Старнавски се спушти на длабочина од 240 метри во пештерата Врело
Светски познатиот нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска го урна рекордот во длабочина и се спушти 240 метри во подводната пештера Врело на Матка. Старнавски во придружба на неговиот тим и со поддршка од домашните спелео- нуркачи од клубовите Акватек и Врело од Скопје, по повеќе од пет часа успеа да ја освои оваа длабочина, користејќи специјален систем за подводуркање наречен ребридер.
– Матка Врело е извонредна пештера со кристално чиста вода и огромни галерии. Со помош на македонскиот тим од нуркачи, предводени од клубот Акватек, направивиме истражување на пештерата до 240 метри во длабочина и повеќе од 800 метри во должина, после кои утврдивме уште многу можности за понатамошно истражување во следна експедиција. Јас сум во потрага по најдлабоката пештера во светот, а Матка Врело има голем потенцијал да стане најдлабоката пештера истражена од човек – изјави Старнавски.
Минатата година Старнавски стигна до 230 метри длабочина со што го сруши рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати кој во 2010 година стигна до 212 метри длабочина. Пештерата Врело на Матка неколкупати досега е истражувана од страна на домашни и странски нуркачки експедиции, но и натаму не се знае точно до каде се простира и на колку метри е нејзиното дно.