Со дваесетина настани, над 40 учесници и петдневна програма со мото „Градиме нови генерации“, 5. издание на Фестивалот за процесирање култура „Дримон“ ќе се одржи од 26 до 30 јули во Струга, во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Тимот на Иницијативата за независен културен активизам – ИНКА изминативе месеци подготви програма со која се гордее, па на фестивалот публиката ќе гледа внимателно одбрана уметничка програма со театарски претстави, изложби, филмови, музика, работилници, дискусии, изградени во соработка со многу имиња и организации, значајни за македонската независна социокултурна сцена. И оваа година „Дримон“ останува ангажиран, солидаризиран со граѓанските каузи и избра актуелни теми со кои нашето општество мора итно да се справува.
Меѓу генералните вертикали што се испреплетуваат во петдневната програма е темата за афирмација на жената како автор, творец, идеен носител на општествените промени, одразени преку специјалната фестивалска селекција „За женски каузи“ поддржани од страна на „Цивика мобилитас“, како и фестивалска селекција „Мрдни со прст за справување со отпадот“, која е застапување за совесно справување со отпадот и загадувањето преку предлагање зелени идеи.
Публиката на фестивалот ќе има можност да учествува на дискусии за загадувањето од струшката депонија, за пристапноста и способноста на институциите и општеството за лицата со посебни потреби, за клиентелизмот во медиумите, како и за учеството на жената во социокултурниот живот.
Тимот на „Дримон“ застанува и зад не помалку важните граѓански права – право на пристапност и правото на фер информирање, со што ова издание тежнее за едно поубаво општество за новите генерации, кое го акцентира правото на култура, забава и афирмација на заеднички вредности.
Петтото издание на „Дримон“ е поддржано преку ад хок грант на програмата „Цивика мобилитас“, со кој се финансира селекцијата на жени авторки и „Мрдни со прст“, кои заедно со волонтерски ангажман на заедницата ја помагаат инфраструктурата на зелената зона. НУЦК „Браќа Миладиновци“ е копродуцентски партнер.