Ни треба театар што нема да се гуши во лажни помпензности, туку модерен, слободен, гласен, европски, истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп вчеравечер свечено е отворен 52. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. На големата сцена од Домот на културата „Марко Цепенков“ традиционално беше врачена наградта за животно дело, што годинава ја доби академик Митко Маџунков.
Честитајќи му ја наградата, градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески истакна дека градот се гордее со Фестивалот кој е не само бренд на градот туку и на Македонија.
– Прилеп се гордее со фестивалот кој еве веќе по 52. пат се отвора. Се надевам деа прилепската и македонската публика овие седум дена ќе ужива во врвните достигнувања на македонските театарски куќи, изјави Ристески.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека му е задоволство што неговото прво официјално појавување во јавноста е токму на отворањето на МТФ „Војдан Чернодрински“. Најави дека Министерството за култура ќе продолжи да ја поддржува оваа врвна манифестација.
– Пред нас е 52. издание на Фестивалот „Војдан Чернодрински“, навистина импозантна традиција која засужува длабок респект. Повеќе од половина век е расадник, мотиватор и еден од клучните двигатели на македонското драмско творештво. За Македонија, фестивалот е особено важен бидејќи се презентира најдоброто од театрите, се вреднува домашната театарска продукција, а тој служи како платформа преку која театаарските работници се споредуваат, учат еден од друг и заедно ја градат театарската традиција и го развиваат овој важен сегмент на нашата уметност и култура. Министерството за култура ќе продолжи да го поддржува македонското драмско творештво како и Фестивалот. Тој останува во Прилеп и ќе се засили во функција на доближување на театарот до модерните светски театарски трендови, рече на отворањето на Фестивалот министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Нагласи дека Министерството ќе инсистира уште понагласено да се истакне улогата и статусот на творецот и на уметникот без да се инструментализира уметничката слобода.
– Ни треба исчекор од театар кој се гуши во лажна помпезност, кој замижува пред неправдите, до театар кој е жив, модерен, слободен, гласен, европски. Го прогласувам за отворен македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, рече Алаѓозовски.
На големата сцена од домот на културата Драмски театар од Скопје ја изведе првата од 12-те претстави во официјалната конкуренција за награди. Публиката ја виде претставата „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир во режија на Наташа Поплавска.
Синоќа, во чест на Фестивалот, во домот на културата „Марко Цепенков“ беа отворени изложбите: „Пејзажи на душата“ од Стефан Хаџиниколов и заедничката на Друштвото на ликовните уметници на Битола.
Денеска е богата фестивалската програма со три претстави од кои една во официјалната конкуренција. Од 19.30 часот во домот на културата, Македонската опера и балет ќе ја изведе „Марија Калас – час“, а од 21 часот пред црквата „Свети Никола“ во Варош, Културен центар скрб и утеха ќе ја изведе претставата „Патот“.
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, како втора претстава во официјалната конкуренција, на матичната сцена од 22 часот ќе ја изведе претставата „Фигурае венерис хисториае“ или „Љубовни пози на историјата“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска.
На годинашниов Фестивал ќе бидат прикажани вкупно 20 претстави од кои 12 се во официјалната конкуренција за награди