодите покажуваат дека луѓето кои живееле на езерото помогнале во ширењето на земјоделството и сточарството во други делови на Европа.
„Сè уште ловеле и собирале, но стабилниот извор на храна доаѓал од земјоделството,“ вели тој.
Албанскиот археолог Адриан Анастаси смета дека може да бидат потребни децении за целосно истражување на областа.
„Според начинот на кој живееле, јаделе, ловеле, рибареле и според архитектурата што ја користеле за изградба на нивната населба, можеме да кажеме дека биле многу паметни за тоа време,“ рече Анастаси.
извор: Дојче веле