„На првата фотографија осуммесечниот Деки е сликан како се движи веднаш зад својата мајка во Националниот парк Маврово. Од февруари до јуни 2015 година движењето на овој рис го следевме и со помош на ГПС-ремче околу вратот. Така успеавме да утврдиме дека Деки е своевиден рекордер во однос на неговата индивидуална територија, која зафаќа 888 квадратни километри и двојно ја надминува онаа на неговите соседи, рисовите Мартин и Марко. На фотографиите е Деки како тинејџер (лево) и како возрасен рис (десно)“, наведуваат од Македонското еколошко друштво.
Истражувањата за балканскиот рис Македонско еколошко друштво ги спроведува 12 години во рамките на Програмата за закрепнување на балканскиот рис на територијата на западна Македонија.