Патувачкото кино на „Македокс“ во Брест, Косово и во Манастирец
Со проекција на креативни документарни филмови во селото Манастирец, во областа Порече, на 25 јули заврши патувачкото кино на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, кое во изминатите осум години посети точно 60 села и помали градови во Македонија.
Новитет годинава беше што првпат на патувачкото кино се одржа дел од работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“, а „Македокс“ беше и организатор на амбиентален концерт под отворено небо во месноста Преслап кај селото Локвица.
Осмото патувачко кино на „Македокс“ од 12 до 25 јули се одржа во областа Порече и ги посети селата Крапа, Девич, Црешнево, Требино (проекцијата беше откажана поради невреме), Локвица, Брест, Косово и Манастирец. Втора година по ред патувачкото кино, со тридневни проекции во црквата „Свети Илија“, е дел од програмата на музичкиот „Д Фестивал“ во Дојран.
Во објектот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ во близина на селото Манастирец цели 16 дена беше сместена екипата на патувачкото кино.
Првпат во рамките на патувачкото кино беше вклучена работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“. Втората сесија на работилницата ќе се одржи за време на фестивалот „Македокс“ во август. Работилницата се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.
Осмото издание на патувачкото кино на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во Куршумли ан во Скопје. Годинава „Македокс“ ќе донесе шеесетина филма во главната програма, нови автори, кратки филмови, студентска и детската програма и речиси исто толку гости. Тематски фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација.