Последните мохиканци на Китка: Во потрага по чисти води
Мала Река – Тргнав од Скопје да си ја нахранам душата. Центарот на градот ме гуши: нечист воздух од издувни гасови и нечистотија насекаде околу мене, несредени паркови, исушена трева, кеси пластични и други отпадоци….
Посакав да се вратам во осумдесетите години на дваесетиот век. Скопје уште во раните утрински часови пулсираше со свеж здив: измиени, чисти улици, собрано лисје, златести дрвја насликани од есента. Плоштадот „Маршал Тито” простран и чист, а покрај Вардар се уште имаше клупи за седење на кои спокојно можевме да го гледаме течението на реката.
Денеска, по толку изминати години, градот натежнал од бетон, илјадници автомобили ревносно блујат отров, фабрики и луѓе фрлаат на тони отпад, распаднати тротоари, диви пазари среде град, нема простор за пешаците, запоседната територија на се што било празно… Неискастрени дрвја, исушени гранки, кабли што висат, преполни корпи за отпадоци, од контејнерите паѓа ѓубре во секое време, а малку понатаму туристички водич на група странци им зборува за културните добра на градот.
Каде да одам!? Брзам по тротоарот да се сретнам со пријателите за да ,,здувнеме” некаде и да ги наполниме белите дробови.
– ,,Китка!”- рече пријателката. ,,Ем не е толку далеку, ем има храна за душата! ‘’.
Само што свртевме десно кај бензинската пумпа во Драчево и колата бревташе по угорницата, го отворив прозорецот. Надесно убав поглед по удолницата кон селата што мирно битисуваат со векови. Налево лозја испустени, неископани а некогаш беа како китки натезнати со род. И се сетив на времињата само до пред десет години кога во ова време од годината беа паркирани коли по ивицата на патот и ги чекаа домаќините кои стрпливо, мераклиски ги сечеа гроздовите од убаво обработените лози. Сега, само полегнати лозови насади жално дремат на есенското сонце, обраснати во трева и корови и тажечки по убавите времиња кога ги гушкаше човечка рака, чмаат во заборав. Ех, времиња што се помнат, со сета! Се наезив! Каде се луѓето!?
Стигнавме до Долно Количани. Полегнато на падината, есенски зазеленета, мирно ја пригрлува благата удолница, чиниш вековниот преграт на селото отчукува во нашите дамари… Каква глетка!?
Бело – црвените куќи се слеале во акварелот на боите на есента. До секоја куќа раскошно се шират гранките на благородните ореови дрвја, на понекоја диво израсната смоква и миризливите дуњи. Радознало ѕиркаат погледи на весели дечиња, немарно заиграни по околните улички и ме враќаат во моето безгрижно детство, кога мислевме дека се што лета се јаде.
Селото – разгледница го поминавме и фрлив поглед од угорнината удолу. Уште една волшебна слика остана во мојата меморија. Белината на свежо – обоените куки и црвените покриви нежно гушнати со зеленилото останаа да ја пејат песната на незаборавот, а звукот се ширеше по грижливо обработените ниви распослани лежерно околу селото, во чии пазуви раснат вкусни овошја.
По кратко возење, идилично улулкана во мислите, стигнавме во селото Горно Количани. Се редат куќи лево и десно од патот. Стари ѕидини кажуваат неми сказни за стари времиња, а нови цигли се редат и вишат нови домови. Горно Количани се обновува со голема брзина. Катаден никнат нови куќи на темелите на старите, а се градат и сосема нови живеалишта. Селото добива нов свеж лик и се шири. Следи Црвена Вода во која се вишнее нова висока сребрено – бела џамија, со чешма на патот која срамезливо жуборка.
До Црвена Вода патот е добар ама по селото почнуваат маките на луѓето. Социјализмот одамна се ,, изеде”, а со него и здравиот пат. Луѓето за да стигнат до викенд куќите – и десно на патот до местото т.н. Преслап, на кое единствената продавница за мешана стока одамна е затворена, буквално ги ,, кршат” колите. Повеќе од три децении патот е сосема „изеден”.
Од мислите ме трга прашањето на сопатниците: ,, Ова е Китка, нели? ”. Да, од нашата лева страна се возвишува китнестата планина Китка т.н. по изобилието со разновидни лековити билки. Китка е североисточниот дел од најголемиот масив во Република Македонија, Мокра Планина што го сочинуваат Јакупица, Голешница, Караџица, Даутица… На запад Китка се граничи со Караџица (2473 метри), а на исток со планината Голешница, со највисокиот врв Лисец (1.588 метри). Највисока точка на Китка е билото Красна (1.565 метри), кое е вододелница на Маркова Река и Кадина Река. Планината Китка е многу богата со бука, дабови дрвја, леска и јасика што можеше да ги видиме возејќи се по патот доста бавно.
Во разговор со мештаните дознавме многу за бројните патеки на Китка кои се дел од трансверзалата ,, Македон” која има насока кон Солунска Глава ( 2.538 метри).
Лево од Преслап се дели патот за Планинарскиот дом ,, Китка”. Најпрво се возиме по земјен пат до Мостот на Кадина Река. Лево и десно од патот убава дабова шума, лисја зацрвенети, зажолтени ја бојат околината, заостанати цветчиња на кантарион жолтеат покрај патот и виолетови цветови на ситни билки, црвени плодови на шипка и засушени капини од долгата сушна година немо не следат по патот, а почесто гладни верверички претрчуваат пред колата качувајки се по угорнината.
Китка до китка. Иако е есен се зеленат ливчиња на мајчина душичка, срцева трева, дива маточина, троскот, теменуга, вишнеат веќе засушени стебла на лопен, див тимијан, млечна козица, див магданос, диво нане, боливач, шумска јагода, волнест бутин, париче, чичок, ајдучка трева, валеријана, див морков…. Ме ,, фати” страв од одронетите карпи што не следеа од десната страна на патот.
Властите се менуваат, а шумите неповратно исчезнуваат. Се чини дека никој не излегува од кабинетите да ја види жалната состојба во македонските шуми. Гранките, стеблата, трупците немо не следат цел пат… и молчат. Времињата ќе бидат неми сведоци за погромот, а новите урагани што доаѓаат ќе не ,,чукнат по глава” и ќе ни кажат: ,, Молчевте! Сега гледајте го филмот за животно дело”.
Кадина Река! Бистра убавица ромори испод мостот. Кадина Река е една од најчистите реки во Македонижа, барем во овој дел од течението. Бистрата убавица забрзано се спушта од планината Караџица удолу за да се сретне со помалата сестра Мала Река, пенлива, брза и беспрекорно чиста. Така пригрлени двете итаат кон Вардар. Околу реката неколку куќи завиткани во зелена одора стамено ги дочекуваат викенд гостите од време-навреме. Чади по некој оџак на дојденците од Скопје, последни мохиканци, кои не се откажуваат од природата и покрај лошиот пат. Десно од мостот на Кадина Река, величествено се издига Вила – хотел Принц.
Прекрасно опкружување, дрвени седала, мост на реката до хотелот, убаво катче за пиење кафе и јадење, лулашки и реквизити за детска игра. Жуборот на реката и шумот на лисјата го чинат сентиш моментот и те тераат да останеш што подолго на платото над реката. Рибник и се е можно.
Патнику! Застани и вода напиј се! Пишува над чешмата веднаш после мостот. Водата ја пиеш и пак сакаш да пиеш. Мојата тетка ја пие оваа вода веќе 36 години. ,,Прва љубов ми е. Еднаш ја пробав и вечно се врзав. Специјално одам и полнам вода, за во Скопје да пијам. Мека е и здрава. Лек за бубрези”- вели таа.
Мала Река или Борисово, укотвена во пазувите на Караџица, наречена по чичко Борис што ја основал населбата во шеесетите години по Втората светска војна, мирно лежи во раскошното зеленило, а под неа се слуша жуборот на истоимената река која брза на средба со Кадина Река. Мала Река е викенд населба со симпатични куќи.
Денеска населбата има стотина куќи. Голем дел од старите сопственици на куќите веќе не се живи. Многу викенд куќи се продадени. Лошиот пат и помодарството за летување во странство го направија своето. Општата негрижа за народните добра го зема данокот за испустување на убавите краеви. Оваа стокмена населба, стамено залегната по падината на Караџица, со чешма насреде селото ако може да зборува ќе каже за ударничките денови на многу вљубеници на природата што во шеесетите и седумдесетите години пожртвувано со ентузијазам ги граделе овие викенд-куќи. Десно се двои патот за Планинарскиот дом ,,Караџица”, висорамнината Бегово и Солунска Глава. Караџица е многу интересна планина (2.473 м метри надморска височина), со убави патеки за пешачење, прекрасната висорамнина Бегово Поле, на кое младите вљубеници на планината повеќе години наназад прават забава во месец јуни на отворено.
Бегово Поле е импресивна убавина над кое во облаци вишнее врвот Солунска Глава. На патот до Солунска Глава изнад Бегово Поле под карпите има вдлабнатини со вечен снег. На планината Караџица треба многу да се внимава при планинарење, особено во зимен период, оти има длабоки јами и до 100 метри со вечен снег и лед. Таму може да се најдат мечкини дувла, но и прекрасни карпи, убав поглед на Салаковите езера и прекрасна панорама на Поречието. Планината крие убавини, но и опасности.
Право продолжуваме оставајќи ги викенд куќите во зеленилото, клатејќи се по земјениот пат, раскопан од камиони, заборавен во времето. Луѓето што ги сретнавме на патот срамезливо велат: ,, Не се откажуваме од оваа земска убавина. Лош е патот, ама поубава природа нема никаде. Додека не држи здравјето, ке доаѓаме! Ако државата не води грижа за здравјето на луѓето, ние сами ќе се бориме! Одат во Швајцарија, гледаат дека на секое врвче има хотел, асфалтиран пат, луѓето сабота-недела се по планините, а овие нашиве ќе легнат на фотељите од избори до избори. Градовите ги бетонираа, природата ја запуштија. Еве, јас не љубам море, сакам планина”, вели постара жена потпрена на стапот. Другата жена што ја придружуваше ни кажа дека е страствен собирач на печурки.
,,Оваа година поради големата суша ги немаше печурките, ама поранешните години беревме во изобилие: вргањ, лисичарка, шампињонка… јадевме и конзервиравме за во зима. Овде водиме активен живот, береме капини, јагоди, малини, глог, дренки, разни чаеви и пиеме најубава вода. Китка е планина во раскош и лек за душата. Појдете на Големиот Водопад и сликајте го, угоре има уште неколку помали водопади“, рече 73-годишната витална жена.
„Да има добар, прооден пат, јас овде би живеела и во зима“, додава таа.
Се возиме по течението на Мала Река од левата страна. Над реката убави ливади обраснати со грмушки и млада шума од бука, леска, јасен и лешникови дрвја. Над ливадите се издига билото Османбегица обраснато во букова шума, а на врвовите има само трева. Таму е изворот на потокот што тече покрај куќата на Кондеви. На југ вишнее врвот Сипичан (1.789 метри). Врвот Сипичан, гледан од долината на Мала Река изгледа како да се бакнува со облаците, а белузлава измаглица му го гушка вратот. Величествена глетка. Густа шума, мечкини дувла, тесни патеки, потоци, капини, малини, боровинки, разновидни лековити билки го красат подножјето на Сипичан. Врвот Сипичан на Запад директно е поврзан со главниот јазол на масивот Мокра Планина, Бегово Поле и врвовите Пржал и Солунска Глава.
Пред величествената глетка на оваа магична планина останавме занемени. Бистри пивливи води шумолат на кратки стази, помали водопади удираат на карпите, мирис на диво нане ги дразни ноздрите, црвен плод на шипинка и црн на капинка надвиснал над патот, задоцнет цвет на риген-враниловка ти намигнува да го собереш за стомачна болка…
Каква планина!? Те влече пак да се вратиш! Да не ја заборавиш! Китка, планина на Боговите! Не постојат толку бои за да ја насликаш!?
Три куќи останаа мирно да лежат во густата шума. Две до реката и една вила погоре покрај која се лизгаше низ белите камења поток, оградувајки го имотот со водена ограда. Куќата беше како од приказната за Хајди, врамена во зелена шумска рамка, со три нивоа на беспрекорно чист двор, со чардак. Недопрена природа. Како во Швајцарија. Се се слеало во растежот на зеленилото.
Исечени дрвја ни го попречија патот кон Големиот Водопад на Мала Река, па моравме три пати да застанеме со џипот да расчистиме гранки и да продолжиме. Стигнавме на Големиот Водопад на Мала Река. Чиста вода румори и пее. Лешникови дрвја со по некој заостанат плод, китки диво нане, расцветана мента пиперита, опоен мирис …
Водопадот паѓаше од завидна височина и се пенеше во длабочината на карпата. Кога има многу врнежи водопадот е зачудувачки шумен и огромен. Знам оти сум била пред многу години на ова место. Бистра вода, ракови, пастрмки има овде, а малку погоре низа на помали водопади. Огромни букови стебла стражарат наоколу, леска, габер, лешникови дрвја, дрен, диви круши, диви јаболкници, а по ливадите шипка, глог, сливови дрвја…. Богатство од разновидна вегетација. Китка е волшебна планина, полна со илјада мириси на лековити билки.
Овде денот почнува со собирање чаеви, а ми завршува со берење капини. Кон крајот на јули имаше и малини, а малку порано миризливи шумски јагоди. Денот е краток за да ја изодиш планината. Таа те влече да ја шеташ. Ете! Толку е убава! Шуми реката, жубори потокот и те смирува, заспиваш на шумот на лисјата и отсјајот на светулките. Навечер небото е толку светло од ѕвездите што посакуваш долго да останеш и да го гледаш.
Китка е рајска планина со најубавите вкусови и мириси што господ ги стокмил за земјата. Мирисите на Китка се еликсир за вечна младост и создатели на позитивна енергија, регенератори на закржлавени мисли и поттик за креација.
Измореното друштво се закотви крај Мала Река на зеленилото помеѓу двете куќи до реката.
Домашна пита со спанак и сирење, кифлички со месо и печурки. Слатко од шумски капини и сок од дренки и неизбезниот коктел чај од билките на Китка… и тивка музика.
Дувна ветер и шумата се завиори. Златни лисја паѓаа во реката. Одблесок од сончев зрак ми падна на лицето и ги затворив очите. Шумолење и ромон на реката. Кој тоа може да го отсвири на виолина!? Сакам шума! Градовите заморуваат!
Сонцето пропадна зад планината Караџица. Денот се потроши. Со наполнети батерии тргнавме за Скопје со едно ветување: Пак ќе се вратиме!
Текст и фото: Родна Кондевска