Ругинце – „камено село“ заборавено од светот
Селото Ругинце, кривопаланечко, со години битисува без детска смеа, заборавено од луѓето. Жителите одат по три километри и на магаре носат вода за пиење.Ниту знак ниту патоказ, само кривулеститот земјен пат е најава за селото кое лежи распрскано по ридот. Патот почнува лево од автопатот кон Страцин, и едвај се насетува по поројните дождови кои однеле најголем дел од него. Ругинце – едно од „камените“ села во овој крај брои дваесетина трошни куќи. Лево нè пресретнуваат една до две куќи, па таму угоре по ридот уште неколку други.
Дедо Ѓеро седи во зачадената соба, во неговата куќа на крајот од селото. Ќумбето не му чини, а тој сиротиот се обидува ручек да направи. Низ малото камено прозорче влегува сноп светлина, единственото светло во темната соба од камен. Онаков стар, подгрбавен осамен со болно око, намамува тага во нашите очи. Овој човек веќе четири години нема со кого муабет да си направи. Како детска играчка, како нешто најскапоцено тој повеќе од педесет години чува голем овален керамички ќуп во темниот амбар, и со нескриена радост го крева резето од вратата на амбарот и го споделува со нас со нас.
Седумдесет и шест годишниот дедо Ѓеро е изненаден од нашата посета, оти жив човек со години не стапнал тука. Ни вели: „Што ќе гледате бре дедино. Младите сите избегаа, а старите изумреа. А јас тој сум еден што ме гледате и таков сум. Четири години како сум сам.“
Имаш ли бре дедо Ѓеро со кого да се скараш? – го прашуваме на смеа.„Има еден „бесник“ во долната куќа, што цело село на нозе го крева,“ одговара тој .
Во оваа пустелија, неговата зеленчукова и овошна оаза, во бавчата во дворот, му помага да се прехрани за да преживее. “Пиперките годинава господ ги навади. Јас неможам да работам”, ни вели овој подгрбавен старец. Допирајќи го постојано болното око, тој ни се жали дека ич негледа со левото око, со десното гледал малку, ама од скоро ни со него не гледа.
“Го крпев лани окото во Скопје, операција правев, ама ништо не успеа. Никој неможе да помогне, пак си боли”, вели тој додавајќи: “Боли, ама па срам ми е да одам да досадувам, се млади деца по болниците, правнуци можат да ми бидат, а јас да ги мачам на 76 години да ме лечат”.
Пред четири години, ни раскажува, му починала женичката, а двајцата синови во Куманово му живеат. Го прашуваме дали доаѓаат одвреме навреме да го видат. Вели: „Доаѓаат, доаѓаат еднаш во три години!“ Тажно подзамижува.
Четвороножното дрвено столче со наслон, излитено и издлабено од седење, креветот и ќумбето што чади се сè што дедо Ѓеро поседува во ова селско царство. И овалниот керамички ќуп во темниот амбар. Ги привикнуваме очите на темнината, и ни треба малку време додека го забележиме навален на темниот агол.
Ќупот кај дедо Ѓеро изгледа величествено голем. Ни го одзема здивот кога го здогледуваме во темниот амбар. Наклатен во ќошето, потпрен со камења одоколу за да не се струполи, е „мало богатство“ за дедо Ѓеро кој со години го поседува. Ни го покажува радувајќи се како мало дете, му помагаме да го подисправи – оти самиот неможе и ни раскажува дека му се наоѓа ќупов за разни работи: те комиње си става внатре, те жито.
Седејќи на железниот кревет и со едната рака, држејќи го ќупот раскажува оти бил пронајден од неговата мајка која пасела овци на околниот рид. Вели дека во селото има уште вакви ќупови, а во некои куќи ги имаат и по неколку!
Сличен, но помал ќуп наоѓаме и во дворот на тетка Драга. Таа си го користи во домаќинството и веќе е напукнат. Покриен со камена плоча, во дворот пред куќата, личи на вистински украс. Драга вели дека го наследила од свекрва .
– Немаат сите ќупови, кој има – има!, вели таа, раскажувајќи ни дека слушала од постарите дека ќуповите, кои се навистина огромни, биле со јажиња спуштани надолу по брдото. И таа како и дедо Ѓеро, верува оти горе на ридот некогаш имало некој град, во кој луѓе живееле, па веројатно ќуповите се останати од тогаш.
Додека пиеме кафе во домот на Драга, си муабетиме. Се се сведува на претпоставки. Гласно размислуваме дека можеби во ќуповите било чувано жито, кое потоа било закопувано на ридот, во земјата која како природен фрижидер го сочувала подолго време. Можеби пак, ни доаѓа напамет, дека за време на турско, кога бил собиран арач, селаните го криеле житото во ќуповите и го закопувале на ридот, за да сочуваат нешто за исхрана на своите деца. Тетка Драга молчеливо не гледа и вели : „Може имате право деца . И Ѓеро вели дека кога бил најден ќупот во него имало остатоци од жито.“ Драга раскажува дека некои луѓе од музеј скоро доаѓале, се распрашувале кај дедо Ѓеро за ќупот, сакале да го земат, ама тој не им го дал.
