Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново спасена од пропаѓање
Долгогодишното пропаѓање на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново која датира од 12 век е запрено. Министерството за култура и Владата обезбедија средства во висина од почетни 2.500.000 денари, со кои во текот на годината ќе се изведат активности за изработка на Основниот проект за архитектурата во завршна фаза, ќе се спроведе административно одобрување на основниот проект за архитектурата, а ќе се реализираат и неколку фази од непосредната заштита: демонтажа на покривот, конструктивно зајакнување, конзервација на ѕидни платна и демонтажа на времениот покрив.
За разлика од минатата година, кога преку Заводот и Музеј Битола за активностите во Курбиново имаше обезбедено средства во висина од само 1.000.000 денари, ова преставува значајно зголемување на средствата и можност да се реализираат повеќе значајни зафати на реставрација.
Во изминатиот неколкумесечен период, по барање на Министерството за култура, посебна Комисија формирана од Национален конзерваторски центар – Скопје спроведе ревизија на активностите за реставрација што се спроведуваа претходно во Курбиново.
Комисијата констатираше дека во изминатите години се направени одредени истражувања и зафати на архитектурата и живописот, но резултатот се бројни парцијални решенија, кои не успеале да ги решат проблемите. За да се отстранат сите процедурални и стручни недоследности во конзервацијата на фрескоживописот, Комисијата од Министерството и НУ Завод и музеј – Битола се договорија во понатамошната реставрација и во целиот процес да се вклучат и надворешни меѓународни експерти со врвни познавања на византиската фреско – техника, чиишто ангажмани ќе бидат во функција на подобрување на квалитетот на понудените предлози од аспект на конструкција и материјали, нивната компатибилност со постојниот автентичен конструктивен систем и директното влијание на фрескоживописот.
Овој тим ќе изработи Програма за истражувачки работи, ќе го организира нејзиното спроведување и ќе изработи Проект за конзервација на живописот, ќе подготви Проект за презентација на живописот во црквата, како и на живописот на западната, јужната и северната фасада, кој треба да биде усвоен од комисија составена од експерти за византиска уметност.
Во однос на температурата и влагата во црквата, ќе биде ангажиран климатолог кој ќе ги толкува добиените податоци и ќе предложи соодветни мерки во Проектот за конзервација и реставрација. Последна фаза на процесот ќе бидат археолошките истражувања и партерното уредување, што ќе се реализира по завршувањето на конзерваторско – реставраторските работи на архитектурата и фрескоживописот, најдоцна до крајот на 2019-та година.
Во годината посветена на европското културното наследство, дополнително се изострува нашето внимание кон преиспитување и унапредување на грижата кон нашето богато културно наследство. Курбиново особено, но и други важни објекти и знаменитости се запустени и оставени на забот на времето повеќе години. Наша недвосмислена намера е тоа да го спречиме веднаш. Културното наследство е наш врвен приоритет и ние со секоја наша постапка ќе дејствуваме во правец на поквалитетна и поавтентична заштита на нашето највредно богатство, со кое се гордееме во целиот свет, известија од Министерството за култура.