Monthly Archive: March 2016

Шарпланински приказни

Шара е една од ретките планински убавици која природата ја обдарила со вечно бели масиви. Планинските врвови кои 135 дена се покриени со дебел снег, во текот на летото се белеат од непрегледните стада овци кои одмараат распослани по километарските пасишта и ледини.
Снежната капа која планинските врвови ги покрива од доцната есен до раната пролет, надмоќно се надвиснува над Тетово – градот распослан во плодната Полошка долина. Како облаци на кои сакате да се испружите и да потонете во занесна пловидба по небесните пространства, овие планински масиви застрашувачки недогледливи, и диви и питоми, мамат за постојано освојување на височините, оти зад секоја карпеста белина се појавува друга, помоќна, недопрена, како снежен тепих ткаен со момински раце. Тој мами да се шара по него со трагите од стапалките кои тонат во меката снежна покривка, налик на белузлава пена.

Ноќите на Бистра

Ледена капа ги обвиткува далечните планински врвови надвиснати над Мавровското езеро. Височините на Кораб, Шара, Дешат и Бистра надмоќно стражарат над Маврови Анови и Маврово, а далечниот шум на дивите кози, срните, мечките и рисовите ги будат дамарите. Тука малите прозорчиња светкаат во ноќта, разбивајќи ја на места темнината и правејќи чуден отсјај во езерото. Патеките осветлени во ноќта ги мамат скијачите за уште едно спуштање по снежната белина.

Предизвик за ловците на трофеи

Македонската колоритна природа изобилува со растителни и животински видови, кои ги задоволуваат и најистенчените вкусови на искусните ловци, но и на обичните туристи во потрага по авантури. Распослана во централното подрачје на Балканскиот Полуостров, испреплетена со високи планински врвови, кои достигнуваат до 2800 метри надморска височина, и питоми котлини и долини, Македонија во своите шумовити делови е дом за најзразлични видови дивеч.

КРИТ – Убавина на која и боговите и се восхитуваат

Овој остров надарен со природа, толку див и кроток, контрастен и многулик е спој на цивилизации, лулка на богот Зевс, татковина на сликарот Ел Греко, писателот Никос Казанѕакис и државникот Елефтерос Венизелос.

ГАЛИЧИЦА- планинска убавица заробена меѓу две езера

Заробени меѓу темносините водени пространства на најголемите туристички атракции во земјава – Охридското и Преспанското Езеро, изронуваат и се возвишуваат џиновските врвови на планината Галичица. Во своите длабоки долови и стрмни падини, надвиснати и заплискувани од езерските води, варовитата убавица Галичица нуди рекреација за вљубениците во природата, предизвици за планинарите, обележани патеки за велосипедистите, стази за скијачите, како и пространи ледини со изобилство на лековити билки.

Дојранското езеро рибарска лулка со лековита моќ

Утрински крајезерски прошетки по песочната плажа, сончање и пливање во најтоплите води на јужниот дел од земјава, кои од другата страна ги заплискуваат и грчките брегови, дегустирање на домашните специјалитети и посебниот вкус на дојранскиот крап, уживање во езерската тишина, спортување на крајбрежјето и кампување под крошните на столетните дрвја, се само дел од благодетите кои ги нуди едно од трите природни реткости во земјава – Дојранското Езеро.

Брајчино – најеколошка оаза во Преспа

Низ Брајчино треба да се прошета пешки, да се впие, а не да се уништи природата. Доволно е само да ги оставите трагите на вашите стопала, а да ги земете сеќавањата со вас. А она што ќе го задржи вашето внимание се петте цркви и манастирот кои се наоѓаат околу селото.

Бостон- смарагден ѓердан во Масачусетскиот Залив

Ирски паб „Црна роза” (Black Rose). Кучиња и велосипеди не се дозволени, пишува зад влезната врата на пабот. А однатре допираат звуците на фина жива свирка, се пие пиво од големи кригли, две двојки играат ирски танц зад нас, музичарот весело и се насмевнува на Луси од првата маса. И забавата почнува…

Египет – патување низ вековите и тајните лавиринти на пирамидите 

Звуци од минатото, магична светлина и музика од длабочина со која се доловува духот на древните времиња. Историјата на Египет како флешови минува пред нашите очи, заслепени од величествената слава на кралевите. Гласот од длабочината ги буди дамарите во телото и по неколку минути се претопуваме со тајните лавиринти на пирамидите, со стрелите кои смртоносно фучат низ главите на фараоните или пловиме по Нил на средба со богот на сите богови, господарот на сонцето, Амон Ра.

Translate »