Селото е пусто , одамна нема детска смеа во него, оти нема ни училиште каде што ќе можат децата да учат. Старците што се останати немаат пензии : живеат од тоа што самите со две раце ќе го произведат. Драга живее во селото со својот сопруг. Има 60 години, ама од напорна работа се чувствува предвреме остарена . „Шеесетина години имам, ама неможам да одам. Нозете и рацете ме болат. Лекарите велат – реума мајче“, ни раскажува таа. Во селово ретко луѓе навраќаат, па секој што ќе дојде е добредојден за малку муабет.
Селото спие во тишина, ама мирна, блага, спокојна. Само повременото рикање на магарето се слуша. Кај селскиот кладенец, од кој локалното население полни вода ја среќаваме Јагода, 84-годишна старица. Таа вели дека веќе триесетина години како е останата сама без мажот, кој починал, според неа, од се уште неразјаснети причини. Ни се жали дека живее без никаква пензија, пет деца исчувала, а со тага се сеќава дека шестите – близначињата и починале по раѓањето. Седиме на ѕитчето на ограденото манастирче на сред село од кое тече лековита вода. Ни раскажува дека порано тука доѓале многу луѓе за да се лечат од секакви болести. Над лековитата вода виснала крушка и се истурила од раѓање мали тркалезни зимски крувчиња.
Лево од нас, стар камен крст го привлекува нашето внимание.
„Уште кога дојдов, девојчиште бев, а тие тука кај крстот на собор се собираа, на св. Петка. Но некој ден на празникот голема вода паднала, ги поплавила казаните во кои било подготвувано јадењето, и народот од страв престанал да се собира на ова место. Порано многу народ доаѓаше и од други села идеа, ама сега никој веќе не навраќа во селото. Имаше времиња кога во селово имаше стотина куќи, сега дваесет ако останаа. Само старците што неможат да одат и ги влечат нозете како мене,“ вели Јагода.
Таа ни раскажува дека порано имало врвулица по ридовиве… Секаков народ доаѓал. Често со автомобили од Куманово доаѓале луѓе кои барале злато, па пребарувајќи го прекопале цел рид, кој таа го нарекува Велестрана. Ни раскажува за ќуповите пронајдени на ридот, одамнешни.
Ругинце изобилува со крушки, камења и трње. Лево од манастирчето се наоѓа селскиот кладенец длабок 3-4 метри од кој црпат вода за пиење. Некои водата ја имаат доведено до пред куќите, а некои од старците на магариња одат повеќе од три километри дневно за да полнат вода за пиење. Понатаму по тесната патека забележуваме повеќе кладенци, камени корита за перење, како и камени и дрвени поила за стоката. Сето тоа од памтивек. Низ селото нè пресретнуваат камени градби со мали прозорчиња. Над вратата на една таква градба забележуваме вдлабнатина во ѕидот – можеби некогаш тука го криеле кесето со златниците, ни поминува низ глава оваа мисла.
За камените градби на врвот на ридот селаните велат дека се од град, кој порано постоел и во кој живееле некои други луѓе, кои во нивната замисла се неверојатно силни и вешти мајстори. Дедо Ѓеро ја почешува старечката брада и вели : „Тие луѓе, овие огромни ѓумови ги носеле на раце, како што ние ги носиме бардачињата. Па можете да замислите, што народ бил тоа.“
Лаички ги разгледуваме камените зданија на ридот, под кој се протегаат пространи зелени ледини и пасишта. Одвреме на време наидуваме на еден метар високи оградени камени оградени простори. Ги има речиси насекаде по ридот. Можеби се бачила или мали бавчи направени од селаните, кои ги оградувале со камења за да ги заштитат од стоката што пасела наоколу. Ја прашуваме тетка Драга за нив, а таа незнае да ни одговори. Вели дека не ја држат нозете и дека никогаш не се качила на ридот, ниту пак, видела што има таму. Дедо Ѓеро нè следи и нè подиспраќа по калливото патче на заминување.
Го оставаме со ќупот, магарето и самотијата. Иако стар, ама оди па дури и поттрчнува, подавајќи ни јаболка и дуњи од дворот. Она што господ му дал за да преживее. Нè испраќа со погледот кон кривулестата патека кон ридот и се враќа на зачадената соба, на тишината и молкот, оставајќи ни ја длабоко во душата неговата последна желба: да го сликаме со бабата за последен пат, мислејќи на заедничка слика со гробот на неговата почината животна другарка.